ИНТЕРВЈУ Зарина Првасевда: Нуркам во музичките приказни на нашите предци!
Евгенија Здравевска, позната по псевдонимот Зарина Првасевда, е девојка која на несекојдневен начин се поврзува со македонската изворна музика.
Евгенија Здравевска, позната по псевдонимот Зарина Првасевда, е девојка која плени со нејзиниот славејски глас. „Распукала Шар Планина“ беше нејзината прва изведба преку која јавноста ја дозна, а за магијата да е уште поголема, песната ја отпеа токму на Шар Планина. По тој видео запис следеа уште многу други. Зарина освојуваше планини, а со песната ги освои и срцата на љубителите на традиционалната музика.
– Преку Вашите записи го негувате културното наследство во земјава, а тоа е нешто кое од ден на ден е сѐ повеќе загрозено од повеќе аспекти. Што мислите дека може да ги поттикне младите, а и постарите генерации, да ги зголемат интересите кон она што нашите предци го оставиле за нас?
– Често во религиите и другите учења од сличен карактер се споменува фразата „Не зборувај за Бога ни за својата верба ниту за идеите и принципите во кои веруваш и по кои живееш – туку биди пример за нивната примена“. Ова ми е еден од потсетниците на кои редовно се навраќам и по кои се водам и во однос на музиката со која се занимавам и за животот воопшто. Се трудам, јас како капка во морето, да придонесувам колку што можам за традиционалната музика и за културното наследство, во склад со своите можности и капацитети, со верба дека можеби и ќе бидам мотив за некого од мојата генерација или било кој, некој кој не бил таму да добие желба да нурне низ музичката приказна на нашите претци. Колку ќе успеам, ќе провериме подоцна низ животот.
– На социјалните мрежи, имате илјадници прегледи и прекрасни коментари за вашите изведби. Какво е чувството да знаете дека со музика сте сплотиле цел еден народ?
– Навистина е прекрасно чувството и верувам дека е највозвишена форма на аплауз за секој артист е реакцијата на публиката, а пак уште ако е позитивна несомнено е чист благослов.
Она што многу ме радува е што ако ги листате коментарите, претежно сите се базираат на чувствата и на емоциите кои ги доживеале слушајќи, а тоа е истото што мене ми се случува секогаш кога доаѓам во контакт со оваа музика. Тоа значи дека она што сакам да го искомуницирам со публиката им доаѓа во соодветна форма на истиот начин на кој јас го живеам, а тоа за мене како изведувач е од суштинско значење, подеднакво како и квалитетот на врската кој го остварувам со нив низ целата оваа приказна .
Ние со брзината на темпото и начинот на живот кој ни се наметнува во ова време во кое живееме, како да подзаборавивме да се обединуваме на основа на емоција. Јас сум благодарна што го имам подарокот преку песната да потсетам и ако успевам да сплотам на таа основа, тоа е сериозен комплимент и достигнување за ова мое постоење.
– Имате поврзаност со неколку различни места во Македонија, Демир Хисар, Битола, Скопје, а голема љубов ви е охридско Љубаништe. Дали има нешто посебно и автентично за овие места, а би сакале да го споделите со нас?
– Демир Хисар ми е родното место, Битола ми е тинејџерското прибежиште, Скопје е допирот со светот на возрасните, а Љубаниште ми е потсетник на мирисот на безгрижноста на детството, лепче со паштета, милиони убоди од комарци, модри усти и издраскани коленици, мусаката на баба и дедо, мирот на зајдисонцата на тераса, бегството од стршни и смокови, следење на патот на желките по Галичица, свежинката после летен дожд , детски џагор и мноооогу музика.
– Што од македонските традиционални инструменти знаете, а што сакате да научите да свирите?
– За жал, освен своите удиралки , дефовите, засега не свирам ниту еден друг инструмент, но ајде да видиме на каде ќе носи животот, не ја исклучувам можноста во иднина да дадам шанса на своите инструменталистички потенцијали.
– Додека ги собиравте песните за албумот, претпоставувам дека поминавте многу места и разговаравте со многу луѓе. Дали има некоја посебна приказна која сте ја слушнале или случување кое сте го доживеале, а ви оставило посебен впечаток?
– Мене луѓето ми се најголема инспирација, нешто што ми дава животна сила. Љубовта која си ја разменуваме , искуствата кои ги споделуваат со мене, се навистина бесценети. Песните од овој албум се збир од споделени чувства и доживувања, некои од нив се од терен, некои сум ги слушнала од пријатели, седенки и слично. Но, во целост, овој албум е збир од многу приказни кои сум ги слушнала и искусила. Приказните од возрасните, од бабите и дедовците, за нивното време и текот на животот, ми се секогаш фасцинантни, како да ми прават прошетки низ времето. Многу се, не би издвојувала, но оние љубовните и начинот на кој ја соопштувале и споделувале е чиста магија.
– Поврзувањето на планината и изворната музика е нешто по кое сте автентична за нашиот народ, а и пошироко. Дали имате одредена македонска планина која би ја одвоиле како Ваша омилена и песна која Ве потсетува на истата?
– Па кога човек удира било кој прст од раката подеднакво би го болело, а мене тоа ми е паралела и со љубовта кон планините, зошто сите ми се љубов на свој начин и неблагодарно би било да ги двојам било како. Секоја си носи своја убавина и дар, секоја ми донела некое специфично искуство. Не само планината, туку и природата воопшто. Мора да спомнам дека за да се осети благодата, би било убаво, иа, дури не е и задолжително, да се искачиме на некоја голема висина. Ако само дадеме фокус на природата што нѐ опкружува и липата што во градскиот тревник има што да ни каже. Важно е да го освестуваме контактот со природата, еве можеме да почнеме од она што ни е пред очи.
– Со нетрпение чекаме да слушнеме нешто ново од вас. Кога би можеле да ја очекуваме вашата нова песна, а можеби и промовирање на целиот албум?
– Радосно е дека одеднаш како да се будиме од „зимскиот сон“, се опоравуваме од целата ситуација, но морам да признаам дека барем мене одлично ми дојде оваа пауза и се чувствувам многу поенергично и поспремно од претходно за нови походи и многу музика. Спремаме издавање на првиот албум, несомнено и промоција и мислам дека летово ќе се памети, барем во моите дневници. Нема многу да зборувам и да откривам, но спремаме навистина прекрасни настани и со нетрпение чекам да си ја запознаам публиката и заедно да и се радуваме на музиката и животот!
До сега, од нејзиниот прв официјален албум, насловен „Ехо“, беше објавена и нејзината прва песна „Мори моме Солуненке“.
Зарина Првасевда на Инстаграм:
View this post on Instagram
(Автор на оваа содржина е Сара Митрички, учесник во обуката за млади новинари што ја организира Редакцијата на Плусинфо.)