ИНФЛАЦИЈАТА Е ПОНИСКА ОД МНОГУ ЗЕМЈИ ВО ЕВРОПА И РЕЧИСИ НА ИСТО НИВО СО РЕГИОНОТ Мицкоски очекува годинава таа да падне под 3%
Премиерот очекува негативна инфлација да се регистрира и во април.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува годинава инфлацијата да се движи под 3%, односно во рамки на проектираното.
Тој рече дека трендот на негативна инфлација ќе се почувствува и во април појаснувајќи дека лани владата имаше воведени посебни мерки.
-Во делот на храната, минатата година имаше „божиќна кошничка”, „јануарска кошничка” и така ќе биде и во април. Инаку ценам дека ќе се движиме во рамките на проекцијата под 3% на ниво на годишна инфлација оваа година – рече Мицкоски.
Тој споредувајќи ја домашната инфлација со онаа од регионот, рече дека семе на исто ниво.
– Кога ќе ја споредиме стапката, горе-долу е иста како во регионов. Освен во соседна Србија каде што е 2,2 – 2,3 поради тоа што они имаат мерка, онаа мерка со ограничување на цените на производите. Првиот момент кога ќе ја напуштат таа мерка, тогаш сето ова ќе се нивелира и наеднаш ќе имаат пик, бидејќи ние тоа го видовме една година пред они тоа да го имплементираат и затоа одлучивме преку други механизми да се бориме против инфлацијата -рече Мицкоски.
Мицкоски рече дека во однос на другите земји македонската инфлација е далеку пониска.
-Да речеме има држави во Европа како што е Романија, каде што инфлацијата во јануари е 9,8%, има Турција каде што е двоцифрена инфлацијата, преку 30%, соседна Бугарија, Хрватска и така натаму, да ги редам, голем број примери во Европа, каде што инфлацијата е многу поголема од таа што е кај нас – рече тој.
Државниот завод за статистика објави дека јануарската инфлација е намалена за о,7%.