📽️ ХАОС ВО ЕРМЕНСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ЗА БОНУСИ ОД 615 ЕВРА Пратеници од власта и опозицијата прво се караа, па се степаа

Вербалниот конфликт меѓу пратеници од власта и опозицијата прераснал во физичка пресметка откако опозициски пратеник зборувал за бонуси од 250.000 ерменски драми (615 евра).

0

Седницата на Националното собрание на Ерменија беше прекината откако вербалната пресметка меѓу пратеници од владејачката партија „Граѓански договор“ и опозициската партија „Силна Ерменија“ прерасна во физичка пресметка во собраниската сала.

Инцидентот започнал за време на обраќањето на опозицискиот пратеник Едгар Газарјан, кој го критикувал претседателот на парламентот Рубен Рубињан и зборувал за исплата на бонуси за пратениците во износ од 250.000 ерменски драми или 615 евра.






Рубињан, за време на неговото излагање, му го исклучил микрофонот со образложение дека темата за која зборува не е поврзана со точката од дневниот ред за која се расправало.

Газарјан потоа побарал да му биде вратено времето предвидено за неговото обраќање, што дополнително ја разгорело расправата меѓу власта и опозицијата.

 

Ситуацијата набргу излегла од контрола. Пратеникот од владејачката партија Вахе Галумјан тргнал кон Газарјан, но бил запрен од опозицискиот пратеник Вагинак Вартанов.

Набргу се вмешале и други пратеници, по што во главната собраниска сала дошло до физичка пресметка.

Поради хаосот што настанал, претседавачот прогласил пауза и ја прекинал работата на парламентот.

Седницата подоцна продолжила, но тензиите не биле целосно смирени.

Рубињан го предупредил Газарјан дека, доколку продолжи да ја попречува работата на парламентот, може да биде отстранет од собраниската сала. Како прва мерка било споменато отстранување во траење од еден ден, а потоа и можност за забрана за присуство на седниците во траење од седум дена.

Инцидентот се случил за време на седница на која требало да биде утврден бројот на членови на истражната комисија која се занимава со прашања поврзани со Ерменската апостолска црква.

Пратениците, меѓу другото, требало да ги разгледуваат и измените на Законот за празници и денови на сеќавање на Република Ерменија.

Наместо мирна парламентарна расправа, седницата беше одбележана со физичка пресметка меѓу пратеници од власта и опозицијата, поради што работата на Националното собрание мораше привремено да биде прекината.

Поврзани содржини