ИТАЛИЈА НА РАБОТ НА РУДАРСКИ БУМ Ќе ги реактивира старите и итно ќе отвора нови рудници

Со новиот Законот за критични суровини проектите фокусирани на екстракција, преработка или рециклирање на критичните суровини сега се сметаат за „итни“, а дозволите треба да се издаваат во рок од 18 месеци.

1,439

Италија е на работ на рударски бум, додека државата се подготвува да ги искористи своите богати резерви на критични суровини.

Во август, италијанската влада направи решителен потег со усвојување правна рамка насочена кон ревитализација на рударската индустрија во земјата. Оваа рамка беше втемелена на 6 август, кога италијанскиот Сенат го усвои Законот за критични суровини, клучен дел од законодавството дизајнирано да ја подобри набавката и рециклирањето на критичните минерали.






Новоодобрениот закон воведува пакет мерки кои ги поедноставуваат процесите за добивање рударски дозволи и концесии. Според оваа регулатива, проектите фокусирани на екстракција, преработка или рециклирање на критичните суровини сега се сметаат за „итни“, а дозволите треба да се издаваат во рок од 18 месеци. Овој потег е дел од пошироката стратегија за повторно активирање на неактивни рудници низ целата земја, усогласувајќи се со Законот на Европската унија за критични суровини, кој беше усвоен во март.

Оваа иницијатива ширум ЕУ е камен-темелник во напорите да им се овозможи на европските индустрии да се натпреваруваат со САД и Кина во обезбедувањето пристап до стратешки виталните суровини неопходни за зелените технологии.

Италија е дом на значајни резерви на минерали од клучно значење за зелената и дигиталната индустрија, вклучувајќи литиум, кобалт, никел, бакар, цинк, берилиум и волфрам. Препознавајќи ја стратешката важност на овие ресурси, владата на премиерот Џорџија Мелони даде приоритет на домашното извлекување за да ја намали зависноста од увозот, особено од земји како Кина.

Едно од најперспективните области за ова оживување е истражувањето на литиум, особено во регионите Тоскана и Лацио. Вулканските езера во Италија станаа централни точки во потрагата по ова „бело злато“, клучна компонента во батериите на електричните возила. Владата веќе одобри истражување на литиум во Тоскана, а до крајот на минатата година ги прошири овие дозволи и на Лацио. Имено, австралиската Алтамина неодамна обезбеди дозволи за истражување на геотермалните извори на литиум, лоцирани приближно 1,5 километар под зелените полиња околу езерото Мартињано, во близина на Рим.

Покрај овие домашни напори, Италија започна соработка со Германија и Франција за зајакнување на набавката на критичните суровини. Заедно, овие три земји – сочинуваат речиси половина од БДП на ЕУ – се посветени на подобрување на размената на податоци и соработката во екстракцијата, рафинирањето, преработката, рециклирањето и почитувањето на стандардите за животна средина, социјални и управување (ESG). Оваа трилатерална соработка е клучна бидејќи европските индустрии се снаоѓаат со предизвиците на зелената транзиција.

Со овие законодавни и кооперативни напори, Италија се позиционира како клучен играч во европскиот рударски сектор, подготвена значително да придонесе за зелената и дигитална иднина на континентот.

Ќе го следи ли Македонија примерот на европските држави?

Македонската рударска индустрија вчера го одбележа Денот на рударите со низа свечености во чест на рударите. Но, податоците во надлежните институции покажуваат дека државата не го користи својот рударски потенцијал.

Експертите очекуваат ова да се промени откако беше формирано Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини со кое рударската индустрија би го добила заслуженото внимание и за доброто на државата и граѓаните ќе се искористат позитивниот моментум во Европската Унија и можностите за развој на рударството кое може значително да придонесе за економски раст.

Ресорната министерка, Сања Божиновска вчера по повод празникот истакна дека инвестиции во рударството се потребни и треба да ги има.

– Но, важно е континуирано да се стремиме кон подобрување на условите за работа и инсистираме на целосна примена на стандардите за заштита и здравје при работа. Партнерството со приватниот сектор од индустријата е исклучително важно. Делење на исти стратешки цели, при што позицијата на вработените, модернизацијата на работните процеси и заштитата на животната средина ќе бидат приоритети кон сѐ што ќе работи ова министерство. Само на тој начин ќе бидеме на сигурната страна дека се стремиме кон позитивни промени во секоја смисла – рече Божиновска.

Во Македонија нов рудник се нема отворено изминатите 40 години. Наспроти фактот што земјава поседува голем дел од критичните минерали по кои трага Унијата, инвестициите во рударскиот сектор во Македонија се соочуваат со низа пречки.

 

Поврзани содржини