ФРЧКОСКИ ГО ОБВИНИ МНР ДЕКА НЕ ЗНАЕ КАКО СЕ ОДВИВАЛ ПРЕНОСОТ НА ПАРИТЕ Вели дека дел од сумата од сукцесијата морал да остане на сметка за да се наплати данокот

Поранешниот амбасадор во Обединетите Нации вели дека според Законот за МНР и Правилникот за плати и надоместоци на МНР, амбасадорот е овластен и може законски да врши пренамена на средства според потребите на работата на амбасадата и, како што вели, сите сторени „пречекорувања“ се сторени во рамките на неговите законски овластувања.

541

„Власта и Министерството за надворешни работи направилe срамна, банална и полна со неточности кривична пријава за проф. Љубомир Фрчкоски и неговата функција aмбасадор при ООН во Њујорк за да извршaт притисок врз неговите јавни настапи кои се критички кон власта.“

Ова е реакција на Фрчкоски откако денеска беше соопштено дека е поднесена кривична пријава против него и против уште три лица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик.






„После голема пауза на проценка дали професорот ќе молчи или ќе ја критикува власта за погубните политики, МНР сепак одлучило да изврши притисок со појава на комична и полна неточности кривична пријава за целата екипа на Амбасадата на НРМ во Њујорк со цел ширење страв и замолчување. Во пријавата без срам и перде се наведува дека имало: пречекорување на сметките за мобилни (?), поправка на возило без дозвола на МНР (?), земање аванс за службено патување (иако целиот аванс е вратен во буџетот, сепак МНР не било задоволено (?), вонредни авио билети по повод смртен случај во фамилија (исто така редовно вратени во буџетот), но МНР пак не било задоволно (?)“, се наведува во реакцијата на Фрчкоски.

Тој додава дека според Законот за МНР и Правилникот за плати и надоместоци на МНР, амбасадорот е овластен и може законски да врши пренамена на средства според потребите на работата на амбасадата и, како што вели, сите сторени „пречекорувања“ се сторени во рамките на неговите законски овластувања.

„Но најголемо незнаење е манипулацијата со парите добиени од сукцесија (продажба на објектот на СФРЈ) во Њујорк, кои дојдоа на сметка на Мисијата. Имено, се вели дека наспроти инструкциите на МНР и Финансии не бил веднаш уплатен во буџетот сиот износ, туку на неколку рати бил уплаќан (сиот износ сепак е уплатен без сомнеж). Тоа било нужно да биде така бидејќи финансиските служби на Њујорк инсистираат да останат средства од сукцесијата на сметката – како гаранција за наплатен данок. Додека купувачот на објектот не го плати данокот (тој е задолжен за тоа) средства мора да има на сметките на сите републики од бивша СФРЈ во Њујорк – за да може во ситуација на проблем данокот сепак да биде наплатен од нивните сметки. Тоа е обврска и задолжение од финансиските власти и сите републики не ги вратиле парите во своите буџети туку задржале дел на своите сметки на мисиите во Њујорк. Така направила и Македонија. Кога данокот (по една година) е наплатен од купувачот, тие средства се ослободени за сите републики и тие ги вратиле во своите буџети. Така направила и Македонија. Но МНР бидејќи нема поим за тоа го обвинува амбасадорот – не постапил по инструкциите на МНР и Финансии да ги врати сите пари веднаш?! Тој и да сакал не можел. Но тоа е тоа, со законски непознавања останува само лоша намера за притисок по секоја цена“, наведува Фрчкоски во неговата реакција.

Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО Скопје вчера, (12.05.2025) поднесе кривична пријава против Љ.Д.Ф. (67), К.Г. (37), Ј.И. (64) и И.С. (41), сите од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од КЗ.

Според пријавата, Љ.Д.Ф. во својство на службено лице – Шеф на Постојаната мисија на РСМ при ООН во Њујорк, во периодот од април 2022 година до октомври 2024 година ја злоупотребил својата службена положба и овластување на начин што постапил спротивно на Инструкција од Министерството за надворешни работи и Мислење од Министерство за финансии. Љ.Д.Ф. од уплатените парични средства во вкупен износ од 3.998.721,72 американски долари на сметката на ПМ на РСМ при ООН во Њујорк по однос на заедничката продажба на сукцесиски објект на СФРЈ во Њујорк, на сметка на буџетот на РСМ уплатил парични средства во износ од 3.940.000,00 американски долари, односно преостанатите парични средства на сметката на ПМ на РСМ во Њујорк во износ од 58.721,72 американски долари од продажбата на сукцесискиот имот не ги уплатил на сметка на буџетот на РСМ. Овие средства, незаконски и ненаменски ги потрошил и постапил спротивно на Правилникот за финансиско и материјално работење, Упатството за водење на финансиското и материјалното работење, Правилникот за плата, додатоци на плата и надоместоци на определени трошоци и Интерната процедура за начинот и постапката на планирање, спроведување и реализација на јавните набавки. Покрај ненаменски потрошените 58.721,72 американски долари од продажба на имот, истиот со незаконското и ненаменско користење на буџетските средства по основ на земени аванси за службен пат, помалку вратен депозит за резиденцијата на амбасадорот, пречекорувања на дозволениот износ за мобилен телефон, како и неоправдани и дупли плаќања на одредени сметки за телефон, нерасчистено салдо во касата на ПМ на РСМ при ООН во Њујорк, направени издатоци за репрезентација повеќе од дозначените средства, подигнати парични средства од касата на ПМ за поправка на службено возило без претходна согласност од МНР, причинил материјална штета во износ од 57.855,18 американски долари.

Според пријавата, К.Г., Ј.И. и И.С.– во својство на сметкополагачи во ПМ на РСМ при ООН во Њујорк во периодот од април 2022 година до октомври 2024 година ја злоупотребиле својата службена положба и овластување. Тие иако биле должни согласно законските прописи да ракуваат со одобрените средства и туѓите средства, да ја проверуваат сметководствената точност на документот врз чија основа се издаваат налози за исплата, да изготвуваат точно и ажурно извештаи за финансиско и материјално работење на претставништвото и нивно навремено доставување до МНР, да учествуваат во составување на предлог годишниот финансиски план и негово следење при извршувањето, да вршат други работи од финансиско-материјалното работење по барање на МНР, да преземаат соодветни мерки за наменско и законско користење на средствата на претставништвото, да вршат контрола на приходите од конзуларни услуги во претставништвото и да вршат усогласување на состојбата на паричните средства на жиро сметката и благајната на крајот на секој месец, со неизвршување на своите службени должности противзаконски му исплаќале парични средства од благајната, вршеле плаќања од банкарската сметка на ПМ на РСМ при ООН во Њујорк и не ги евидентирале неправилностите направени од страна на пријавениот Љ.Д.Ф. во однос на располагањето со финансиските средства. Со наведените дејствија пријавените Љ.Д.Ф., К.Г., Ј.И. и И.С. причиниле штета на буџетот на РСМ во вкупен износ од 116.576,9 американски долари.

 

ФРЧКОСКИ ОСОМНИЧЕН ЗА ЗЛОУПОТРЕБА НА 116.000 ДОЛАРИ Кривична пријава за поранешниот амбасадор во ООН за финансиски малверзации

Поврзани содржини