ИГА ШВЈОНТЕК ГО ОСВОИ ТУРНИРОТ ВО ТОРОНТО Рибакина се пожали на целосна исцрпеност во финалето

Со овој триумф во Торонто, Швјонтек се враќа во топ 5 на ВТА листата (на петтата позиција) и испраќа сериозна порака до конкуренцијата пред почетокот на последниот гренд-слем во годината, Ју-Ес Опен.

0

Полската тенисерка Ига Швјонтек е новата шампионка на ВТА 1000 турнирот во Торонто (National Bank Open) откако во големото финале доминантно ја совлада Елена Рибакина со 6-2 и 6-3. Со оваа победа, шесткратната гренд-слем шампионка стигна до својот прв трофеј во 2026 година, прекинувајќи ја сушата која траеше речиси 11 месеци.

Мечот кој се очекуваше да биде неизвесна битка меѓу две големи ривалки, целосно помина во предност на Швјонтек, која за само 75 минути успеа да ја неутрализира силната игра на Казахстанската тенисерка.






Натпреварот започна со сериозни проблеми во сервисот на Рибакина. Иако важи за најдобар сервер на турнејата, таа дозволи брејк уште во првиот гем по две врзани двојни сервис-грешки. Швјонтек експресно го искористи тоа, наметна силно темпо со одлична игра од основната линија и за помалку од половина час го затвори првиот сет со убедливи 6-2.

Во вториот сет Рибакина пружи мал отпор на самиот почеток, но заморот од претходните исцрпувачки мечеви си го направи своето. Казахстанската тенисерка, која претходно играше четири мечеви во три сета и го заврши своето полуфинале против Коко Гоф по полноќ, едноставно немаше сила за пресврт. Швјонтек направи клучен брејк за 3-2, а потоа со фантастичен бекхенд-винер на сервис на противничката ја искористи втората меч-топка за конечни 6-3.

Ова е 12. титула за Швјонтек од ВТА 1000 серијата во нејзината кариера, со што ја претекна Арина Сабаленка (11) и сега се наоѓа зад недостижната Серена Вилијамс (13). Полјачката воедно го презеде водството во меѓусебните дуели со Рибакина (7-6).

За време на церемонијата за доделување на пехарот, Ига Швјонтек испрати моќна и емотивна порака до јавноста, осврнувајќи се на тешкиот период и притисокот од социјалните мрежи:

– Сакам да ја посветам оваа титула на сите оние кои се соочуваат со неправедни критики, осудувања и омраза. Само продолжете да туркате напред, продолжете да растете и фокусирајте се на себе, бидејќи вие најдобро знаете што е добро за вас – рече Швјонтек.

Рибакина спортски го призна поразот и се пожали на целосна исцрпеност.

– Резервоарот денес ми беше на половина празен. Се чувствувам комплетно уништено, едноставно немав доволно енергија во нозете и затоа направив многу непредизвикани грешки – рече Рибакина.

Со овој триумф во Торонто, Швјонтек се враќа во топ 5 на ВТА листата (на петтата позиција) и испраќа сериозна порака до конкуренцијата пред почетокот на последниот гренд-слем во годината, Ју-Ес Опен.

Поврзани содржини