ГОЛЕМА ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ Запленета е материја за производство на дрога вредна над 50 милиони евра
Во акцијата се лишени од слобода две лица како дел од меѓународна организирана криминална група, а се преземаат мерки и активности и за приведувања на други лица, информираше министерот Оливер Спасовски.
Повеќе од еден тон материја за производство на амфетамин, вреден над 50 милиони евра, наменет за земји од Европската Унија, заплени денеска македонската полицијата на аеродромот во Скопје.
Во акцијата на полицијата е разбиена организирана криминална група и запленети се над еден тон прекурсори од кои требало да биде произведен амфетамин. Пратката тргнала од Кина, додека, крајна дестинација била земја од ЕУ.
– Прекурсорот бил набавен од страна на македонски државјани од лица од Кина, кој преку Турција пристигнал во Северна Македонија, со крајна дестинација во земји на Европската Унија, со цел понатамошно производство на синтетичка дрога амфетамин и метамфетамин – истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Во акцијата се лишени од слобода две лица како дел од меѓународна организирана криминална група, а се преземаат мерки и активности и за приведувања на други лица, информираше министерот.
– Оваа акција уште еднаш ја демонстрира посветеноста на Министерството за внатрешни работи за сузбивање на нелегалната трговија со дрога, каде бележиме одлични резултати, а со ист интензитет на посветеност продолжуваме и во наредниот период – рече Спасовски.