Ифтарските вечери им пресудија на изборите во јули?
Од ДУИ не прецизираат дали креваат раце од предлогот за избори на 5 јули, само велат дека треба да анализираат дали новозаболените се од веќе регистрирани семејства на заболени или се нови кластери.
Пропаднаа обидите партиите од власта и од опозицијата да се усогласат компромисниот датум за предвремените парламентарни избори да го закажат на 5 јули. ВМРО-ДПМНЕ нема теоретска шанса да се согласи за избори во јули, особено не по вчерашните и денешните бројки на новозаболени од ковид-19, вели за Плусинфо висок функционер од партијата на Христијан Мицкоски.
По ова, останува власта да реши дали без опозицијата ќе трча на избори на 21 јуни, како што инсистира СДСМ, доколку претседателот на државата утре не реши да објави четврта вонредна состојба, или на 5 јули, како што преферира ДУИ на Али Ахмети.
И ако до вчера, барем од изјавите на власта имаше оптимизам дека партиите се блиску до компромисен датум за избори во јули, според функционерот од ВМРО-ДПМНЕ, денес тоа дефинитивно е невозможно откако бројот на новозаболени од коронавирусот од ден во ден расте. Според него, ВМРО-ДПМНЕ останува на својот став за избори во септември.
– ВМРО-ДПМНЕ сака договор за датум за избори со консензус во интерес на здравјето на граѓаните. Ако до вчера имаше некаква шанса за приближување за датум за избори во јули, по вчерашните и денешните бројки на новозаболени, тоа е невозможно. ВМРО-ДПМНЕ останува на позицијата предвремените парламентарни избори да се одржат во почетокот на септември – вели функционерот.
По оптимизмот на ДУИ, дека мали се разликите за приближување на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за изборен датум во јули, неофицијално од партијата на Ахмети денес велат дека се загрижени за порастот на новозаболените од ковид-19. Од таму не прецизираат дали креваат раце од предлогот за избори на 5 јули, само велат дека треба да анализираат дали новозаболените се од веќе регистрирани семејства на заболени или се нови кластери.
СДСМ остана на ставот за брзи избори, односно доколку Пендаровски утре не прогласи нова вонредна состојба, тогаш социјалдемократите повикувајќи се на Уставот и на законите велат дека изборите ќе се одржат 22 дена по прекинувањето на вонредната состојба, односно на 21 јуни.
Останува отворено прашањето дали и кога ќе има избори, односно дали власта ќе реши парламентарните избори да ги трча без опозицијата.