И магарето (ќе) лета

Ќе се кршат ли копјата околу тоа кој може да собере повеќе потписи за магарето конечно да летне или ќе превладее разумот и европската линија во којашто сите (наводно) се колнат?

1,316

Може ли кај нас за нешто, било што, принципиелно да се разговара, без партиски и етнички квалификации и етикети, без притисоци со потписи или што и да е друго…? Може ли онаа идеолошко-етничка клиентела да напише барем две реченици што не се лага, конструкција, манипулација…? Или секогаш кога партиско-племенските поглавици ќе порачаат дека и магарето (ќе) лета, тие ранобудно ќе ја известат јавноста за тоа и ќе понудат свое „стручно“ видување за некакви потенцијални „етно дилови“, за загрозувачите на „политичката стабилност“, дека „прилагодувањето“ е поважно од законите итн.? И? Магарето навистина – ќе летне?!

За среќа, реалноста покажува дека во оние стабилни демократски системи таквите магариња никогаш не летнуваат. Уште помалку постојано летаат, а законите и нивното беспоговорно почитување се сепак темелот на системот. Се разбира, (и) компромисите и договорите се дел од тие и такви системи, но тие се применливи само во полза на законодавното структурирање и функционирање на состемот а не како негов супститут! И тоа е суштинската разлика помеѓу вистинските демократии и хибридните режими и/или заробени држави.






Оттука, речиси и воопшто не е важно што и како ќе одлучи Уставниот суд апропо иницијативите за преиспитување на т.н. Закон за јазиците. Не дека тој закон не е важен, напротив. Но тој, таков каков што е, е само последица – во случајов контроверзна – на погоре спомнатиот локален „процес“ кадешто поважен е „договорот“ од стручноста, експертизата, знаењето, логиката… А сето тоа било достапно односно понудено, речиси „сервирано“ како готов прозивод од експертското тело на Советот на Европа викано Венециска комисија. Од којашто самата држава побарала мислење коешто потоа не го ни прочитала!

Е па, додека е тоа така во државава, нештата ќе се „развиваат“ на овој начин: полна уста демократија и евроинтеграции, но празни глави и ретардирано општество! Тоа, имено, е држава кадешто поминуваат договорни „процедури“ и „закони“, со власт кадешто седеле (наводно) истакнати правници, кадешто тогашниот премиер се кандидирал дури и за Нобелова награда, каде во коалициските партиски тела седеле најмалку половина професори од „врвниот“ Правен факултет а другата половина (со чесни исклучоци!) клиентелистички се лигавела во нивна полза низ медиумите… Во таква „држава“ сѐ е можно, па дури и магарето да – лета!

И веќе само заради тоа не може да ви биде сеедно. Што ќе рече дека, во таква договорна „креативна“ атмосфера – зашто и овој „закон“ е дел од предизборниот договор на коалицијата сдсм-дуи! – воопшто и не е битно за кој и каков закон станува збор. Тие, уште пред да го киднапираат граѓанското незадоволство и да залегнат во фотелјите, прецизно ги зацртале сите чекори и „процедури“, така што можела и целата држава да „лета“! А впрочем, и летала, ќе ја видите како лета во низок лет низ многу постапки: во измените на Кривичниот законик, во Преспанскиот договор и Договорот за пријателство со источниот сосед, фучи низ оние двојно покачени плати како награда за нивната неспособност итн.

Меѓутоа, дополнително, а заради неговата актуелност, кога го читате Мислењето за Законот за употреба на јазиците од Венециската комисија (Бр. 946/2019) од 6-7 декември 2019 година, како да ве удрил трактор или онаа запрежна кола викана сдсм со неколку волови на чело. И дури тогаш, во такви прилики, ќе си ја видите земјата – поправо дел од политичарите кои глумат некаква елита! – во вистинската светлина и можеби ќе ви стане појасно зошто толку децении чмаеме на евроинтеграциското дно. Па и ако, во дадени случаи, сте им давале (апсолутно неоправдан) кредит заради икс причини, сега ќе морате (и) пред себеси да признаете дека оваа и ваква македонска приказна е само фарса.

Зашто, како што вели Венециската комисија, веќе самиот почеток на процедурата на донесувањето на тој „закон“ – со европско знаменце и по скратена постапка – е политикантска одисеја низ нормалните правни лавиринти, заедно со детското „објаснување“ дека станува збор за некомплексен и неекстензивен закон и дел од евроинтегративниот процес. Што пак беше демантирано лично од висок претставник на еу (Јоханес Хан) дека „Законот за јазиците не е дел од договореното во овој контекст“. И кога и тоа ќе го прочитате, односно ќе видите дека локалниве слепци лажат сѐ по список – од домашна јавност до еу – тогаш нештата стануваат уште појасни, нели.

Дури, Венециската комисија смета дека усвојувањето на акти што регулираат „комплексни и чувствителни нешта“ односно акти што имаат „огромна важност за општеството“, и тоа без „консултации со опозицијата, експерти и граѓанското општество“ е избрзано.

Па и тука да застенете со читањето, резилот е голем. Ама станува уште поголем зашто потоа следи уште цела низа терминолошки недоследности и нејаснотии ( на пример „language(s) spoken by at least 20% of the citizens“ наспроти „the official language spoken by the citizen“ и „an official language other than Macedonian“) и други текстуални двосмислености, или нејаснотиите околу државните органи и приватните компании кои исто така извршуваат дел од јавните функции, дилемата дали пратениците и избраните функционери мораат или можат да говорат на својот мајчин јазик, дали поимот „официјална комуникација“ задолжително ја подразбира и вербалната комуникација, дубиозите на оние 20% како „темел на законот… итн., итн.

И има уште многу, уште педесетина нотирани забелешки што прават контроверзни недоразбирања во примената на „законот“ а коишто веројатно би биле избегнати ако пишувањето на законот го дале на некој малку поумен студент на Правниот факултет наместо на „големите“ професори. (Патем, „законот“ бил предложен од – Министерството за правда!).

А сето тоа е само вовед во суштината на Мислењето на Венециската комисија: нелогичната и вон европските стандарди употреба на двојазичноста на униформите, банкнотите, марките и сл., фактот дека употребата на малцинскиот јазик во државната администрација/јавните институции може „неповолно и грубо да влијание врз функционирањето на јавната администрација“, дека „законот“ непотребно наложува трошење на значителни средства, дека може неповолно да влијае врз ефикасноста на судството…, и конечно: дека многу одредби одат далеку над европските стандарди дефинирани во „Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства“ и „Европската повелба за регионалните и малцинските јазици“.

Оттука, сите оние „мудрости“ што ги читавме од коалициската клиентела од типот на „етно-културна правда“ и „очекувана лојалност“, или дека „законот“ е во согласност со Европската повелба (еден судија на УС) и слично, беа/се само сеење магла за замајување на јавноста и убедување дека и – магарето (може да) лета!

Згора на сѐ, при донесувањето на ваквото Мислење, Венециската комисија цврсто се повикува (и) на „размената на мислења со г-дин Бујар Османи…“ (стр. 3, т.4)!

Но, како и обично, ние можеме и повеќе и подобро од сето тоа. Како? Со обезбедени потписи од 250 интелектуалци, независно од здравиот разум, логиката и укажувањата на врвно ескпертско тело на Советот на Европа. Најмалку сакам да ги потценам токму тие потписи, но зарем тоа не нѐ води до нови методи на политикантска борба – борба без граници? Зашто, што ако веќе утре некој запне и обезбеди 2.500 потписи од македонската интелектуална заедница како контра мерка?

Ќе се кршат ли копјата околу тоа кој може да собере повеќе потписи за магарето конечно да летне или ќе превладее разумот и европската линија во којашто сите (наводно) се колнат?

П.С.

Но ете, другата „реалност“, онаа клиентелистичко-профитерската, е поважна: затоа ќе предат кафеански мрежи не за „законот“, не за државниот резил на криминално-коруптивната коалиција којашто допре дури до Советот на Европа…, туку зошто претседателката не заминала во Париз! И таму ќе бараат елементи за нивните подметнувања и манипулации, ќе ја замајуваат јавноста со малоумни „градби“ ни на небо ни на земја, само да не допрат некоја жешка тема.

Поврзани содржини