ГЛАДЕН МАРИЧИЌ ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ БЕЗ ПРАВО НА ВЕТО СОНУВА Ни во втора лига ни во потсојуз Македонија не влегува брзо и лесно

Две сериозни тинк-тенк организации се борат против правото на вето што го имаат земјите членки на ЕУ. Идејата новите членки да се примат без право на вето и без право на избор на комесар, за која проговори министерот Бојан Маричиќ, не треба да се потцени. Но, таа за Македонија не менува многу - домашните и проблемите со Бугарија нема лесно да ги надминеме, оценуваат експерти и познавачи на приликите во ЕУ.

1,268

Европската Унија сериозно размислува целосно да ја исклучи опцијата вето и да воведе правило на носење одлуки со квалификувано мнозинство, кое ќе важи и за проширување на европското семејство. Овој предлог веќе неколку месеци е сериозна тема на разговор во Брисел, па практично и оттаму потекнува вчерашната изјава на вицепремиерот Бојан Маричиќ, дека постои некаква идеја за брзо зачленување на земјава во Унијата, но со замрзнато право на вето и без право на избор на комесар.

Ова за Плусинфо го откриваат извори кои се директно вклучени во процесот на евроинтеграција на Македонија и кои негуваат блиски односи и имаат редовни контакти со Брисел.






– ЕУ има сериозен проблем токму со правото на вето што го имаат земјите членки. Токму затоа, две сериозни тинк-тенк организации неодамна излегоа со предлог за постепено зачленување во Европската Унија, односно зачленување во неколку фази. Кога земјата-аспирант ќе дојде до последната фаза, тогаш таа има право да стане членка на Унијата, но без право на вето и без право на избор на комесар. И ова е само почеток, до постигнување на главната цел на ЕУ: целосно укинување на ветото како опција. Сепак, сѐ уште е многу рано да се размислува за ова. Да, постои идејата како идеја, но сѐ уште е на ниво на дебата, па реализацијата засега е прилично далечна – откриваат нашите соговорници.

На прашањата колку е добра идејата и дали брзото членство во Унијата под такви услови може да се смета за полноправно членство, разговаравме со експерти за меѓународна политика, поранешни министри за надворешни работи, пратеници, амбасадори…

Создавање лажен впечаток

Поранешниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, во разговор за Плусинфо вели дека идејата за евентуално брзо зачленување на земјава во ЕУ се базира исклучиво на некаква надеж и потреба од создавање лажен впечаток дека само што не сме влегле во европското семејство.

Се добива впечаток дека ни се подготвува членство во некаква втора лига на ЕУ, оти нема да бидеме рамноправни со останатите членки на Унијата

Илија Димовски Поранешен пратеник

– Покрај францускиот претседател Емануел Макрон, пред половина година и германскиот канцелар Олаф Шолц најави сериозни реформи пред да има некакво проширување на Европската Унија. Резултатите од анкетите коишто редовно се спроведуваат во европските држави, а последна таква анкета беше направена во Австрија, воопшто не одат во полза на јавна поддршка на процесот на проширување. Од аспект на мултилатералните односи, Македонија треба да го гази патот на ЕУ, но треба да биде свесна дека работите нема да се движат така брзо. Билатералните односи со Бугарија и понатаму ќе ни диктираат нови одложувања. Така што, трчајќи по приказната дека ќе влеземе во ЕУ до 2030 година, македонската Влада очигледно заборава дека дома има безброј проблеми и незавршени обврски. Искрено, јас не би ја зел сериозно изјавата на вицепремиерот Бојан Маричиќ за тоа дека постои некаква идеја за некакво брзо зачленување во Унијата, бидејќи сметам дека неговата изјава се базира исклучиво на некаква надеж и потреба од создавање лажен впечаток дека само што не сме влегле во ЕУ – објаснува Димовски.

Дури и да грешам и дури и да има вистина во изјавата на Маричиќ, додава тој, тогаш се добива впечаток дека земјава ќе влезе во некаква втора лига на ЕУ и дека нема да биде рамноправна со останатите земји-членки.

– Брзо зачленување во Унијата, но без право на вето и без право на комесар. Вака гласи идејата за којашто зборува Маричиќ и од која се добива впечаток дека ни се подготвува членство во некаква втора лига на ЕУ, зашто нема да бидеме рамноправни со останатите членки на Унијата. Тоа значи дека губат смисла сите отстапки коишто сме ги направиле досега. Верувам дека процесот ќе биде многу подолг од тоа што го ветува власта – изјави Димовски.

Получленство во ЕУ

Полноправно членство во ЕУ е само тоа што ги овозможува сите права и обврски кои денес ги имаат Хрватска, Бугарија или Словачка, коментира за Плусинфо поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски.

– Секое друго зачленување со редуцирани права значи дека ќе биде получленство во втората или трета ЕУ-лига. Но, штом високи владини претставници говорат за ваквото получленство, тогаш е јасно дека тоа им е претставено од Брисел како реална опција, со што во вода паѓаат сите пароли и референдуми за „Европска Македонија”. Ваквите пораки од Владата се почетни срамежливи сигнали кон јавноста, за медиумите и за граѓаните да се навикнат дека полноправното членство во ЕУ веќе не е реална опција за Македонија, без оглед на тоа колку национални отстапки во меѓувреме ќе се направат кон Бугарија – објаснува Милошоски.

Поранешниот амбасадор Ивица Боцевски ги советува македонските политичари коишто се директно вклучени во процесот на преговори со ЕУ дека сега е потребно да се упатат кон официјален Париз и директно од францускиот претседател Емануел Макрон да ги слушнат идеите за евентуално брзо членство на Македонија во Унијата.

– Одбивам да коментирам идеи чијашто генеза и чиишто предлагачи не ми се познати. Во однос на идното функционирање на Европската Унија, процесот го покрена францускиот претседател Емануел Макрон, а Македонија треба итно да разговара со официјален Париз околу идеите што има намера да ги предложи Макрон. Тука треба да се бараат одговорите на прашањата дали и како е можно брзо зачленување на земјава во Унијата. Оти, вака, парцијални разговори и дискусии чиишто примачи на пораки ни се целосно непознати, јас не би сакал да ги коментирам – вели Боцевски за Плусинфо.

Предлогот заслужува внимание

Андреја Стојковски од Преспа Институтот, пак, вели дека предлогот заслужува внимание, бидејќи, како што посочува, нуди алтернатива која може да биде прифатлива за државните членки и може да го гарантира членството на целиот регион.

Како држава-членка ќе можеме да избираме пратеници за Европскиот парламент, ќе учествуваме и ќе одлучуваме во Советот на Европската Унија, ќе имаме можност да расправаме, да учествуваме и да обезбедиме дел од Европскиот буџет и различните фондови за поддршка на развојот на државата

Андреја Стојковски Институт Преспа

– Прво, не станува збор за идеја на вицепремиерот Маричиќ, туку за предлог кој неколку тинк-тенк организации од регионот и од ЕУ го направија и за кој се застапуваат веќе подолго време. Во суштина, предлогот доаѓа како резултат на должината на процесот за пристапување, очекувањето на преговорите во случајот на земјава или должината на преговорите во случајот на Црна Гора и на Србија. Предлогот заслужува внимание, бидејќи нуди алтернатива која може да биде прифатлива за државите членки и може да го гарантира членството на целиот регион. Предлогот значи дека основачките договори ќе бидат изменети со Договорот за пристапување и ќе предвидат дека сите нови држави-членки нема да имаат право на свој комесар и нема да имаат право на вето. Сепак, ризикот е голем бидејќи нема гаранција дека токму ветото и комесарот се проблемот на државите членки во однос на проширувањето, ниту, пак, дека сите држави членки ќе се одлучат да ги одделат овие точки од сите други потреби за ревизија на основачките договори. ЕУ не препознава поинакво освен полноправно членство. Оттаму, ако ревизијата оди во таа насока, односно, ако утврди дека новите членки нема да имаат право на вето, тогаш тој предлог ќе биде предлог за сосема нов начин на одлучување. Лично сметам дека некои држави членки ќе се обидат да го укинат ветото на овој начин. Дали во тоа ќе успеат, ќе треба да почекаме да видиме. Но, земјава, со потпишувањето на договорот за пристапување и неговата ратификација ќе стане држава членка и тоа нема да го промени. Како држава членка ќе можеме да избираме пратеници за Европскиот парламент, ќе учествуваме и ќе одлучуваме во Советот на Европската Унија, ќе имаме можност да расправаме, да учествуваме и да обезбедиме дел од Европскиот буџет и различните фондови за поддршка на развојот на државата – објаснува Стојковски за Плусинфо.

На прашањето дали брзото членство во ЕУ без право на вето може да се протолкува и како членство во втората лига на ЕУ, Стојковски одговори дека и денес во ЕУ постои одлучување со консензус.

– И денес во ЕУ нема право на вето, туку одлучување со консензус. Членството во т.н. Б-лига или втора лига на ЕУ може да биде реалност само ако државата не ги развива односите со другите членки, не го јакне својот коалициски капацитет и не претставува дел од дебатата за политики во Унијата – смета Стојковски.

БРЗ ВЛЕЗ ВО ЕУ СО ЗАМРЗНАТО ПРАВО НА ВЕТО Маричиќ вели дека идејата вреди да се разгледа

Поврзани содржини