Интелектуални гробишта
Македонија како држава и општество цели три децении негува немоќ и криминал, корупција и лага, неморал и манипулација. Тоа е, најкратко речено, сублимат на нашата кратка современа историја од 1992 година: државата е главниот генератор на спомнатите нешта, а општеството е „мекото тело“ со извонредна пропустна моќ само и исклучиво за овие „вредности“.
Македонската демократија, стара одвај три децении, во споредба со некои европски демократии, па и САД, е само гологазо новороденче. Од неопходните „пелени“ го има единствено оној Устав, па и тој толку пати избербатен од коекакви валкани политикантски играрии. Законите, наводно демократски, не вреди ни да бидат спомнувани бидејќи се толку пропустливи што низ нив поминува сѐ и сешто. Полека но сигурно, безмалку од самиот почеток, таа – македонската демократија – (о)станува само „мртво слово на хартија“ којашто секој политички токмак ја толкува како сака.
Затоа, ние денес не можеме да се тешиме ни со фразата дека Републиката односно демократијата се во криза. Не можат да бидат бидејќи – ги немаме! Па дури не знаеме ни дали сме ги имале.
Македонија како држава и општество цели три децении негува немоќ и криминал, корупција и лага, неморал и манипулација. Тоа е, најкратко речено, сублимат на нашата кратка современа историја од 1992 година: државата е главниот генератор на спомнатите нешта, а општеството е „мекото тело“ со извонредна пропустна моќ само и исклучиво за овие „вредности“. Затоа Македонија денес е таква каква што е и тоа што е – криминално коруптивен рај и политмафијашко Елдорадо! Републиката и демократијата денес ги „бранат“ ликови како Ахмети, Заев, Филипче…, па и оној Таравари, онаа Вервизоли, Дамева и Габер, Меџити и Георгиев…, сосе онаа подопашна „интелектуална“ клиентела како домашен политикантски регулатив и Шеќеринска како иден надворешновоен „стратег“!
Кому денес му требаат тие луѓе на јавната сцена кои од Македонија направија голем пазар на лаги и половни дребулии, на којшто на продажба е буквално сѐ: од политика до економија, од народ до држава, од идеологија до демагогија…? Заедно со политикантски флоскули и лаги во шарени пакувања и изданија: мали или големи, утрински или вечерни, загадени или „чисти“, флаширани или конзервирани, во говорен или текстуален формат итн. Сега и во (квази)демократски републикански и федерален!
Затоа, ми се чини дека почитуваната Колбе греши кога ни нуди соочување со минатото и „колективна терапија“. Нам во моментов тоа не би требало да ни биде приоритет, особено не такви „зафати“ по теркот на некои европски земји или Србија. Нам денес ни е неопходно соочување со сегашноста и актуелните собитија, ни треба час поскоро интелектуалнои морално прочистување. Затоа што Македонија низ овие три децении е претворена во интелектуални и морални гробишта, во криминална патологија и коруптивна демагогија, а македонското општество стана синоним за опортунизам, махинација, манипулација, Макијавелизам… итн., диктирани од разноразни интелектулани профитери – „професори“, кафеански новинарчиња и останатите од нивната банда. А сето тоа нема директна врска со минатото односно историјата.
Не сакам да кажам дека соочувањето со историјата воопшто не ни е потребно. Но како, и зошто, во некоја следна прилика. Или, подобро речено: кој денес е способен за таков умствен напор да се соочува со историјата – поблиска и подалечна – кога во земјата му владее интелектуален хаос и безнадежно политикантство? Сегашните македонски капацитети во секој поглед се сведени речиси на нула од страна на бескрупулозната политичка мафија и нивната интелектуална клиентела. Нормалните нешта во државава станаа недостапни, криминалците недопирливи, сегашноста конфузна…, па тогаш кој компетентно да се занимава со историјата? И каде и со кого да води евентуален дијалог? На пример со онакви бедни политиканти кои прогласуваат „југо-македончиња“ на полуписмен „српски“ јазик?! Или со оние возљубеници во нивната квази-историја која не признава македонска историја „без никакви допирни точки со историјата на бугарскиот народ“ (sic!).
А впрочем, видовме како изгледа и „соочувањето“ со историјата преку онаа т.н. Историска комисија, па и онаа претходна Комисија за лустрација, или преку првоодделенските историски испрдоци на оној Заев и пдф учебниците на онаа негова шушумига-министерка … итн. За сериозно соочување со историјата неопходен е стабилен систем и нормално секојдневие, отворен ум и независни медиуми. Ние ништо од тоа немаме. Од друга страна, како што покажува совремието, други имаат проблем со нашата историја. Ние помалку! Но, како што реков, за тоа во друга прилика.
Македонското интелектуално милје во поновата историја памети две насилни „прочистувања“: за време на познатото Информбиро (1948-1956) и во периодот на таканаречениот либерализам (1974). Првото беше сурово „прочистување“ преку крвава пресметка на комунистичката власт со поединците и групите во своите редови кои не ја осудиле т.н. Резолуција на Информбирото и дале поддршка на Сталиновата „линија“. И не само тоа туку пројавиле и други национални – некои велат националистички – аспирации, па го заговарале Солун наместо Срем итн.
Второто сепак беше релативно „помеко“ справување со либералните тенденции во седумдесетите години на минатиот век коишто отворено бараа демократски реформи во Сојузот на комунистите и во целото општество. И Македонија, како и другите тогашни југословенски републики – особено Хрватска и Србија – во тие „либерални“ чистки загубија значаен, речиси ненадоместлив интелектуален потенцијал.
Но тоа се минати времиња и системи со поинакви начини на справување со проблемите. И „проблемите“. По 1989 година, во една сосема различна идеолошка констелација, такви драстични насилија (Голи оток) или малку „помеки“ (исклучување од политичкиот но и општествениот живот на земјата), не се случувале. Впрочем, и не можеле да се случуваат имајќи ги предвид почетните импулси во демократизацијата на целото општество и политичкиот плурализам.
Во самите македонски партии таквиот или сличен тип на внатрешни пресметки имаше, но тоа сепак не може да се смета како форма на државно или општествено насилие врз поединецот односно оние кои мислат поинаку. Но, притоа, мора да се потенцира и фактот дека ниту една македонска партија по 1989-та година не се ослободи од некогашната комунистичка „цврста рака“ во раководењето со внатрепартиските работи. Тие искуства без пардон ги запишаа и во партиските статути, каде што владееше познатиот „демократски централизам“ во којшто немаше ама баш ништо демократско туку владее(ше) принципот на камшик во една рака.
За жал, тоа, подоцна – во случаи кога дел од тие партии добиваа власт да раководат со државата – се пресликуваше и во политиките на државно ниво! Политичките пресметки со поединецот, но сега на едно друго рамниште, (о)станаа дел од македонскиот политички живот.
Или, поконкретно: тие циклично се случуваа, во зависност од партијата односно коалицијата на власт и нејзините разбирања на политиката, или „политиката“. Но имаше и ригидни случувања, како на пример оној период на т.н. „антиквизација“ (2008-2016), којшто наметна поделби во сите сфери на општествениот и политичкиот живот, па и во редовите на интелигенцијата. Поточно, драстично го наметна принципот „со нас или против нас“ (којшто живуркаше и претходно, уште од 1989), особено во академските редови, и го издигна на ниво на „закон“.
Тоа пак едновремено значеше и обид да уништи сѐ што беше слободомислечко, политички независно, демократски ориентирано…, издигнувајќи ја на државниот пиедестал партиската припадност и верноста кон лидерот наспроти стручноста и компетентноста. Таквиот пристап наметна рововска интелектуална битка помеѓу (генерално) два „идеолошки“ противници, што пак резултираше во безмалку целосно маргинализирање – до замолчување! – на независниот и непартискиот интелектуален потенцијал во земјата. Оној пак крајно редуциран слободоумен интелектуален потенцијал што некако успеа да го преживее тој период, беше дотолчен од онаа „канибалистичка“ власт по 2017-та година, оставајќи интелектуални гробишта околу себе. Токму таа „прогресивна“ власт, според резултатите (поточно: „резултатите“) се покажува достоен – ако не и поуспешен! – наследник на „антиквизаторите“.
Освен, се разбира, ако некој навистина не ги гледа Заев, Шеќеринска, Филипче, Ковачевски, Грковска, Николовски, Османи, Ахмети…, и нивните партиски „интелектуални“ приколки како – интелектуалци!? Зашто токму низ призмата на нивниот шарлатански прогрес што требаше да го замагли нивното коруптивно владеење, успешно беше доуништено она малку што остана од демократскиот и интелектуалниот потенцијал на земјата.
Како сурогат, или некаков „интелектуален симулакрум“, тие – како во добрите стари времиња на удба – си инсталираа свој „интелектуален“ оркестар задолжен за пропагирање на нивните „успеси“ и нашиот „креативен“ пат, дома и во странство! И, се разбира, како и во старите добри (за нив) времиња, си добија свои „медиуми“, свои „портали“, свои „новинари“, свои „аналитичари“, свои „независни интелектуалци“…, кои ни ја прераскажуваа(т) веќе соџваканата медиумска приказна за сите успеси на оваа власт. Се формираа партиски „институти“, партиски „независни портали“, сега се бара партиска етно-академија…
И целата таа збирштина од ликови сѐ уште се врти по печатените и електронските медиуми и социјалните мрежи, гостува низ т.н. „дебатни“ емисии и слично, формирајќи некаков фамозен cordon mѐdiatique за поинакво мислење при што, со мали исклучоци, ќе ве фати страв, но и срам, од јавно презентираната глупост, ограниченост, незнаење, некомпетентност…! И навивање, секако. При што не знаете кој е понестручен, понекомпетентен, поограничен: гостите или новинарите. А вториве себеси и понатаму се гледаат како локални Кристијан Аманпур, Такер Карлсон, Андерсон Купер…, додека првите – па тие барем знаат дека се само клиенти со однапред добиена задача, иако глумата им е катастрофална!
И заедно и понатаму ги сервисираат овие интелектуални гробишта во коишто царува смртта на умот, упокојувањето на надежта, кастрацијата на иднината. Таа, иднината, како да е само нивна но не и наша, а нивното „интелектуално“ стадо продолжува да ја пустоши земјава без контрола и/или покајание. И секогаш туѓа а не нивна ќе биде манипулацијата, лагата, онаа некаква „самоубиствена измама која ја уназадува и изолира Македонија од напредниот свет“ – како што се обидува да нѐ „просветли“ едно кафеанско новинарче! – зашто само тие се фенерџиите на нашата иднина, Ние немаме право на неа. Па и на светлината. И таа е само за нив, „прогресивните“! Само нивниот (неморален) „партиски патриотизам“ е оној вистинскиот (другиот бил „евтин“!), и само нивниот (лажлив) збор овозможува исполнување на нашите сништа!
Се разбира, ништо од тоа не е така, и тоа речито го покажа довчерашното македонско секојдневие. А сепак квазипрогресивциве повторно без срам ги подучуваат „националистиве“ дека стартот им бил „катастрофален“ и ги направиле „сите гревови од десетте најголеми“ (sic!). Што повторно ме тера да се преиспитувам дали оваа клиентелистичка булумента се само бакалџии и бостанџии, квази-историчари и политиканти… или и маскирани оџи и попови кои преку Севишниот ја помагаат „прогресивната“ мисла во Македонија?
И токму тие се дел од таа смрдлива гробарска реа што ја заплиснува земјава цели три децении, таа нивна ужасна подлизурштина и лицемерие, лажливост и среброљубие како доминантна „религија“ во којашто се колнат. Оттука, барем во овој контекст, и вистинскиот пат што се самооткрива: неминовното „прекопување“ на овие инсталирани интелектуални гробишта во земјава како единствен можен излез од моралната беда и интелектуалниот срам! Тоа интелектуално и морално прочистување – не само во политиката (иако таа мора да добие примат!) туку во сите сфери на јавниот живот – ќе внесе свеж воздух во македонскиот јавен простор. Сличен можен репер се и досегашните обелоденети криминали, вклучувајќи ги и оние сељачки „шопинг“ малверзации на бивши министерки, тендер манипулации на директори на јавни претпријатија и слични криминално-коруптивни зделки на бившата власт и нејзините приколки.
Во таа насока, состојбата во целата ДКП мрежа и лечењето на етнофрустрациите на бившиот министер нуди широко поле за ангажман на органите за гонење, како впрочем и во културата, особено справувањето со оној „криминал на векот“ во филмот, на пример, но и во заштитата на културното наследство, во веќе безобразната преплатеност на превработеноста во театрите, во владеењето на кичот во визуелните уметности итн.
Не мислам дека тоа е лесна задача, но тоа беше едно од главните ветувања во предизборната кампања. Иако, и за жал, во таа предизборната кампања ниту една од партиите не ги спомна зборовите култура, образование, наука… А без нив нема држава – или барем нема интелигентна држава! – што пак ќе рече дека нема ни иднина. Освен ако иднината одново не ја гледаме како сопственост само на некои, но не и на сите. Тогаш, интелектуалниве гробишта само ќе се продлабочуваат, а цела Македонија дефинитивно ќе се престори во она „Скопје 2014“ – еден голем кичерајски споменик на македонската глупост!