ИСТА АФЕРА СО ДОСИЕЈАТА ЕПСТИН, ДВЕ СУДБИНИ Стармер е под притисок, Трамп „ќе преживее“

Досиејата на Епстин ја туркаат Велика Британија во политичка криза и го ставаат тамошниот премиер Кир Стармер под притисок за оставка, додека шефот на САД останува недопрен од истата афера, сугерира анализата на Си-Ен-Ен.

270

Објавувањето на досиејата на сексуалниот престапник Џефри Епстин е бура која директно го погодува британскиот премиер, додека го штити шефот на САД. Според Си-Ен-Ен, истата афера произведува дијаметрално спротивни политички последици во Лондон и во Вашингтон.

Наспроти Трамп, британскиот премиер Кир Стармер, кој никогаш не бил директно поврзан со Епстин, се најде во најтешката криза од почетокот на својот мандат.






Како што наведува Си-Ен-Ен, разликата не лежи само во имињата, туку во системите.

– Ова не е приказна за тоа кој е спомнат во досиејата, туку за тоа кој има моќ да го преживее скандалот – се наведува во анализата на Си-Ен-Ен.

Америка ја апсорбира аферата

Во Соединетите Држави, институциите засега ја затворија вратата за нови обвиненија. Министерството за правда на САД исоопшти дека нема основ за дополнителни кривични гонења поврзани со Епстин. Дел од референците за Трамп се оценети како рутински, други како непотврдени сведоштва без правна тежина.

Си-Ен-Ен оценува дека Трамп ја користи својата најсилна политичка алатка.

„Техниката на Трамп е да го преплави јавниот простор со толку многу конфликти и кризи, што ниту една поединечна афера не може да стане фатална“, се наведува во анализата.

Трамп јавно изјави дека е време земјата да се фокусира на други теми. Со оглед на неговата контрола врз Републиканската партија и врз институциите, таа порака има тежина.

Британската влада под удар

Во Британија, истата приказна добива сосема поинаков тек. Владата на Стармер веќе беше ослабена од внатрепартиски бунтови и пад на довербата. Аферата со Епстин ја влоши состојбата. Британските медиуми отворено пишуваат дека Стармер е под силен притисок да поднесе оставка доколку кризата продолжи да се продлабочува.

Си-Ен-Ен посочува дека клучниот проблем за Стармер не е директната врска со Епстин, туку политичката одговорност.

– Стармер плаќа цена за одлуките што ги донел, а не за пријателствата што не ги имал – наведува телевизијата.

Питер Манделсон, клучниот проблем на Стармер

Скандалот експлодираше преку случајот со Питер Манделсон од Лабуристите, партијата на Стармер. Новообјавените досиеја сугерираат дека тој одржувал блиски односи со Епстин и по неговата пресуда за сексуални престапи и дека можеби споделувал чувствителни информации за време на финансиската криза во 2008 година.

Во тоа време, Манделсон беше амбасадор на Обединетото Кралство во Соединетите Американски Држави, позиција што му овозможуваше пристап до највисоки политички и финансиски кругови во Вашингтон.

Манделсон поднесе оставка од Домот на лордовите и од Лабуристичката партија и се соочува со кривична истрага. Стармер јавно призна дека знаел за неговото пријателство со Епстин, но сепак го унапредил.

– Манделсон ја предаде нашата земја, парламентот и партијата – изјави Стармер пред пратениците.

Кралската димензија на проблемот

Си-Ен-Ен нагласува дека во Британија аферата има и морална, а не само политичка тежина. Кралот Чарлс Трети му ги одзеде титулите на својот брат, поранешниот принц Ендру, поради долгогодишното пријателство со Епстин.

„Тоа е чин кој покажува дека јавниот притисок во Британија сè уште има моќ да предизвика реални последици“, оценува Си-Ен-Ен.

Поврзани содржини