ГЕРМАНИЈА ГРАДИ 99 ДАТА ЦЕНТРИ Берлин фаќа приклучок со дигиталната револуција

Најголемата европска економија не сака да остане само корисник на технологијата создадена во САД и во Кина. Дата центрите се фабриките на дигиталната ера. Германците сега знаат дека земја без доволно сопствена компјутерска инфраструктура ризикува зависност од странски капацитети и правила.

1
Германија влегува во најголемиот бран на изградба на дата центри во својата историја. Низ земјата се планираат 99 нови центри за обработка и чување податоци, од кои 41 веќе се градат. Проектите треба да ја обезбедат компјутерската моќ без која нема развој на вештачката интелигенција, индустриската автоматизација, клауд услугите и современата јавна администрација.





Податоците произлегуваат од заедничко истражување на германските медиуми NDR и „Зидојче цајтунг”, засновано врз база што ја составиле повеќе невладини организации, а новинарите дополнително ја провериле и ја прошириле. Германското Министерство за дигитализација досега немало единствен јавен преглед на сите проекти.

Германија не сака да биде зависна од странски дата центри

Размерите на новиот бран се значително поголеми од досегашните германски стандарди. Центар со приклучна моќност од 5 до 10 мегавати досега се сметал за голем, додека дел од новите комплекси се проектираат за 200 до 500 мегавати. Некои проекти можат да достигнат и повеќе од 1 гигават, што ги доближува до американските мегакомплекси изградени специјално за вештачка интелигенција.
Шест дена по поставувањето камен-темелник за новите центри на „Мајкрософт” во Северна Рајна-Вестфалија, германската влада на 18 март ја објави националната стратегија за дата центри. Целта е нивниот вкупен капацитет во Германија да се удвои до 2030 година. Министерот за дигитализација Карстен Вилдбергер новата инфраструктура ја опиша како „нов извор на моќ – компјутерска моќ”.
Тоа е обид на најголемата европска економија да не остане само корисник на технологијата создадена во САД и во Кина. Дата центрите се фабриките на дигиталната ера: во нив се тренираат моделите на вештачка интелигенција, се обработуваат индустриски податоци, работат клауд платформи и се чуваат информациите на компаниите и институциите. Земја без доволно сопствена компјутерска инфраструктура ризикува зависност од странски капацитети и правила.

САД и Кина дата-центарски велесили

Германија има што да надоместува. Според здружението „Битком”, САД во 2024 година располагале со дата-центарски капацитет од 48 гигавати, а Кина со 38 гигавати, наспроти околу 3 гигавати во Германија во 2025 година. Само десетте најголеми американски центри имаат приближно иста моќност како сите околу 2.000 германски дата центри заедно.
Германските компании во 2025 година вложиле рекордни 12 милијарди евра во сервери и за друга информатичка опрема, уште 3,5 милијарди евра во згради и за техничка инфраструктура. До 2030 година вкупниот капацитет треба да надмине 5 гигавати, а капацитетите наменети за вештачка интелигенција се очекува речиси четирикратно да пораснат – од 530 на 2.020 мегавати.
Сепак, голем дел од физичката инфраструктура што треба да ја донесе германската „дигитална сувереност” ќе биде во странска сопственост. Од 99 планирани центри, 36 ги развиваат компании надвор од Европската Унија, а две третини од нив се американски. Меѓу инвеститорите се „Амазон“, „Гугл“, „Мајкрософт“ и „ЕџКонекс“. Од проектите со моќност поголема од 100 мегавати, дури 14 им припаѓаат на американски компании.

Франкфурт е главен германски центар

Сепак, присуството на американски капитал истовремено ѝ овозможува на Германија побрзо да изгради инфраструктура што сама не може веднаш да ја обезбеди. Серверите ќе се наоѓаат на германска територија, ќе бидат приклучени на германската енергетска и телекомуникациска мрежа и ќе создадат пазар за домашни инженери, градежни компании, производители на опрема и технолошки фирми. Прашањето за сопственоста останува важно, но одложувањето на изградбата би ја зголемило технолошката разлика во однос на САД и Кина.
Главен германски центар останува Франкфурт, каде што се наоѓа DE-CIX, еден од најголемите светски јазли за интернет-сообраќај. Само во поширокиот регион се планираат нови капацитети од над 1.800 мегавати. Берлин и Бранденбург се развиваат како втор голем кластер, а нови проекти се појавуваат и во Шлезвиг-Холштајн, Долна Саксонија и Мекленбург-Предна Померанија, каде што има повеќе простор и подобар пристап до обновлива енергија.

Струјата и водата се проблем, но има решенија

Експанзијата ќе бара и многу струја. Германските дата центри во 2025 година потрошиле околу 21,3 милијарди киловат-часови, наспроти 12 милијарди во 2015 година, а до крајот на деценијата се очекува потрошувачката да достигне околу 30 милијарди киловат-часови. Две третини од енергијата ја користат серверите, меморијата и мрежната опрема, а остатокот оди за ладење, напојување и за одржување на објектите. Истовремено, ефикасноста на стандардните сервери меѓу 2017 и 2022 година се подобрувала во просек за 26 проценти годишно.
Еколозите предупредуваат и на водата потребна за ладење. Околу една четвртина од новите центри се планирани во подрачја што веќе се соочуваат со недостиг од вода, а само седум општини досега потврдиле дека проектите ќе користат затворен систем за ладење. Но, проблемот има технолошки решенија: затворени водни системи, директно ладење на чиповите и користење на отпадната топлина за загревање домови. Германската групација „Шварц“, сопственик на „Лидл“, веќе најави инвестиција до 5,6 милијарди евра во центар кај Росток кој ќе користи обновлива енергија и затворен систем за ладење, со можност отпадната топлина да се внесе во градската мрежа.
Поврзани содржини