Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, се сопна додека одеше кон бината во текот на расправата за итната седница на ОН за Украина.
Итната седница во седиштето на Обединетите нации во Њујорк беше свикана за Генералното собрание да ја разгледа Резолуцијата за осуда на руската инвазија на Украина.
Советот за безбедност на ОН, кон крајот на минатата седмица гласаше за слична резолуција, но Русија го искористи правото на вето, како една од петте постојани членки на Советот.
Генералното собрание на ОН денеска усвои резолуција со која се изразува најдлабоко жалење за руската агресија врз Украина и се бара Русија веднаш да престане да се заканува и да користи сила против Украина и итно, целосно и безусловно да ги повлече сите свои воени сили од меѓународно признатата територија на Украина.
Резолуцијата беше усвоена со 141 глас „за“, пет „против“ и 35 воздржани.
Усвоената резолуција ја потврдува посветеноста на Украина за суверенитет, независност, единство и територијален интегритет во нејзините меѓународно признати граници.
Се изразува и жалење за одлуката на Русија во врска со статусот на украинските региони Доњецк и Луганск, со барање Москва веднаш и безусловно да ја поништи таа одлука.
Се повикува на итно мирно решавање на конфликтот преку политички дијалог, преговори, посредување и други мирни средства, како и почитување на договорот од Минск.
Во неа се нагласува жалење заради вмешаноста на Белорусија во нелегалната употреба на сила против Украина и го повикува Минск да се придржува до своите меѓународни обврски.