ГИ ЗАДРЖАВ МИНИСТРИТЕ КОИ ДОБРО РАБОТЕА Ковачевски ги достави предлозите за состав на новата влада

Во однос на одредени решенија коишто остануваат во истите ресори тоа е затоа што врз основа на направена анализа се гледа зголемување на перформансите во министерствата каде што управувале, се гледа дека ги имаат подигнато стандардите на работење и ги имаат реализирано делот на оперативните и делот на капиталните инвестиции на високо ниво во однос на планот којшто го имале во текот на 2020 и 2021 година, истакна мандатарот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.

587

Мандаторот за состав на новата влада и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, денеска напладне на претседателот на Собранието, Талат Џафери, официјално му ги достави Предлог-составот и Предлог-програмата за работа на новата влада.

– Составот на владата е составен од СДСМ, од ДУИ, ЛДП и од Алтернатива. Ресорите се согласно со преземените одговорности во Владата и во согласност со Програмата на Владата. Предлогот беше таков да имаме нови министри што ќе преземат одредени ресори, имаме ротации на министри коишто од еден ресор одат во друг. Прво, заради тоа што дел од нив се покажале како ефикасни и ефективни во извршувањето на своите задачи кога го извршувале тој ресор во една од изминатите влади. Во друг случај кога одреден министер сметам дека според неговите професионални перформанси, според неговите академски остварувања и според минатото искуство одговараат повеќе на друг ресор. Во однос на одредени решенија коишто остануваат во истите ресори тоа е затоа што врз основа на направена анализа се гледа зголемување на перформансите во министерствата каде што управувале, се гледа дека ги имаат подигнато стандардите на работење и ги имаат реализирано делот на оперативните и делот на капиталните инвестиции на високо ниво во однос на планот којшто го имале во текот на 2020 и 2021 година – рече Ковачевски откако во Собранието ги достави Предлог-составот и Предлог-програмата за работа на новата влада.






Според него, клучен и прв приоритет на Владата ќе биде справување со енергетската криза во државата којашто е европска енергетска криза и којашто се чувствува и во Македонија.

– Втор приоритет е задржување на животниот стандард на граѓаните и на компаниите во светло на економската криза која што произлегува од енергетската криза и трето е исполнување на целите во однос на големите инфраструктурни проекти коишто се одобрени во Буџетот за 2022 година, како и во законските решенија коишто беа одобрени во Собранието во декември – рече Ковачевски.

Во врска со евроинтеграциите на земјава, тој нагласи дека тие и натаму остануваат врвен приоритет на владата.

– Доколку ја погледнете Програмата, таа сега ќе биде доставена и до пратениците, цело поглавје е посветено на евроинтеграциите. Ние сме членка на НАТО и тоа е најголемата придобивка која што ја имавме од владата предводена од СДСМ и коалициските партнери бидејќи беа донесени навистина тешки и големи одлуки за државата. Второ, ЕУ е наша стратешка цел и ние заслужуваме отворање на преговори со ЕУ, што е резултат и на четирите последователни позитивни извештаи од страна на ЕК. „Отворен Балкан“, исто така, е адресиран во Програмата бидејќи сметам дека регионалната соработка која што се базира на европски вредности и која што заснова на четирите слободи на ЕУ исто така е застапена и ќе продолжиме кон таа регионална соработка – рече претседателот на СДСМ и мандатар.

Тој дополни дека во новата програма е адресирано и прашањето за предизвикот којшто го имаме со Република Бугарија и притоа нагласи дека само низ дијалог, меѓутоа низ дијалог којшто е насочен кон иднината, кон проекти коишто значат подобро поврзување на граѓаните, на економиите, на културата помеѓу државите и на градење на една таква соработка и враќање на довербата, може да дојдеме до заедничко прифатливо решение.

Тоа решение, вели, мора да се базира на европски вредности, кое што ќе го задржи достоинството на граѓаните на двете држави и, како што нагласи, ќе овозможи Македонија конечно да го добие датумот за првата меѓувладина конференција.

Претседателот на Собранието Талат Џафери во својата завршна годишна изјава на крајот од декември, најави дека ако предлогот за нова влада пристигне до 11 јануари, во консултации со пратеничките групи, ќе определи датум за одржување седницата, која најверојатно би била на 15-16 јануари. Тој додаде дека очекува новата Влада да биде изгласана на 16 јануари, пред 24 часот, и таа да биде функционална на 17 јануари 2022 година.

Согласно Законот за Влада, Владата ја избира и разрешува Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. При предлагањето на составот на Владата, мандаторот предлага министри за секое од министерствата утврдени со закон и министри без ресор. Владата стапува на должност со денот на изборот.

Поврзани содржини