ГРЦИЈА САКА ДА ИСТРАЖУВА ГАС ЈУЖНО ОД КРИТ, ТУРЦИЈА ВЕЛИ – НЕ МОЖЕ Според Анкара, активноста на Атина е нелегална
Анкара и Атина со децении се расправаат за голем број прашања, првенствено за морските граници и правата во Егејското Море. Декларацијата за пријателски односи од 2023 година ја омекна грчко-турската реторика, но многу прашања останаа отворени.
Турција се спротивставува на одлуката на Грција да истражува јаглеводороди јужно од Крит, соопшти денеска Министерството за одбрана во Анкара, нарекувајќи го потегот на Атина повреда на турско-либискиот договор за поморска граница.
Конзорциум предводен од американскиот нафтен гигант „Шеврон“ во понеделникот потпиша договор за пребарување на природен гас во четири блока во длабокото море, јужно од полуостровот Пелопонез и од Крит, на површина од 47.000 квадратни метри.
Ова ќе ја удвои површината на грчките територијални води достапна за истражување на наоѓалишта на гас. Пораката од Атина е дека сакаат да станат извозник на енергија и енергетски центар на Југоисточна Европа.
„Ние се спротивставуваме на таа нелегална активност, која го крши Меморандумот за разбирање за поморска надлежност од 2019 година меѓу Либија и нашата земја“, објави турското Министерство за одбрана.
Според министерството, активноста нема директно да навлезе во континенталниот гребен на Турција, туку ја нарушува поморската јурисдикција на Либија, објавена од Обединетите Нации на 27 мај 2025 година.
„Ќе продолжиме да им ја даваме на либиските власти потребната поддршка за да преземат чекори против овие еднострани и нелегални активности на Грција“, нагласи турското министерство.
Во 2019 година, Турција и Либија потпишаа договор за границите во Средоземното Море, но Грција не го прифаќа тој договор, бидејќи го „игнорира“ Крит, кој се наоѓа помеѓу турскиот и либискиот брег.
Анкара и Атина со децении се расправаат за голем број прашања, првенствено за морските граници и правата во Егејското Море, област која се смета за богата со енергетски ресурси и која има стратешки импликации за воздухопловството и за воените активности.
Декларацијата за пријателски односи од 2023 година ја омекна грчко-турската реторика, но многу прашања останаа отворени, и покрај декларативната подготвеност за нивно решавање.