🎥 ДЕСЕТ АВТОМОБИЛИ ИЗГОРЕА НА НОВ БЕЛГРАД Станарите уверени дека тоа е дело на пироман
Пожарот избувнал околу 3:15 часот на паркинг на улицата „Јуриј Гагарин“, три возила целосно изгореа, а седум се оштетени; полицијата утврдува како настанала огнената стихија.
Десет автомобили изгореа или беа оштетени во пожар што избувна рано утрово на паркинг во Улицата „Јуриј Гагарин“ на Нов Белград.
Пожарот бил пријавен околу 3:15 часот, а според првичните информации, огнот најнапред го зафатил едното возило, по што брзо се проширил на автомобилите паркирани во непосредна близина. Три автомобили целосно изгореле, додека седум се делумно оштетени. Од целосно изгорените возила останале само јагленосани каросерии.
На местото на пожарот веднаш пристигнале противпожарни екипи, кои го локализирале огнот и спречиле негово понатамошно ширење. Засега нема информации за повредени лица.
Причината за пожарот сè уште не е утврдена. Надлежните треба да утврдат дали станува збор за случајно избивање на пожар, технички дефект на некое од возилата или намерно подметнување. За точните причини се очекуваат резултатите од истрагата и вештачењето.
Случајот, сепак, предизвика дополнителна вознемиреност меѓу жителите на овој дел од Нов Белград. Дел од станарите тврдат дека во нивното маало во последниот период се случувале повеќе случаи на палење автомобили и се сомневаат дека пожарот од ноќеска можеби е намерно предизвикан.
Според нивните тврдења, непознат сторител можеби дошол со кофа со гориво и намерно го запалил едното од паркираните возила, по што огнот се проширил на останатите автомобили. Овие наводи ги пренесуваат повеќе белградски медиуми, но засега нема официјална потврда од полицијата дека пожарот бил подметнат или дека е пронајдена кофа со гориво.