ГОНЕЊЕТО НА ХАШКИТЕ СЛУЧАИ Е ОБВРСКА НА МАКЕДОНИЈА Не постои амнестија на воени злосторства, потсетуваат партиите
Комесарката за човекови права на Советот на Европа Дуња Мијатовиќ, со допис до македонската влада упатен на 15 јануари на адресата на тогашниот премиер Димитар Ковачевски, бара да се поништи амнестијата за Хашките случаи и да се истражат досиејата кои што беа трансферирани од Хашкиот трибунал на домашните судови.
Отворањето на Хашките случаи е една од нашите главни заложби, истражување на досиејата за овие случаи и процесуирање на воените злосторства сторени врз македонско цивилно население во конфликтот од 2001. Гонењето на сторителите на овие грозоморни кривични дела претставува и обврска на Македонија како членка на Обединетите Нации, која произлегува од Универзалната декларација за човековите права на ОН (1948), Женевската конвенција од (1949), Повелбата за Нинбершкиот суд и други меѓународни правно-обврзувачки документи – соопшти Левица.
„Левица е единствената партија која во својата програма се залага за кривичен прогон за криминалите и злосторствата на терористичката банда од ДУИ, која сè додека постои на политичката сцена, ќе биде фактор на ширење меѓуетнички тензии, омраза и нестабилност во Републиката“, соопшти Левица.
Во соопштението се потсетува дека комесарката за човекови права на Советот на Европа Дуња Мијатовиќ, со допис до македонската влада упатен на 15 јануари на адресата на тогашниот премиер Димитар Ковачевски, бара да се поништи амнестијата за Хашките случаи и да се истражат досиејата кои што беа трансферирани од Хашкиот трибунал на домашните судови.
„Да се укине автентичното толкување од 2012 година на Законот за амнестија од 2002 година и да се истражат досиејата што Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија ги префрли на домашните судови“, се вели меѓу другото во препораките на Мијатовиќ.
Политичката партија ТМРО исто така ја поздрави препораката на Советот на Европа до македонските власти да ги отворат хашките случаи.
„Воените злосторства против цивилно население не застаруваат и не можат да бидат предмет на никаква амнестија, зашто меѓународното право не познава амнестија на воени злосторства против цивилно население, соопшти ТМРО. Политичката амнестија од јули 2011 е незаконска, но и не е потпишана од тогашниот премиер и Советот на Европа не случајно денес потсети на неа“ – нагласува ТМРО.
Партијата потсетува дека нејзиниот претседател, адвокатот Ванчо Шехтански, беше подносител на обвиненијата во Хаг во 2004 година пред тогашната обвинителка Карла Дел Понте, и овие предмети не се затворени, туку се преотстапени на одлучување на домашното судство во 2009 година.
„Дури во 2010 година се направи и судница за судење на овие предмети во скопскиот Кривичен суд, но тоа никогаш не се случи и отиде во заборав. За ТМРО е чудно што Советот на Европа молчеше 20 години, но како и да е нивно отварање е неопходно за рестарт на правниот и политичкиот систем во Македонија“ – се вели во соопштението на ТМРО.
И Демократски сојуз побара Владата да не го сокрива барањето од Советот на Европа за расчистување на Хашките предмети и да предложи на Собранието на Македонија да го суспендира автентичното толкување.
На 19 јули 2011 година Собранието со 63 гласа „за“ и 29 „против“ го усвои автентичното толкување на член 1 од Законот за амнестија. Според толкувањето, амнестијата се применува на сите сторители на кривични дела поврзани со конфликтот од 2001 година заклучно со 26 септември 2001 година, освен за лицата кои извршиле кривични дела поврзани со конфликтот, а против кои Меѓународниот трибунал повел постапка.
Случаите „Водство на ОНА“, „Непроштено“, „Мавровски работници“ и „Липковска брана“ беа процесуирани во Меѓународниот суд на правдата во Хаг, но во 2008 година тие беа вратени во надлежност на македонските судови.
Пред обвинителството се најде само случајот „Мавровски работници“, но во септември 2009 година Кривичниот суд ги ослободи сите обвинети за малтретирањето на мавровските работници од конфликтот во 2001 година, откако Обвинителството се откажа од гонење.