ИТНА ЕВАКУАЦИЈА НА НАЈБЛИСКИТЕ СОРАБОТНИЦИ НА БУЈАР ОСМАНИ Во „шарената дружина“ кандидати за амбасадори нема што нема
Остра реакција на Македонскиот дипломатски синдикат на номинирањето на петнаесеттина нови кандидати за амбасадори.
Од извори блиски на Владата дознаваме дека на нејзината вчерашна седница биле номинирани, „поминати“ во дипломатски жаргон, петнаесетина кандидати за амбасадори. Првичната анализа, гледајќи ја листата која треба да е сѐ уште затворена за јавноста, а протекла на повеќе места, кажува дека пристапот на Владата е сѐ помалку критичен, а се повеќе пазарно ориентиран.
Ова се вели во реакцијата на Македонскиот дипломатски сидникат, озаглавена како „Кога бродот тоне, се знае кој прв бега“ и потпишана од амбасадорот Зоран Дабиќ.
Дипломатијата, барем според Владата останува „машка работа“. Речиси сите кандидати за амбасадори се мажи. Ништо од толку прокламираната родова рамноправност.
– Во „шарената дружина“, составена од професионални дипломати и политички назначувања, по кој знае кој пат имаме кандидат кој не говори ниту еден странски јазик, освен српскиот, со надеж дека за таму каде што е упатен нема да му треба друг. Еднаш избран кандидат за поранешниот ни главен град се преупатува на друга дестинација – дали истата ќе биде и последна? Номиниран е и кандидат што на социјалните мрежи, како директор на важна државна институција, покажал недостаток на одмереност и кавгаџиски однос кон соговорниците – се вели во реакцијата.
– Од „професионалните“ дипломати, номинирана е кандидатка за престолнината на Брегзит, една од малкуте жени, а можеби и единствена номинација, која во јавноста е запаметена по штиклите во кал и приватно возење со хеликоптер на АРМ, како и по тоа што била галениче на поранешна министерка за одбрана. Внатре во МНР, таа, пак, ќе остане запаметена од колегите по емотивните изблици уште во првата недела по враќањето во МНР на висока функција во чувствителен сектор и масовно напуштање на вработените од нејзиниот директорат.
– Тука се и еден вечен конзуларец, инаку вујко на долгогодишен министер во клучен ресор во екот на финансиската криза, без никакво искуство во политички работи, кој една деценија се заборави во странство по конзулати; еден анонимен дипломат од средно-ниско ниво, сопартиец на министерот, кој за награда што прифатил да биде член на Работната група за менување на Уставот за возврат е номиниран за амбасадор во „тешка“ држава каде што односите помеѓу најортодоксните христијани и муслимани се со децении супер затегнати; како и еден кандидат што целата своја кариера ја има посветена на ЕУ, но е изненадувачки номиниран за една скандинавска држава, како очигледна компензација за тоа што партиски кадар на ДУИ му го „зел“ местото и е веќе упатен во македонската Мисија при ЕУ во Брисел.
– Ваквата итна „евакуација“ на најблиските соработници на господинот Османи упатува на заклучок дека бродот на Османи полека почнува да се полни со вода, а времето на мирна пловидба истекува. Првите појаси за спасување се фрлени – се вели во реакцијата потпишана од амбасадорот Дабиќ.
Како што е познато, ВМРО-ДПМНЕ веќе ги објави имињата на можните идни македонски амбасадори. Никола Тупанчевски заминува во Белград, а Андреј Жерновски во Букурешт. ВМРО-ДПМНЕ за Тупанчевски вели дека не знае странски јазик. ВМРО-ДПМНЕ го спомна и Емил Крстевски, „познат во јавноста како директор што од службен фејсбук профил се заканува и навредува македонски граѓани„. Тој ќе биде амбасадор во Прага, а неговата сопруга Сања Зографска – Крстевска е се уште актуелен генерален конзул на Македонија во Мелбурн, обвини опозициската партија.
Во врска со овие шпекулации се огласи и МНР, со оценка дека „јавното шпекулирање на ВМРО-ДПМНЕ со информации од затворена седница, не само што претставува грубо кршење на законот, туку претставува дипломатски скандал со кој се минираат државните позиции, нанесувајќи притоа ненадоместлива штета на меѓународниот углед на земјата“.