ГРАДИМЕ ЕВРОПСКА ИДНИНА, А ГО ЗАЧУВУВАМЕ И ИДЕНТИТЕТОТ Минчев на сесија во Брисел
Последниот извештај на Европската комисија за 2025 година ја потврдува нашата посветеност и видливиот напредок во реформата на јавната администрација – рече министерот Минчев.
Реформата на јавната администрација останува клучен приоритет на Македонија, како во процесот на европската интеграција, така и во унапредувањето на функционирањето на институциите на национално ниво. Нашата определба е јасна: професионална администрација, ефикасни институции и услуги ориентирани кон граѓаните и бизнисите – нагласи министерот за јавна администрација Горан Минчев на 14. состанок на Специјалната група за реформа на јавната администрација помеѓу Европската комисија и Република Македонија, кој за прв пат се одржува во Брисел.
Минчев се осврна и на последните наоди од извештаите на Европска комисија, нагласувајќи дека тие претставуваат важен инструмент за насочување на реформските активности.
– Македонија се движи напред. Последниот извештај на Европската комисија за 2025 година ја потврдува нашата посветеност и видливиот напредок во реформата на јавната администрација. Во споредба со претходните извештаи, јасно е дека напредокот е конкретен и мерлив – потенцираше министерот.
Едновремено истакна и дека европската перспектива на државата се гради врз основа на демократските вредности, но и со јасна почит кон националниот идентитет, јазикот, култура и историскиот континуитет на македонската држава.
– Нашата европска перспектива ја градиме паралелно со зачувувањето на националниот идентитет, македонскиот јазик и културниот и историскиот континуитет на Македонија. Станува збор за вредности кои се длабоко втемелени во нашето демократско уредување и кои се дел од процесот на институционално јакнење и развој – рече министерот.
Состанокот на Специјалната група за реформа на јавната администрација претставува важен механизам за следење на напредокот на Македонија во оваа област и за координација на реформските активности со институциите на Европската Унија. Главни теми на овој сосотанок беа стратешка рамка на реформата на јавната администрација, патоказот за РЈА, вклучувајќи ја и програмата за реформи во управување со јавни финансии, управувањето со човечки ресурси, развој на политики и координација, испораката на услуги, како и отчетноста и транспарентноста на јавните институции.