📽️ ФУДБАЛСКИТЕ ХЕРОИ СЕ ВРАТИЈА ДОМА, 100.000 НОРВЕЖАНИ ГИ ПРЕЧЕКАА Викиншкиот ритуал го крена Осло на нозе

Околу 100.000 навивачи го преплавија центарот на Осло, каде норвешките репрезентативци беа пречекани како национални херои по историскиот настап на Светското првенство.

28

Една од најубавите приказни на овогодинешното Светско првенство доби величествено продолжение. Норвешката фудбалска репрезентација беше пречекана во Осло од десетици илјади навивачи, кои излегоа на улиците за да го прослават историскиот успех на националниот тим.

Од главниот град на Норвешка пристигнуваат спектакуларни фотографии кои сведочат за атмосфера каква што ретко се гледа. Малкумина очекуваа дека норвешката репрезентација ќе успее толку силно да ја обедини целата нација, а сцените од Осло предизвикуваат восхит.






Неверојатната радост и благодарност за сè што норвешките фудбалери постигнаа на Светското првенство ги собраа на едно место кралското семејство и илјадници навивачи, кои заедно го прославија историскиот успех на репрезентацијата.

Според податоците на полицијата, во центарот на Осло се собрале околу 100.000 навивачи.

 

Плоштадот пред Кралската палата бил исполнет до последно место кога норвешките репрезентативци седнале пред публиката за да го изведат веќе препознатливиот викиншки ритуал „Ro“, имитирајќи движења на веслање додека заедно со навивачите извикувале „ро“ („веслај“ на норвешки јазик). Овој ритуал стана заштитен знак на норвешките навивачи и нивната репрезентација.

Во ритамот на тапаните, престолонаследникот Хокон ги предводеше и навивачите и фудбалерите.

– Неверојатно е да се види колкава поддршка добиваме и како целата земја е зад нас. Толку многу радост, насмевки и позитивна енергија. Навистина е фантастично – изјави капитенот на репрезентацијата, играчот од средниот ред Мартин Одегард, за норвешкиот јавен сервис НРК.

Ѕвездата на репрезентацијата, напаѓачот Ерлинг Халанд, не присуствуваше на прославата со навивачите бидејќи, според НРК, морал да отпатува со авион. Сепак, претходно присуствувал на приемот што го организирал кралот Харалд во чест на репрезентацијата и нејзиниот успех.

Поврзани содржини