Индискреционен деликт
Во договор со Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, Плусинфо повремено ќе преобјавува делови од негови колумни објавени во дневниот весник „Дневник“. На тој начин, освен што ќе ги освежиме сеќавањата на овој исклучителен интелектуалец, сакаме да придонесеме и за активностите на Фондацијата која го продолжува неговото благородно дело.
РЕПРИНТ (Објавено во „Дневник“ на 29.04.1998 година)
На времето, во заедничката татковина, професорите по кривично право од правните факултети секоја година организираа т.н. „интеркатедарски состаноци”: сврзувајќи го корисното со пријатното, се дружевме, читавме реферати, дискутиравме, одевме на излети, а имаше и заеднички свечени вечери. На нив, пак, обично „се евоцираа спомени” од нашето дружење со студентите. На една таква средба во Сплит, за време на заедничката вечера, сега веќе одамна покојниот професор Богдан Златариќ (од Правниот факултет во Загреб), раскажа ваква, вистинита анегдота!
Испрашувам, вели, еден студент, и никако да се решам дали да го пуштам или не: нешто знае, нешто не знае. Конечно, како последна шанса, му давам уште едно прашање: индискреционен деликт! Момчето се фаќа за прашањето како давеник за сламка и се довива како што знае и умее, но тешко му оди. За да му помогнам, велам: оставете ги на страна дефинициите. Можете ли со еден пример да покажете дека знаете за што станува збор. Можам, одговара студентот и, како од топ, надоврзува: тоа е кога јас за вас би изнесувал или пронесувал дека имате љубовница!
Паднавте, колега, му велам: услов за постоење на кривичното дело изнесување лични и семејни прилики е да се работи за нешто што може да ми наштети на честа и угледот. На мои години (професорот имаше едно 65-66 години), со таква изјава вие никако не можете да ми наштетите. Напротив, многу е поверојатно е дека ќе ми го кренете угледот…
Иако никој не поверува дека студентот навистина паднал, зашто одговорот во основата е точен, духовитиот заклучок на професор Златариќ може да важи и за „случајот Глигоров”: ако на човек од 65-66 години не може да му наштети ваква афера, дотолку помалу тоа може да биде кога се работи за некој што наполнил осумдесет! (Дотолку и сум согласен со шармантниот колумнист од ДЕНЕС, кој, зборувајќи за „слабостите на претседателот”, по малу завидливо ги нарекува „импресивни способности”!).
Оваа подробност од законското битие на кривичното дело изнесување лични и семејни прилики (чл. 174 КЗ) ќе можеше да биде разумно објасние зошто г. Глигоров не тужи, ниту пак навестува дека ќе покрене кривично-правна тужба во врска со „гнасните шпекулации” на поединци од македонското политичко подземје (според реал-социјалистичкиот вокабулар на најревносните претседателски бранители): човекот е над сето тоа и не се обѕрнува на озборувањата, па, не сака ни да тужи (исто како Валери Жискар д’Естен, некогашниот претседател на Француската република, кој, иако имаше сто и една причина за тоа, никогаш никого не даде на суд).
Целата колумна прочитајте ја на следниот ЛИНК.
***
Сакате да продолжите со читањето на останатите 319 колумни? Обезбедете си примерок!
Оваа колумна е само една 319-те издадени во збирката наречена едноставно „Колумни“. Оваа книга, како и сите останати во издание на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, не се продаваат на „традиционален“ начин. туку се добиваат како благодарност за вашата донација. Финансиските средства обезбедени од донациите ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, што е една од стратешките определби на Фондацијата.
Инструкции за нарачување За да ја добиете оваа книга, кликнете на копчето Донирај на следниот ЛИНК и во полето за забелешка наведете ја адресата на која сакате да ви биде доставена книгата. Донирајте износ по Ваш избор во Фондот за школување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, а книгите заедно со автограм од авторот ќе Ви бидат доставени на Вашата домашна адреса. Забелешка: Можете да донирате износ по Ваш избор, но не помал од 1500 ден + поштарина. Поштарината за испорака во Македонија изнесува 130 денари. За испорака надвор од Македонија, контактирајте ја Фондацијата претходно.