„Големиот Чајковски“ вечерва го отвора Охридско лето
Ќе бидат изведени најубавите дела на рускиот композитор Петар Илич Чајковски: „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“, како и извадоци од балетот „Ана Каренина“ и операта „Евгениј Онегин“, со над 90 уметници,
Реномираниот меѓународен фестивал Охридско лето, кој традиционално се одржува под покровителство на претседателот на државата, годинава свечено ќе биде отворен вечерва, со гала балетскиот концерт „Големиот Чајковски“ во изведба на уметниците од Националната опера и Балет.
Ќе бидат изведени најубавите дела на рускиот композитор Петар Илич Чајковски: „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“, како и извадоци од балетот „Ана Каренина“ и операта „Евгениј Онегин“, со над 90 уметници, балетски првенци, солисти, како и ансамблот и оркестарот на Националната опера и балет, под диригентска палка на маестра Бисера Чадловска.
На свеченото отворање на 61-то издание на „Охридско лето“, во Античкиот театар во Охрид, ќе присуствува и ќе се обрати претседателот на државата Стево Пендаровски.