Господо од ДУИ, не минирајте, резолуцијата за одбрана на македонскиот идентитет не е насочена против Албанците!
За нас, Македонците, освен за неколку продадени души и одродени антимакедонци, оспорувањето на нашиот национален идентитет е неприфатливо и не може да биде основа на која Македонија и Бугарија ќе постигнат меѓудржавен договор. Како наш и мој министер за надворешни работи, Бујар Османи тоа мора многу добро да го знае!
Замислете некој да каже – не постојат Албанци, тие се вештачка творба, измислена нација.
Или, замислете некој да побара Албанците во Македонија да декларираат дека нивниот јазик е кодифициран во 1908 година (што е историски факт) и потоа да тврди дека пред тоа тој јазик не постоел.
Замислете сето тоа да биде услов Македонија со некого да склучи меѓудржавен договор, од кој ќе зависи почетокот на преговорите на земјата за влез во Европската унија.
Ќе се согласат ли на такви отстапки Бујар Османи, Артан Груби, Талат Џафери и пред сите нив, легендата Али Ахмети?
Ма ај што тие нема да се согласат, туку и сите ние, Македонците, нема да прифатиме такви понижувачки уцени!
Добро, да бидеме искрени, има меѓу нас и такви кои сè уште живеат во минатото, во годините на омраза и тензии меѓу двете големи етнички заедници, но мислам дека на прстите од едната рака можат да се избројат сериозните луѓе кои би сакале Албанците да ги видат оспорени, понижени и навредени.
И затоа не можам да разберам зошто министерот Бујар Османи ја оспорува потребата Македонците да се обединат во намерата одлучно да се спротивстават на негирањата на македонскиот национален идентитет и на македонската самобитност. Тоа, имено, е суштината на резолуцијата со која водечките политички сили во земјата треба да ги разјаснат и да ги зацврстат позициите на земјава во спорот со Бугарија.
За нас, Македонците, освен за неколку продадени души и одродени антимакедонци, оспорувањето на нашиот национален идентитет е неприфатливо и не може да биде основа на која Македонија и Бугарија ќе постигнат меѓудржавен договор. 9Нема нормален и чесен Македонец што ќе потпише таков договор, ниту таков што ќе ја гарантира неговата функционалност и долговечност!
Како наш и мој министер за надворешни работи, Бујар Османи тоа мора многу добро да го знае!
Не е случајно тоа што ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и другите партии јасно демонстрираа волја со заедничка резолуција да ги афирмираат македонските позиции во спорот со Бугарија. Едноставно, македонската самобитност е наш највисок национален интерес и тешко е да се најде релевантен политичар Македонец што ќе ризикува од неа кукавички и предавнички да се откаже.
Не очекувам политичарите Албанци да прифатат подмолна и нечесна мисија нас Македонците да нè натераат да се согласиме на таква жртва, да го сториме она што тие самите никогаш не би го сториле кога би биле оспорени албанската нација и албанскиот јазик. Сакам да верувам дека ова со Бујар Османи е само едно големо недоразбирање што ќе се расчисти час поскоро.
Затоа, очекувам мојот пријател Али Ахмети и сите негови сопартијци веднаш и без калкулации да ја поддржат намерата на политичките водства во земјата да ги тргнат настрана меѓусебните несогласувања и заеднички да застанат во одбрана на македонскиот идентитет. Апелирам до луѓето од ДУИ и од другите албански партии да ги отфрлат предрасудите, да ја поддржат резолуцијата и да дадат придонес во подобрувањето на нејзиниот текст, доколку е тоа можно и потребно.
Долго време ја заговарам идејата сите најважни политички фактори во земјата да се обединат во напорите за пронаоѓање единствени решенија за најтешките проблеми што ја мачат Македонија. Спорот со Бугарија е еден од тие проблеми. За среќа, ние сега сме на чекор до одлуката на двете најголеми македонски партии да усогласат единствена преговарачка позиција и со тоа да ги отстранат сите страхувања дека било кој преговарач би се осмелил да потпише договор што ќе го поткопа нашиот национален идентитет.
Зошто сега тоа му пречи на Бујар Османи? Зошто тоа би им пречело на Албанците?
Нејсе, какви и да се причините поради кои некој се обидува да го минира политичкиот консензус против негирањето на идентитетот на македонската нација, македонските лидери мора одлучно, спокојно и самоуверено да продолжат во насоката во која тргнаа. Народот долго време чекаше да ги види обединети за едно вакво, историски важно прашање, па навистина би било голема штета сега да го изневерат.
Само таква, обединета во одлучноста да остане своја на своето, Македонија може да дојде до чесен договор со Бугарија и до достоинствена позиција во односите со своите соседи и со земјите на Европската Унија.