🎥 ХЕВИ-МЕТАЛ БЕНД ОДРЖА КОНЦЕРТ ВО БОЛНИЦА Замислете болница во која е можно да ви остварат ваква желба

Болничкиот персонал и локалниот хеви-метал бенд „Scepter“ од Отава, Канада, му приредија незаборавна вечер на 27-годишниот Тим Бери.

1

Кога 27-годишниот Тим Бери добил тешки вести за своето здравје, имал една желба – да присуствува на хеви-метал концерт. Но, неговата здравствена состојба била премногу сериозна за да може да ја напушти болницата „Bruyère Health“ во Отава, Канада. Наместо да му кажат дека неговата желба не може да се исполни, болничката капеланка Рошен Лосон решила да најде начин концертот да дојде кај него.

Лосон стапила во контакт со локалниот музички клуб „Dominion Tavern“, кој веднаш се вклучил во идејата. Сопственикот Скот Меклинтон потоа го контактирал локалниот хеви-метал бенд „Scepter“, а музичарите без двоумење прифатиле да настапат во болницата. Така, наместо Тим да мора да патува на концерт, концертот „дошол“ кај него.






За да се создаде вистинска концертна атмосфера, една просторија на петтиот кат од болницата била целосно преуредена. Организаторите поставиле шарени светла, моќен озвучувачки систем, засилувачи и инструменти, а направиле дури и специјални концертни билети. Поставиле и вентилатор за да се долови атмосферата на вистински хеви-метал настап. На концертот не бил присутен само Тим туку му се придружиле и други пациенти од болницата.

Членовите на „Scepter“, кои настапуваат во Отава од 2018 година, не сакале да направат само симболичен настап. Тие инсистирале Тим да го добие целото концертно искуство, со светла, засилувачи и гласна музика. Гитаристот Џош Колинс рекол дека одлуката била донесена практично веднаш, додека тапанарот Џон Крафорд нагласил дека немало место за половичен настап – ако веќе доаѓаат, сакале да му приредат вистински концерт.

Настанот бил емотивен и за луѓето кои го организирале. Сопственикот на клубот признал дека никогаш не очекувал да заплаче на хеви-метал концерт, но токму тоа се случило. Капеланката Лосон го опишала искуството како едно од најзначајните што ги доживеала во својата работа. За неа, идејата била да се покаже дека грижата за пациентите не се состои само од медицински третман, туку понекогаш и од исполнување на нешто што им значи во исклучително тежок период.

А најсилната реакција дошла од самиот Тим. Додека бендот свирел, Лосон забележала дека во очите има солзи. Го прашала дали плаче затоа што музиката е премногу гласна, а тој низ смеа ѝ одговорил дека плаче затоа што е среќен.

Поврзани содржини