ГРАДЕЈЌИ НОВА, УРНАЛЕ ЅИД НА СОСЕДНАТА ЗГРАДА Општина Ѓорче Петров ги повика станарите да бараат отштета
Се урна ѕид на станбена зграда при бетонирање на нов објект на улицата Партизански одреди во Ѓорче Петров.
Работниците кои работеле на новата висококатница го пробиле соседниот ѕид и целиот бетон кој го нанесувале за плочата завршил по скалите на соседната зграда.
„Силно сме загрижени од информациите за настанатата штета врз станбената зграда и разбираме дека ваквите ситуации предизвикуваат вознемиреност и чувство на несигурност кај жителите. Ве информираме дека веднаш по добивањето на пријавата, нашите надлежни инспектори се во контакт со управителот на зградата и утврдено е дека изведувачот и инвеститорот направиле реална штета. За истата, тие ќе бидат веднаш, без никакво одлагање, задолжени да ја санираат. Дополнително, согласно законските прописи, против нив ќе биде изречена соодветна казна“, соопштија од општина Ѓорче Петров.
Оттаму велат дека нема да дозволат несовесно градење и постапки кои го загрозуваат квалитетот на живеење и безбедноста на граѓаните.
„Бидејќи се работи за штета со можен основ за надомест, жителите имаат право да побараат и дополнителна правна заштита преку надлежните судови“, порачаа од општината.