И покрај жестоките реакции од јавноста, Заев нема да го тргне Дураку од „Телеком“

Јавноста со 105.000 гласа даде поддршка за ДУИ. Во демократијата јавноста се изјаснува на избори. А кога има забелешки јавноста за тоа гласно зборува и кажува кои се правно-формалните причини за некој да не биде избран на одредено место. Тоа дека јавноста се изнервирала навистина не е причина – вели за Плусинфо висок функционер во Владата.

1,950

Ниту на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, смее некој од сопартијците да му писне, ниту, пак, премиерот Зоран Заев ќе побара од владиниот партнер друг кадар наместо ексминистерот за екологија Садула Дураку да членува во управниот одбор на „Телеком“. И покрај жестоките реакции во јавноста откако на последната владина седница Дураку доби нова функција, власта нема намера да го смени. Напротив, како што за Плусинфо изјави висок владин функционер, поддршката за ДУИ на изборите му обезбедила на Дураку место во „Телеком“.

– Јавноста со 105.000 гласови даде поддршка за ДУИ. Во демократијата јавноста се изјаснува на избори. А кога има забелешки јавноста за тоа гласно зборува и кажува кои се правно-формалните причини за некој да не биде избран на одредено место. Тоа дека јавноста се изнервирала навистина не е причина – вели за Плусинфо висок функционер во Владата.






Но, не добивме одговор дека јавноста за назначувањето на Дураку реагираше со конкретни забелешки. Јавноста во претходниот мандат ниту еднаш не го слушна Дураку да реферира што сработил и што презема додека Македонија се гушеше од загадениот воздух. Новинарите повремено го гледаа, но ретко успеваа да добијат одговор од тогашниот министер за животна средина. Дураку како министер не даде отчет за сработеното во својот мандат, ниту оддржа прес-конференција на која било друга тема од негова надлежност.

Функционерот само коментира дека „тоа веројатно е така, ама што гледале граѓаните кога гласале“.

Исто беше и кога тој министеруваше со ресорот земјоделство.

За назначувањето на Дураку револт има и во неговата ДУИ, но никој не сака јавно да коментира за да не се замери со лидерот Ахмети.

– Срамота. Излегува дека Дураку го бидува за 100 функции, дека е незаменлив, а во ДУИ има куп млади и репрезентативни кадри кои не можат да дојдат на ред. Дваесет години исти ликови ротираат на функции. Со Дураку се потврдува мотото дека во ДУИ е тешко да те стават на функција, а за вадење уште потешко – вели функционер на ДУИ.

Дураку е потпретседател на ДУИ и е близок соработник на Ахмети. И покрај тоа што изминативе 20 години беше министер за земјоделство, министер за животна средина и градоначалник на Липково во два мандата, јавноста најмногу го памети како „Командант Вентили бидејќи во конфликтот во 2001 година со уште двајца припадници на ОНА го завртел вентилот за довод на вода од Липковското Езеро по што кумановци неколку недели останаа жедни.

Поврзани содржини