ИРИ: СДСМ со мала предност пред ВМРО-ДПМНЕ, по нив ДУИ, Левица и Алијанса и Алтернатива изедначени

Анкетираните граѓани најголема доверба му даваат на Зоран Заев - 10 отсто од нив, но во споредба со претходното истражување тоа значи пад за 3 отсто. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е на исто рамниште со 6 отсто од гласачите.

1,095

 

Доколку денеска се одржат локални избори, СДСМ би освоил 19 oтсто од гласовите, додека ВМРО-ДПМНЕ би имал поддршка од 16 проценти од гласачите, покажува истражувањето на територијата на Македонија, кое во текот на март годинава го спроведе Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).

Трета партија е ДУИ за која би гласале 8 отсто, а зад неа се Алијанса за Албанците и Левица со поддршка од 4 отсто од гласачите.

Не донеле одлука за кого би гласале 21 отсто, а 9 проценти кажале дека нема да гласаат. Пад на рејтингот имаат лидерите  Зоран Заев и Христијан Мицкоски.

Анкетираните граѓани најголема доверба му даваат на Зоран Заев – 10 отсто од нив, но во споредба со претходното истражување тоа значи пад за 3 отсто. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е на исто рамниште со 6 отсто од гласачите.

Раст на рејтингот се бележи кај Али Ахмети и Зијадин Села со по 5 отсто доверба. Раст има и кај  Димитар Апасиев со 4 отсто рејтинг, а во анкетата се најде и азилантот Никола Груевски со 4 отсто. Но, најголем процент всушност од анкетираните кажале дека немаат доверба во ниеден политичар, односно 13 отсто така се изјасниле. Како министер кој најдобро си ја врши работата е пласиран Венко Филипче.

На прашањето поставено на испитаниците од Скопје, за кого би гласале на локални избори, односно за чиј кандидат за градоначалник, од 744 испитаници  21 отсто се изјасниле за СДСМ, 16 отсто за кандидати на ВМРО-ДПМНЕ, 8 отсто за ДУИ, 7 отсто за ДПА и 4 проценти за кандидатот на Левица.

 






Но, 20 отсто од испитаните скопјани одговориле дека не знаат за кого би гласале, додека 10 отсто кажале дека нема да излезат на гласање.

Маргината на грешка, велат од ИРИ, изнесува 3,6 процентни поени.

По општини гледано, според расположението на граѓаните во март годинава, СДСМ би загубило во Ѓорче Петров, а ВМРО-ДПМНЕ не може да се избори во Куманово. Во Ѓорче Петров СДСМ губи дури 9 проценти во однос на претходните избори, односно 24 проценти гласот би го дале за ВМРО-ДПМНЕ, а 21 за СДСМ, но 2 процента губи и ВМРО-ДПМНЕ, со маргина на грешка од 6,3 процентни поени.

Во Куманово, пак, каде СДСМ би било во водство, сепак речиси сите партии имаат загуба на рејтингот, а најизразено е кај ВМРО-ДПМНЕ со дури 8 отсто. Според ИРИ, извесно е дека СДСМ би однела победа за градоначалник и тоа со 28 отсто од гласовите, наспроти ВМРО-ДПМНЕ со 7 проценти и ДУИ со 4 отсто од гласовите.

Според анализираните резултати од анкетата, СДСМ е во предност во Штип и во Охрид, и тоа со 34 проценти од анкетираните во однос на избор на градоначалник, наспроти само 15 проценти за ВМРО-ДПМНЕ. Но, и процентот од 16 отсто кои се изјасниле дека нема да гласаат за никого не е за потценување. Во Охрид за градоначалник на Социјалдемократите би гласале 22 проценти, а за кандидат од ВМРО-ДПМНЕ 16 проценти, додека Левица би добила 3 проценти.

Алијанса за Албанците е во водство во Гостивар, а ДУИ во Тетово. Во Тетово 14 проценти гласот би го дале за ДУИ, но дури 12 проценти за СДСМ, со само 2 процента помалку би оделе Алијанса за Албанците и Беса, а ВМРО-ДПМНЕ би добила 8 проценти.

Во Гостивар, според резултатите од анкетата, највисок рејтинг има Алијанса за Албанците со 22 отсто, зад кандидатот на ДУИ би застанале 17 отсто од испитаниците. ВМРО-ДПМНЕ ужива поддршка од 10%, а СДСМ 8% од анкетираните гостиварци. Во Гостивар, биле анкетирани 284 испитаници, а маргина на грешка изнесува 5,8 процентни поени.

Според анкетата на ИРИ, граѓаните немаат висока доверба во локалните власти пред изборите што се очекува да се одржат во октомври. На прашањето дали би го поддржале реизбор на градоначалникот од нивната општина, над половина од испитаниците (53 отсто) рекле дека би требало да се избере друг кандидат.

Поголема грижа на граѓаните, барем во месец март, им беше епидемијата со коронавирусот како и проблемот со недостиг од вакцини, но секако и невработеноста. Односно, за 23 проценти проблем е невработеноста, а за 22 процента проблемот со пандемијата и вакцините.

Анкетата опфати 1.222 полнолетни граѓани

Поврзани содржини