Има ли крај на бугарското безобразие, или (барем) на нашето трпение?

Треба ли да бидеме такви: глупави, будали, наивни…? Не мислам дека тоа е добра политика. Агресивноста, силеџиството, безобразлукот, невоспитанието… уште помалку, но сепак некаква граница мора да има, или барем некаков реципроцитет? Па ние без логична причина демарширавме руски дипломатско-конзуларни претставници зашто тоа од нас го бараше онаа срамна еу, а овде, дома, од други трпиме навреди и – молчиме!?

202

Не знам кога ќе му дојде прекуглава на некој надлежен од македонската власт од овие бугарски уличарско-силеџиски „исторически“ манипулации па учтиво, со нота, да ги замоли да престанат да се плеткаат во внатрешни работи на Македонија, да се воздржат од провокации на значајни историски датуми за земјава, особено кога станува збор за нивни државни претставници од форматот на амбасадорот им Радуков или полуписменион „историк“ и копретседател од бугарска страна на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања. Зашто тие, особено амбасадорот им, се добредојдени да ги вршат нивните протоколарно-конзуларни должности, но во нив никако не спаѓа навредувањето на земјата и народот кои им дале гостопримство, а посебно не нивните цинично-саркастични и во суштина невоспитани и безобразни подметнувања за некаква „заедничка историја“, за нивни големи револуционери и слично, инсценирајќи притоа некакви драмолетки и поставувајќи глупави прашања што тие, демек, не ги разбирале… итн. А особено со нагласка на прашањата кој, како и зошто не сака со нив да слави значајни годишнини!

Секако, разбирањето на нештата е дар од Господа, подарен не баш еднакво и секому, и тоа тие мора да го имаат предвид. Некаде давал повеќе, некаде помалку, некаде – ич! Ама и за тоа ли сме ние виновни?






Или, во целото нивно неразбирање на нештата, тие сепак се надеваат дека луѓево овде се ајван-народ како некои, па тие со него да си ја бришат крвта од рацете преку некакви заеднички славја? Па одамна – да не речам со векови – е веќе очигледно дека народов бре не сака да се плетка со нив и такви како нив. Зарем толку е тоа тешко да се разбере? Едноставно одбива зашто го потсетува на силеџиски наметнуваната од нив историја низ вековите, коишто секогаш му носеле јад, чемер, насилство и крв. И тоа нема да можат да го сменат уште толку векови колку што му ја газеле земјата, без оглед на мамките викани еу (малите букви се…) и слични глупости.

Барем на еден амбасадор, па нека е и бугарски, овие нешта би требало после три дена проведени во Македонија да му бидат јасни. Но и фактот дека никакви драмолетки, лаги, искривување на историјата и манупалиции со светите за Македонија ликови тоа нема да го сменат бидејќи, повторно, злосторствата долго се паметат. Најдолго!

Како и да е, некој ќе рече дека тој, како и оној Димитров, само си ја вршат својата работа. А сепак, каков вид „работа“ е тоа свесно да навредуваш една земја и народ, нивните свети ликови да ги претставуваш како свои, да им наметнуваш некаква „заедничка историја“ во којашто – кога таа навистина би била таква – испаѓа дека ние самите сме си ги убивале хероите, видните луѓе, децата…?

И повторно: не разбирам како и зошто, во чие име, (и) оваа власт толерира вакво недолично однесување?

Или, поточно: би разбрал кога слични претстави би се одигрувале и од другата страна на границата, кога македонскиот дипломатски претставник таму на секој 4 февруари (раѓањето на Делчев), или 19 април (окупацијата на Македонија во 1941 година), или 16 јуни (стрелањето на младинците во Ваташа 1943) би држел прес конференции среде Софија, пред нивниот Парламент, Владата или можеби баш пред споменик на Делчев, па со широка насмевка и пригодни зборови би ги „пцуел“ Бугарите, би прашувал како е можно никој од нив да не се сеќава на стрелањето во Ваташа, на убиствата на Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Раде Јовчевски-Корчагин… и др. Но тоа и такво непристојно однесување верувам дека македонската дипломатија/држава никогаш нема да си го дозволи!

Оттука: зошто тогаш тоа им го дозволуваме на бугарските дипломати? Мислиме дека со континуираното игнорирање на нивниот безобразлук тие на крајот ќе видат дека таквите глупости се залудни? Тоа нема да се случи. Или мислиме дека тие веќе утре ќе се засрамат за стореното? Нема шанси за такво нешто, тие се бесрамни! Или пак некој овде мисли дека тоа се вика – политика? Извинете, но тоа може да се вика само глупост, будалаштина, наивност… и никако поинаку!

Треба ли да бидеме такви: глупави, будали, наивни…? Не мислам дека тоа е добра политика. Агресивноста, силеџиството, безобразлукот, невоспитанието… уште помалку, но сепак некаква граница мора да има, или барем некаков реципроцитет? Па ние без логична причина демарширавме руски дипломатско-конзуларни претставници зашто тоа од нас го бараше онаа срамна еу, а овде, дома, од други трпиме навреди и – молчиме!?

И повторно: тоа некој го нарекува – политика?

Извинете, но кога некој кај нас навистина би знаел што е тоа политика, се мачка ли на леб, се јаде со лажица или…? Или тоа ќе ни го кажува „професорон“ кој уште сака да види „каде лежат нашите несогласувања“?! Па извинете, тоа нормално ли е? Какви несогласувања, со кого, за што…? Какви се тие ступидни деминутиви за исклучително важни, витални историски прашања?

Или ќе оставиме полуписменион Димитров да ни ја прераскажува неговата кусогледа историја во којашто тврди дека „Гоце Делчев и ослободителните борби во Македонија и Одринско се неразделно и сеопфатно поврзани со нашето историско минато; тие се во сржта на бугарската национална целост“? Ама каква врска имаат Македонија и Одринско како тогашен вилает односно дел од Турската империја со Бугарија која веќе од 1878 година е целосно независно кнежевство а од 1908 година е царство? Ако веќе сметале дека и територијата на Македонија е бугарска, зошто таа не била припоена кон кнежевството веќе од таа 1878 година? Или во 1908? Ако таа земја била, како што пелтечи тој, населена „со разновидно население, претежно Бугари“, зошто ги оставиле на милост и немилост на Отоманската Империја? Или, како после сака тие „претежно Бугари“ да имаат позитивни чувства кон нив?

Првата светска војна, во којашто Бугарија (вообичаено) е на страната на ѓаволот – за среќа поразен! – фрла нова светлина на тоа „население, претежно Бугари“. Поточно, како што пишува проф. Тодорова, Интерсојузничката комисија, формирана во ноември 1918 година во Скопје, јасно констатира дека Бугарија имала изградено логори во коишто во периодот 1916-1918 година умреле над 25.000 цивили. Кое било тоа население во логорите, „претежно Бугари“?

Што пак се повторува низ страотни масакри и во текот на Втората светска војна и окупацијата на Македонија, кога повторно фашистичка Бугарија врши нов геноцид врз „сопственото“ население, оние „претежно Бугари“?

И зошто полуписменион „историк“ ни збор не кажува за овие нешта или мисли дека со тек на време тие нешта се или ќе бидат заборавени?

Со тоа само ја потврдува сопствената неукост и историска некомпетентност зашто токму историјата, но и филозофијата, потврдуваат дека таквите нецивилизирани црнила, таквите гнасни геноцидни злосторства врз цели народи се паметат вечно. Нема народ кој ги заборава, кој не ги пренесува од колено на колено како аманет за генерациите, и кој баш така одлесно ги простува. Особено не кога тие злосторства се повторуваат низ годините низ модифицирани форми – до ова денешно негирање на идентитет, јазик, култура, историја…!

Што е само уште една геноцидна манифестација, сега завиткана во шарена еу хартија.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини