ГОШЕВ ЗА ЕУРОСТАНДАРД БАНКА Чија е одговорноста, ако ќерката не ги чува милионите во банката на сопствениот татко, туку во конкурентска банка?
Затворањето банка, секогаш и насекаде во светот, предизвикува посебна вознемиреност кај луѓето. Причините се јасни: луѓето држат во банките голем дел од своите мачно заработени заштеди и знаат дека, особено во пазарните економии, тие се крвотокот на економскиот живот. Интензитетот на вознемиреноста, понекогаш и паниката кај штедачите, е во директна корелација со нивното историско искуство (добро или лошо), со интензитетот на последиците од поединечните хаварии и со вкупната доверба во државните институции. На нашиов простор, сето наведено не е за „машала“; не мал број луѓе се имаат „попарено“, во не мал број епизоди. Се уверивме дека се потребни децении за да се подзаборави на последиците од само неколку лоши години.
Ризиците во нашиот банкарски систем во последниве две децении се драматично намалени. Но, тие никогаш не можат да се сведат на нула. Големите „рани“ што настанаа во завршницата на „стариот систем“ и во првите години на матното настанување на „новото“, прилично се подзаборавија, иако оваа фраза ништо не им значи на тогаш најдиректно погодените, кои загубата на парите и семејните драми што ги искусија, ќе ги памтат додека се живи. По тој период, сведочиме поединечни инциденти (згаснување на банки), кои, сепак, не беа во состојба да ја загрозат целината на системот и повторно радикално да ја поткопаат генералната доверба на релацијата клиенти-банки-држава. Во таа низа поединечни инциденти со „ограничена“ штета е и актуелното згаснување на Еуростандард банката. Реакциите на оваа одлука на НБРМ се мотивот за овој текст.
Зошто НБРМ се решила на овој чекор?
Ги прочитав сите соопштенија и изјави од оваа институција. Клучното, зошто НБРМ ѝ ја одзела дозволата на ЕУростандард банката е: потребниот капитал ѝ се намалил под 2 процента од пондерираната актива. Со тоа таа станала несолвента, односно нејзините вкупни обврски значително ги надминале нејзините вкупни средства. Во таква ситуација Законот за банки е категоричен: на таква банка ѝ се одзема дозволата за работа. Доколку супервизорот, НБРМ, не донел таква одлука, ризикувал, за себе, кривична одговорност. Главната причина за „испарувањето“ на капиталот на Банката, нѐ известува НБРМ, се лошите кредити. И, аргументира: лошите кредити, нефункционалните, како што ги нарекува Законот, односно кредитите што се целосно или делумно ненаплатливи, достигнале износ од 3,6 милијарди денари (58,5 милиони евра), износ кој претставува над 60% од вкупното кредитно портфолио на бившата банка.
Фрапантно! Зошто се делеле толку многу ненаплатливи и тешко наплатливи кредити, одговорот не е надвор од следново: катастрофално лошо управување со кредитното портфолио поради непостоење или целосно занемарување на системите за управување со кредитниот ризик; некомпетентност на лицата одговорни за Банката, извлекување (крадење) пари од Банката токму преку каналот на доделување кредити – одобрување кредити без соодветни гаранции. Или, поради сето тоа заедно.
Како можеле акционерите на банката, доведена во опишаната состојба, да го избегнат одземањето на дозволата за работа? Само на еден начин: да го доведат задолжителното ниво на нејзиниот капиталот во согласност со императивната норма на Законот за банки. Ако не можеле сами, тогаш требало да најдат некој што може. Во конкретниот случај, наспроти нивното тврдење, ниту тие можеле тоа да го сторат, ниту постоел, во дадените рокови, друг таков надвор од Банката. Поради тоа, НБРМ се фатила за скалпелот со кој решила да го исчисти чирот.
Како реагираше акционерот – главниот?
Генералниот поглед како акционерот ја разбира Одлуката на НБРМ и воопшто банкарството, е содржан во неговото интервју во неделникот „Фокус“ од 28 август. Што вели возбудениот и „навреден“ акционер, инаку драг пријател на мнозина од „нашите сокаци“?
Затворањето на банката било „смислено сценарио, правено со месеци“. Осомничени: НБРМ, бившиот член на Управниот одбор на неговата банка, Петковски и некои заинтересирани од конкуренцијата со намера да му земат вредни делови од неговиот имот.
Неговата банка била „кокошка која носи златни јајца“ и веројатно затоа „некој имал интерес да ја преземе“, но во моментот не можел да докаже кој.
Доколку бил известен дека Банката ќе биде затворена, немало претходната година да вложи 11 милиони евра, плус 2,5 милиони оваа година.
НБРМ можела да примени други мерки, вклучително воведување администрација над Банката, но намерно не сакала.
Поради лошите намери кон него (кон Банката), ќе ја тужи НБРМ и државата, како и некои други, додека е жив, па дури и потоа, ако мора!
Тој ја прифаќа сопствената одговорност, но „пред сѐ поради тоа што им верувал на другите“.
НБРМ, иако „апсолутно самостојна“, не смеела таква одлука да носи сама, нарекувајќи го тој чекор како „незрел и избрзан“.
Имал најдено инвеститор од Дубаи, а потоа и некој богат Хрват, но ете, злонамерната НБРМ не сакала да ги прифати.
Тужбите ќе биле поднесени поради тоа што им била нанесена голема штета на акционерите и на клиентите на Банката…
Мојот најкус коментар на наведените реакции, и покрај пријателските чувства кон главниот акционер, се познавме уште од далечната 1965, е следниот: Сето тоа е далеку од стварноста!
Но, за да бидам малку појасен, еве и некои кратки образложенија за некои од наведените тврдења.
Смислено сценарио?
Акционерот вели дека затворањето било „смислено сценарио“, а не состојбата на Банката која самиот (и другите членови на фамилијата како акционери) ја произвел(е). Докази за таквото тврдење нема. Ги нема, зашто доказите се: Банката станала несолвента главно затоа што над 60 проценти од кредитното портфолио било целосно или делумно ненаплатливо. Но, акционерот упорно се обидува да ја дискредитира професионалната одлука на НБРМ.
На сите што малку ја разбираат оваа проблематика, јасно им е дека и железни опинци да обуе (како Заев) и гаќи од кевлар да облече, не ќе може ниту еден надлежен домашен и меѓународен орган да убеди дека затворањето на Банката е заговор, а не неодговорност на фамилијата акционери. Се разбира, воопшто не мислам дека НБРМ е безгрешна под кои било раководства во изминатите децении. Во одредени периоди раководни лица и од оваа институција беа дел од судски процеси поради сомнеж дека ја злоупотребиле својата функција. И, независно од судските епилози, моето лично мислење е дека во некои од нив за тоа имаше основа.
Но, кога доаѓало до неодговорно вплеткување на НБРМ?
Тогаш кога одговорни лица од неа се „збратимувале“ со неодговорни и сомнителни акционери и започнувале, од некои причини (сигурно не од сентиментални), да дуваат во свирката на нивните лични интереси, занемарувајќи го интересот на штедачите и општествената одговорност за стабилноста на системот. Да потсетам накусо. Скандалот со штедилницата ТАТ беше производ на неодговорен сопственик, манипулатор, и на неодговорно извршување на супервизиската функција на НБРМ. Најодговорниот за тој скандал „системот“ го амнестираше. Скандалот со Експорт-Импорт банката беше дело на сопственик измамник, збратимен со тогашниот премиер на Владата на Република Македонија и тогашниот гувернер на НБРМ, кои потпишале договори во интерес на акционерот измамник надвор од секаков разум, изложувајќи повеќе десетици милиони долари државни пари под неверојатен ризик.
Како гувернер во периодот 2004-2011 година, најголемите проблеми ги имав со акционери кои добиле согласност да имаат мнозински пакет-акции во банки кои, според ниту еден здрав (законски) критериум тоа не смееле да го добијат и особено да го задржат тој статус. Да спомнам неколку примери: Јовица Стефановиќ – Нини, Македонска банка, балкански матикаша, во својата земја повеќе пати суден и осудуван; Љубисав Иванов – Ѕинго (некогашната Силекс банка), амблематична фигура на македонската мачна и матна транзиција; Драган Даравелски, некогашната Кумановска банка, еден од јадрото на најкорумпираната група на чело со Љубчо Георгиевски; главните акционери на некогашната Радо-банка, (повторно) Јовица Стевановиќ – Нини, Чедо Радомировиќ, Димитриевиќ (последниве двајца поради отсуството на финансиски капацитет и залутаност во секторот); основачот и акционерот на т.н. Руска банка, транзициски бизнисмен со презиме Смоленски, кој не сакаше од никаде да внесе капитал за докапитализација на банката, освен од Белизе (банка која служела само за трансфер на сомнителни пари). Го имавме цело време на глава и семејството Стојменови, кое постојано бараше нивната штедилница да добие статус на Банка. Но, купот документација во НБРМ, ако одговорно се чита, тоа не можеше да го дозволи.
Сите наведени, под мое раководство на НБРМ, ги отстранивме од банкарскиот сектор на Македонија, последниот без да може штедилницата да ја трансформира во банка. Да не го сторевме тоа, во времето што настапуваше, ќе имавме серија други и зачестени хаварии во системот, нов драматичен удар врз довербата во банкарскиот сектор.
Како наведените реагираа на отстранувањето од секторот?
Некои од нив одмолчаа, покажаа минимална пристојност; некои организираа хајка против мене користејќи свои медиуми и медиуми платени за тоа; некои упатуваа разни, директни и индиректни закани. За жал, и акционерот од најновиов случај се труди да стане дел од последнава група, а јас не би сакал да стигне дотаму – убеден, или наводно убеден дека тој е оштетениот, а не оштетувачот на други. И, да заклучам во врска со „заговорот“: во својата историја од близу три децении, НБРМ не направила грешка кога санкционирала акционери, применувајќи го Законот, туку кога не санкционирала, а морала тоа да го направи.
Затворена е банка што била „златна кокошка“ или „искубан петел“?
Истовремено кога акционерот вели дека Банката била „златна кокошка“, го соопштува и следното: дека 15 години Банката не поделила дивиденда; дека семејството во неа во целиот период на нејзиното постоење вложило над 60 милиони евра, а од неа не добивал(о) ништо и дека на бившиот член на Работоводниот орган на Банката, Петковски, му рекол дека тоа така не може. Со сето тоа и јас се согласувам – бројките за отсуството на дивиденда се во сите годишни извештаи на Банката. Но, ако е така, тогаш таа, евидентно, не била „златна кокошка“, туку „искубан петел“, „липсано магаре“, или „бунар без дно“. А таквиот случај не привлекува атрактивни инвеститори, туку, некој што не е „со сите“, или нови матикаши.
Да му кажеле на акционерот дека банката ќе биде затворена, немало да вложи 11+2,5 милиони евра за нејзина поддршка
Јас сум сигурен дека оваа изјава на акционерот е искрена. Но, што значи таа, де факто? Во неговата банка депонентите оставиле над 70 милиони евра. Но, бидејќи вкупните средства на Банката на крајот на јуни биле прилично под обврските на Банката, поради што таа влегла во зоната на несолвентноста и поради што НБРМ, по автоматизам, морала да ѝ ја одземе дозволата за работа (по дадениот рок за пополнување на празнината), невнесувањето на наведените износи би значело дека и штедачите (физички и правни лица) и Фондот за осигурување на депозити би биле уште повеќе оштетени, а акционерот, кому му е „жал за нив“, на други сметки и во други фирми би имал плус 13,5 милиони евра. Дали е ова искрено жалење за оштетените клиенти на Банката и фер-размислување постапка?
За негова утеха, да го информирам, пред да ја затвориме Македонска банка, од нејзиниот акционер изнудивме да вложи 15 милиони евра, кеш. Да не го направевме тоа, повеќе десетици илјади штедачи ќе останеа без своите пари, за кои мислеле дека се на сигурно, а тој во својата Србија и во Македонија ќе продолжеше да поткупува нови и нови корумпирани функционери и да живее како султан на некогашната турска империја, како сегашните арапски шеици, или како денешните нео-либерални ајкули. (А можеби од други зделки и поради други луѓе, тој, и покрај судските процеси, сѐ уште е со наведениот статус.)
Еуростандард банка не била „златна кокошка“, туку „искубан петел“, „липсано магаре“, или „бунар без дно“. А таквиот случај не привлекува атрактивни инвеститори, туку, некој што не е „со сите“, или нови матикаши.
Акционерот ја прифаќа својата одговорност, но само затоа што им верувал на другите?
Акционерот се самокритикува, јавно, велејќи дека е одговорен, но само затоа што „им верувал на другите“? Кој може да купи ваква евтина обланда? Тој, со неговите членови на семејството, се акционерите – апсолутната власт во Банката. Тој од 2013 година е и претседател на Надзорниот одбор на Банката. Неговиот син 10 години претседател на двата одбори за одобрување кредити – Одборот за кредитирање на населението и истиот за кредитирање на правни лица. И, на прашањето на „Фокус“, „како е можно да се подели толкава грамада лоши кредити“, акционерот дава неверојатен одговор: „Управниот одбор правеше сѐ што сакаше со кредитните одбори; си постави (Управниот одбор) луѓе кои исклучиво ги бранеа интересите на тие луѓе што се во Банката, а не на акционерите. Одлуките што ги носеа кредитните одбори (на чело со неговиот син) беа манипулирани, а начинот на манипулација е евидентен“. И, за да илустрира, вели дека „една нула ‘значи поголема загуба’“, пластично додавајќи дека: „одборот, на пример, носи одлука за кредит од 15.000 денари, со една нула тие стануваат 150.000“.
Од ова зашеметувачко образложение, секој што го слуша може само да заклучи дека изнајмените работници од страна на акционерите ја презеле власта во Банката кревајќи Чартистичко востание, или Октомвриска револуција. И, згора на тоа, ако се знае фактот дека неговата сопствена ќерка остатокот од неколкуте милиони евра од продажбата на осигурителната компанија ги депонирала во конкурентска банка, а не во банката на сопствениот татко, односно во банката на фамилијата, тогаш нема друг заклучок дека навистина имало заговор во врска со Банката, но заговорниците биле од редовите на семејството Костовски, не од НБРМ. Играле сами против себе.
Сепак, можел ли некој да најде спасоносно решение?
НБРМ сигурно не. Зашто, освен лошото управување со Банката, кое, условно кажано, би можело да се „лекува“ со „воведување администрација“ во Банката, таа имала голем недостиг на капитал. Второво НБРМ не можела да ѝ го даде. Можела државата, ако било разумно. Таа, очигледно не била заинтересирана за национализација, делумна или целосна. Акционерот инсистира на двајца појавени потенцијални купувачи на Банката. Првиот, оној од Дубаи, НБРМ го тестирала. Промашување. Вториот, доцна бил стокмен, очигледно за сеење магла. Секој може да прочита безброј текстови за него колку време мамел и колку луѓе измамил во Хрватска и во БиХ. Освен тоа, каков е тој што би дал 100 милиони евра за „искубан петел“, кога со тие пари би можел да стане доминантен сопственик во една од трите најголеми банки во Македонија?
Какви поуки нуди овој случај?
НБРМ да продолжи ригорозно да го применува соодветното законодавство. Критериумите за тоа кој може да има банка треба да се заострат. Акционери кои самите се дискредитираат и кои немаат капацитет за поддржување банка, побрзо да се отстрануваат од оваа дејност. Критериумите за добивање согласност за членови на управните и за надзорните одбори, треба да се оддалечуваат од формалните. Во банкарството на Македонија има голем број членови на овие одбори кои немаат прочитано ниту еден член од Законот за банки, кои немаат елементарно ниту теоретско, ниту практично знаење. И, последново не е отсега, тоа е стара состојба.
Народната банка треба да ги провери процедурите колку луѓе од неа внатре може да знаат однапред дека може да следи затворање на некоја банка. Случајот со „нашата“ Нина говори дека треба да се размисли што да се прави и со такви случајни минувачи низ државниот систем, кои, очигледно, немаат елементарен професионален и етички интегритет, вклучително и да располагаат со такви осетливи информации.
Парламентарните партии кои се во опозиција да не сеат магла и да не шират паника, зашто и тие како граѓани ќе жнеат од таа магла. Тие го имаат Собранието, правото врз основа на Законот за Собранието и деловникот да ги повикуваат претставниците на НБРМ, на седница на соодветната комисија, отворена или затворена, и да им ги постават сите можни прашања, да ги добијат сите одговори и секако да прочитаат што пишува во законите што ги изгласале. Потоа, ако најдат каков било основ и да бараат одговорност по сите институционални канали. Да се биде составен дел од Парламентот и да се исфрлаат изјави какви што слушавме деновите од ВМРО-ДПМНЕ, се само нови докази дека големите болести на нашето општество уште долго ќе траат.