ГРУБИ ВЕТУВА ЕУФОРИЈА, МЕЏИТИ СОБИР НА „АРТАНИСТИ“ Најавен митинг на ДУИ во Чаир
„Ми недостигаше ваква мобилизација и еуфорија каква што се создава кога се очекува да дојде националниот лидер Али Ахмети во Скопје!“ - напиша Атран Груби на Фејсбук.
Дeмoкратската унија за интеграција за утре најави митинг во скопската општина Чаир, додека е во тполн ек судирот меѓу партиската фракција „Огнена група“ со најекспонираниот човек во извршната власт, првиот вицепремиер Артан Груби, објавија повеќе медиуми на албански јазик.
На митингот во Чаир најавено е дека ќе присуствува лидерот на партијата Али Ахмети за чија наклоност се борат и „Огнените“ и групата околу Груби. Познавачите велат дека целта на митингот во општината каде што царува Изет Меџити, еден од најекспонираните членови на „Огнената група“ Интегративците имаат за цел да покажат дека членството на ДУИ стои задраководството, а не зад нив. Меџити, поранешен градоначалник на Чаир, а сега пратеник, подолго време е на терен со граѓаните и вчера од Врапчиште му порача на Груби дека „ДУИ ќе им биде вратена на граѓаните“.
Груби, пак, на социјалните мрежи напиша дека во Чаир доаѓа националниот лидер на Албанците Али Ахмети и дека сите се на нозе и чекаат да ги слушнат неговите зборови.
„Ми недостигаше ваква мобилизација и еуфорија каква што се создава кога се очекува да дојде националниот лидер Али Ахмети во Скопје! Ветувам невиден спектакл, особено за младите. Не пропуштајте го, зашто потоа ќе барате да слушнете од другите како беше да се биде дел од историскиот митинг од кој ќе се гради иднината“, напиша еуфорично првиот вицепремиер Груби.
ДУИ деновиве го промовираше слоганот „Да! Тој доаѓа“, по што се шпекулураше дали се мисли на првиот премиер Албанец, кој се очекува сто дена пред парламентарните избори, што беше демантирано од високи функционери на владејачката партија, или пак на доаѓање на Ахмети во Чаир.
ДУИ и официјално го најави митингот во спортската сала „Шабан Трстена“ во Чаир, утревечер во 19 часот.
Митингот се случува откако лидерот Ахмети го именуваше министерот на надворешни работи Бујар Османи за координатор на огранокот на партијата во Чаир, што го налути потпретседателот на ДУИ Изет Меџити, кој утрешниот митинг го нарече собир на „артанисти“, а претходно го опомена Ахмети дека одлуката му е нелегитимна, бидејќи не поминала низ партиските органи.