ИСТРАЖУВАЊЕ: Шефовите уште „паѓаат“ на лојалност, а не на продуктивност
Научниците ѝ дале име на оваа појава на преправање. Ја нарекле „презентизам“. Вие „презентирате“ дека нешто сте сработиле во тие долги часови и шефот тоа го „купува“. Бидејќи сте лојални. Не е битно дали работите во канцеларија или од дома заради короната.
Ако пандемијата нè научи нешто во врска со работата, тоа е дека не треба да дремеме долги часови во канцеларија за да бидеме продуктивни. Но, зошто тогаш шефовите уште „паѓаат“ на долги часови, а не на продуктивност? Статија на ББС ни нуди конкретни одговори.
Корона-кризата завршува, а шефовите низ цел свет ги викаат своите вработени назад во канцеларија. Тоа е потсвесно, велат научниците. И вработените го имаат чувството дека треба да се таму. Во Велика Британија дури 54 отсто од нив се чувствувале должни физички да дојдат во канцеларијата во одреден момент, иако не морале, истражува компанијата за човечки ресурси АДП.
Да се вратиме назад во времето, пред пандемијата. Тогаш луѓето работеа минимум 40 часа неделно да ги импресионираат своите шефови. Во Македонија, луѓето остануваат после работа, седат секоја втора сабота на дежурство иако најчесто и нема баш работа – а, штом влезе шефот, тие се преправаат дека работат. Не е битно што е сработено, туку дека сте лојален. И на шефовите тоа им се допаѓа.
Научниците ѝ дале име на оваа појава на преправање. Ја нарекле „презентизам“. Вие „презентирате“ дека нешто сте сработиле во тие долги часови и шефот тоа го „купува“. Намерно, или не, постои преќутен договор меѓу вас и него.
Пред да дојде короната, било направено истражување во Велика Британија кое покажало дека презентизмот е огромен во канцелариите. Над 80 отсто од испитаниците рекле дека тој постои во нивната фирма. Секој мора да „презентира“ што има сработено, без разлика колку. Се разбира, товарот ќе падне на работливите, а не на мрзливите иако и едните и другите ќе останат прекувремено.
Зошто шефовите сè уште паѓаат на „презентизам“
Други истражувања велат дека шефовите уште паѓаат на презентизам бидејќи тој се задржа и кога се работеше од дома. Само што сега презентацијата стана „дигитална“: луѓето работат подолго од кога било, одговарајќи на е-пошта и пораки во сите часови од денот за да покажат колку се „ангажирани“ пред екраните, на скајп или на зум сесиите со своите шефови.
Исто е и во канцеларија и пред лаптоп. Добри се оние „кои имаат време да се појават рано и да заминат доцна“, вели Бренди Авен, професор од САД. Некои велат дека е тоа научно. Кога почесто се гледате со еден човек, кога вашиот вработен е „видлив“ и „изложен“, имате повеќе шанси да помислите дека тој е од правиот ков за вашата фирма.
Но, како за кого. За постарите работници кои не знаат да ракуваат со компјутери, тоа значеше дека ќе бидат побавни. Ова го потврдува студија од 2019та која уште тогаш покажа дека тие стагнирале во нивната кариера. Од друга страна, што да кажат оние кои имаат деца и обврски и кои мораат порано да си заминат од зум сесијата со шефот? Дали и тие неправедно беа гледани како понеодговорни?
Заради „глумење“ се губат 35 часа неделно во Британија
Чудно ама, во екот на пандемијата бројот на работни часови се зголемил за цел половина час. Значи, работниците сѐ уште имаат потреба да се покажат, макар и дигитално.
Но, како да се измери кој е продуктивен во новите дигитални професии? Одговорот е едноставен. Шефовите нејќат да мерат. Тие сакаат да веруваат дека работниците произведуваат сѐ додека се присутни на работа – односно, на својата зум сесија.
И работниците загрижени за своите места во време на корона, им го даваат тоа. Заради нивното „глумење“ во Велика Британија се губат 35 работни часа неделно и огромни пари во бизнисот. А за оние кои останале над 50 часа неделно, продуктивноста едноставно опаднала.