ИМА ДИГИТАЛНА ПОСТАПКА ЗА ИЗВОЗ НА ВИНО И НА ТУТУН, А ПАК СЕ ОДБИРА ШАЛТЕР Државата, граѓаните и компаниите мора заедно да го чекорат патот на дигитализацијата

И кога ќе дигитализираме услуга која од 10 до 20 пати го скратува времето потребно за одредена компанија, повторно се одбира шалтер. Главната поента е да креираме екосистем кој ги користи услугите, рече министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

4

Дигитализацијата на услугите, поддршката за дигитална трансформација на компаниите и потребата од поактивно користење на достапните дигитални решенија, беа темите на кои говореше денеска министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски на панел-дискусијата на настанот на Светска банка за новиот Извештај за раст и работни места во Македонија.

Андоновски истакна дека напредокот во дигитализацијата треба да се мери и преку реалната примена на услугите и придобивките што тие ги носат за граѓаните и стопанството.






– На Националниот портал за електронски услуги го зголемивме бројот од 120 на 360 електронски услуги, а на Платформата за интероперабилност, која овозможува меѓусебна комуникација и размена на податоци, од околу 60 стигнавме до 95 поврзани институции. За компаниите дигитализиравме десетина од најкористените услуги, кои самите ги посочија како потребни, меѓу кои потврдите за неосудуваност на правни лица и различни изводи – рече Андоновски.

Министерот нагласи дека паралелно со зголемувањето на понудата на електронски услуги, потребно е да се работи и на нивното пошироко прифаќање. Како пример ги наведе услугите поврзани со извозот на вино и НА тутун од Државниот инспекторат за земјоделство, кај кои, и покрај значителното скратување на времето преку дигиталната постапка, дел од компаниите сè уште избираат да ги користат шалтерите.

– И кога ќе дигитализираме услуга која од 10 до 20 пати го скратува времето потребно за одредена компанија, повторно се одбира шалтер. Главната поента е да креираме екосистем кој ги користи услугите – истакна Андоновски.

Андоновски ја нагласи поддршката за бизнис-секторот преку двата дигитални иновациски хаба, ИНО-ФЕИТ ЕДИХ и ДИГИТ-МАК, предводени од ФЕИТ и ФИНКИ. Преку кофинансирање од државата и Европската Унија, овие конзорциуми им овозможуваат на компаниите бесплатна поддршка за изработка на патокази за дигитализација, анализа на нивните потреби и тестирање на можни решенија.

– Целта е фирмите да знаат што им е потребно за да се дигитализираат. Овие услуги се достапни бесплатно и имаат простор за поголема искористеност. Мораме заедно да го чекориме овој пат, државата, граѓаните и компаниите – порача министерот Андоновски.

Тој информираше и дека се работи на софтверот САМИС за распределување на државната помош, кој треба да овозможи поголема транспарентност и следливост на поддршката.

Поврзани содржини