🎥 ЏИМИ СТАНИЌ ПOМИНА НА СЦЕНА ПОВЕЌЕ ОД 70 ГОДИНИ, А СВИРЕЛ И СО ДИЗИ ГИЛЕПСИ Познатиот регионален музичар и пејач почина во 98-та година од животот
Го нарекуваа господин и вечен боем, а и по деведесеттата година не престана да настапува – зад себе остави песни, хумор и кариера каква што ретко се повторува
Стјепан „Џими“ Станиќ, еден од најпрепознатливите хрватски музичари и симбол на загрепската музичка сцена, почина на 30 август 2026 година, во 98. година од животот. Пејачот, гитарист, контрабасист, џез-музичар и забавувач зад себе остави кариера подолга од седум децении, а речиси до последните денови ѝ остана верен на сцената. Јавноста го памети по специфичниот длабок глас, шармот, хуморот и препознатливиот младешки дух.
Роден е во Загреб на 20 јануари 1929 година, а со музика почнал да се занимава уште како млад. Прво свирел тамбура, а потоа гитара и контрабас, инструмент кој ќе му донесе една од најнеобичните епизоди во неговата кариера. Во 1956 година, кога легендарниот американски џез-трубач Дизи Гилеспи настапувал во Загреб, неговиот контрабасист не можел да настапи, па Станиќ бил повикан да го замени и таа вечер свирел со еден од најголемите џез-музичари на 20 век. Подоцна се споменувало и дека Гилеспи бил толку импресиониран што сакал Станиќ да му се придружи во неговиот бенд.
Иако бил одличен инструменталист, пошироката публика најмногу го знае по неговиот глас и по песните што со децении беа дел од хрватската и регионална музичка меморија.
Меѓу најпознатите се „Kauboj Jimmy“, „Prolazi sve“, „Jutro će promijeniti sve“, „Kukavica“, „Moja kobila Suzy“ и „Dimnjačar“. Неговиот репертоар се движел од џез и свинг до шлагери, светски евергрини и духовити песни, а токму комбинацијата од музикалност и сценски хумор го направи најпрепознатлив. Хрватската енциклопедија го опишува како пејач со длабок и култивиран глас, но и како изведувач со исклучителен шарм и хумор.
Еден од најзначајните моменти во неговата кариера се случил во 2013 година, кога го добил Поринот за животно дело. Но, наградата не означила и крај на неговата кариера. Станиќ продолжил да снима и да настапува и по деведесеттата година од животот. Неговиот албум „91+“, снимен со оркестарот на Јосип Цвитановиќ, во 2021 година го добил Поринот за најдобар албум во категоријата забавна музика. Тоа беше уште едно признание за музичар кој одбиваше да се повлече само затоа што му поминале годините.
Посебно место во неговиот живот имаше сопругата Барбара, со која често настапуваше. Нивните заеднички изведби беа дел од препознатливиот свет на Станиќ, во кој музиката, хуморот и приватниот живот често се преплетуваа. ХРТ во своето сеќавање на музичарот го опиша како човек кој ја носел радоста кон музиката, луѓето и животот, а неговата сцена не била само место за настап туку негов природен простор.
Интересот за неговото дело продолжува и по неговата смрт. ХРТ најави дека на 4 септември, на Првата програма, ќе го прикаже документарниот филм „Jimmy“ од 2017 година, единствениот документарец посветен на неговиот живот. Филмот бил снимен кога Станиќ имал 88 години и го прикажува музичарот кој и тогаш, по речиси седум децении кариера, не размислувал за повлекување од сцената. Така, и по неговото заминување, публиката ќе има можност повторно да го види човекот кој успеа да остане дел од музичката сцена низ речиси цел еден век.