ИМА ШИРОКА НЕПАРТИСКА МОБИЛИЗАЦИЈА Мицкоски не нѐ плаши со заканите, велат од ДУИ
Историјата докажала дека овие напори никогаш не успеале да ја спречат нашата волја за правда и еднаквост. Сите аргументи укажуваат дека нашите загрижености за јазикот се реални и базирани на факти, порачаа од партијата на Ахмети.
Премиерот на нелегитимната влада денеска повторно јавно се закани на политичката активност на политичките партии, злоупотребувајќи ги државните институции за да ги задуши политичките и етничките гласови на незадоволство, со цел ширење на страв преку инструментите на државата, реагира ДУИ на денешната прес-конференција на премиерот Христијан Мицкоски.
„Овие техники на политички закани и прогон, користени во најмрачните периоди на комунизмот, нема да успеат. Албанците низ вековите израснаа под вакви закани од полицијата и државниот апарат чија цел беше потиснување на политичкиот активизам. Но, историјата докажала дека овие напори никогаш не успеале да ја спречат нашата волја за правда и еднаквост. Сите аргументи укажуваат дека нашите загрижености за јазикот се реални и базирани на факти. Затоа и постои широка мобилизација, надвор од партиските линии, за да се спречат обидите кои ја загрозуваат иднината на државата“, велат од ДУИ.
Од партијата на Али Ахмети упатија апел до премиерот „да ги прекине заканите и неговата разединувачка и провокативна реторика“.
„Мицкоски не може да исплаши никого, а најмалку народ кој отсекогаш бил подготвен да се жртвува за правда и еднаквост“, му порача ДУИ на премиерот.