ИМАМЕ ЛУЃЕ ЗА СЀ, А ДРЖАВА ЗА НИКАДЕ Денеска е министер за едно, а утре за друго
Народ му дава шут-карта како најкорумпиран градоначалник во историјата на главниот град, а тие го местат за нов министер за транспорт. И после ти викаат: „Го слушаме гласот на народот“!?, реагираше лидерот на Левица, Димитар Апасиев, по најавата дека поранешниот градоначалник Петре Шилегов би можел да биде нов министер за транспорт и врски.
Малку ќе седнам на оваа министерска фотеља, малку на онаа, па малку ќе бидам вицепремиер, па градоначалник, а ако толку многу инсистирате, прифаќам и директорско место. Нема за што не ги бидува луѓето од власта. Од министер за образование во министер за правда, од министер за правда во вицепремиер за евроинтеграции, од градоначалник на Скопје во министер за транспорт и врски, од директор на Управата за јавни приходи (УЈП) во вицепремиер за борба против корупцијата…
Судејќи по реакциите на социјалните мрежи, вакво општо мислење преовладува во јавноста секогаш кога ќе се спомне новиот состав на владата, кој, во голем дел, содржи министерски рокади од еден сектор во друг, а вклучува и партиски кадри на клучни министерски и вицепремиерски функции, кои, за волја на вистината, не можат да се пофалат со некој голем успех што го постигнале на нивните досегашни позиции.
Ваквиот начин на составување нова влада, односно ротирањето на истите луѓе од една на друга позиција, граѓаните го споредуваат со препознатливиот балкански феномен: „мајстор за сè“.
„Кога ќе ми се расипе автомобилот, веднаш се обидувам да го поправам. Кога ќе ми се расипе телевизорот, веднаш ја отворам хаубата и се обидувам да го поправам моторот. Кога ќе ми се расипе машината за перење, не чекам ниту секунда за да почнам да ја поправам. И на крај, останувам и без автомобил, и без телевизор, и без машина за перење. Сето тоа е резултат на балканскиот феномен ’биди мајстор за сè‘. Истото се случува и во политиката. Како може еден ист човек да биде министер за правда, а потоа да биде вицепремиер за евроинтеграции? Или, пак, како може еден ист човек да биде градоначалник на Скопје, а потоа да биде министер за транспорт и врски? Која е поврзаноста и која е логиката? Врз основа на што се поставуваат тие луѓе на тие позиции? Не може за сè да те бидува. Ако толку многу те бидувало, веќе ќе те забележале од НАСА или од Гугл“, пишува еден скопјанец на Фејсбук.
Човек не може за сè да го бидува, но во политиката сè е дозволено, па и ова.
И политикологот Димитар Христов се согласува со тоа дека човек не може за сè да го бидува, но како што вели, во политиката сè е дозволено.
– Секако дека не е нормално ова што се случува, но сепак, од политички аспект може да има некакво оправдување. Оправдувањето го гледам во популарноста на личностите и самите договори кои се постигнати помеѓу коалициските партнери за да не си наштетат меѓусебно. Исто така, ова може да се гледа и како награда за одредени послушници внатре во партиите. Човек не може за сè да го бидува, но во политиката сè е дозволено, па и ова. Од друга страна, пак, ризикот би бил преголем и доколку се внесат нови кадри, бидејќи не се знае на какво одобрување би наишле од јавноста – објаснува Христов.
Според првичните партиски неофицијални информации за составот на новата влада на новиот премиер Димитар Ковачевски, кандидат за вицепремиер за евроинтеграции ќе биде актуелниот министер за правда Бојан Маричиќ, додека, пак, поранешниот скопски градоначалник, Петре Шилегов, кој забележа убедлив пораз на локалните избори, најверојатно ќе биде поставен за министер за транспорт и врски.
Но, лидерот на Левица, Димитар Апасиев, смета дека политички не е исправно Шилегов да биде нов министер за транспорт и врски во ситуација кога ги загубил локалните избори.
„Народ му дава шут-карта како најкорумпиран градоначалник во историјата на главниот град, а тие го местат за нов министер за транспорт. И после ти викаат: ’Го слушаме гласот на народот‘!?“, реагираше Апасиев на Фејсбук.
За актуелниот вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров се шпекулира дека е најсериозен кандидат за амбасадор во САД, а вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски најверојатно ќе се врати во Министерството за земјоделие. Неговото место најверојатно ќе го преземе актуелната директорка на УЈП, Сања Лукаревска.
Министерката за образование Мила Царовска вчера најави дека нема да биде дел од новата влада, но нејзиниот наследник сè уште не е познат. Дека му е доста од политика најави и министерот за здравство Венко Филипче, а на неговата министерска фотеља, според договорот помеѓу Зоран Заев и Африм Гаши, ќе седне Беким Сали од Алтернатива.
Промени не се очекуваат во Министерството за надворешни работи, каде што Бујар Османи ќе си ја задржи министерската функција, а истото важи и за лидерот на ЛДП, Горан Милевски, кој ќе си остане министер за локална самоуправа.
Засега нема информации дали Ковачевски планира да го смени министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, но по сè изгледа дека актуелната министерка за труд и социјална Јагода Шахпаска ќе ја замени владиниот советник за труд и социјална политика Милан Живковиќ.