Филипче најави дека ќе се зголеми бројот на тестирани за ковид-19

785

Во Институтот за јавно здравје дневно се прават 200-300 тестови, а од утре ќе се знае колку вкупно тестови ќе може да се прават вклучувајќи ги и капацитите на приватните болници и лаборатории. Согласно мислењата на епидемиолозите ќе се зголеми бројот на потребните тестирања, рече министерот за здравство Венко Филипче денеска на прес конференција.

– Се прават 200-300 тестови на ден, а од утре ќе знаеме колку тестови ќе можеме да правиме заедно со приватните болници и лаборатории. Ставена е во функција и лабораторијата на Ветеринарниот институт каде ќе се прават по 30 тестови на ден – соопшти тој.






Комисијата од Министерството за здравство го заврши увидот во сите освен една приватни институции, во двете приватни болници, во лабораторијата Авицена и утре ќе се прави увид во Биотек врз основа на што ќе се направи план за искористување и на тие капацитети.

Спремен е и системот за мобилни тестови кој ќе почне да се применува во следниве денови во Скопје. Тој ќе допира до места и до луѓе од кои треба да се земе материјал за тестирање побрзо и ќе служи како систем на надополнување на центрите за јавно здравје.

На новинарско прашање министерот одговори дека во земјава се прави масовно тестирање во строга епидемиолошка смисла од самиот почеток на болеста во земјава.

– Масовно тестирање во строга епидемиолошка смисла правиме од почеток. Масовно тестирање на популација која нема симптоми, епидемиолозите сметаат дека не треба да се прави зашто може да даде лажна слика и да ги олабави луѓето кои ќе добијат лажен резултат и да не ги почитуваат мерките. Единствената заедничка работа во сите студии и препораки е социјалната дистанца – рече Филипче.

Тој нагласи дека не постои тест кој е 100 отсто сензитивен, како и дека тестовите што се користат во земјава се од германско производство според протокол одобрен од СЗО.

Досега во ИЈЗ се направени близу 1.800 тестови, а заедно со тестовите од приватните болници близу 2.700.

Филипче нагласи дека е битен пристапот, зашто самата бројка ништо не значи ако не се земе предвид кај кого точно е индициран тест, како е направен и како е направена контролата. Потребно е додаде тој, да се направат два контролни теста за утврдување на негативен резултат.

Уште два пункта во Скопје ќе се отворат за земање брисеви и тоа во поликлиниката Чаир и во Млин Балкан, како и уште два пункта низ државата. Досега работат 14 пунктови. Пациентите и во овие нови пунктови ќе се пријавуваат за земање брис преку матичните лекари.

Спремна е подлогата до Клиниката за инфективни болести каде ќе се постави модуларната мобилна болница со капацитет од околу 130 кревети, соодветно опремена со тушеви, тоалети и сува врска со Инфективната клиника.

– Ова се времиња кога никој не треба да биде стигматизиран, никако заболените, а особено луѓето кои што се во карантин зашто тоа се здрави луѓе. Тие се сместени во солидни услови. Сите се прегледани, постои алгоритам според кој се постапува со нив. Досега нема никој од нив заболен од вирусот ковид-19. Има неколку лица кои се заболени од обична настинка. Тие не претставуваат никаква опасност ниту за непосредната околина ниту за кои луѓето, тоа се сосема здрави лица кои мора да поминат 14 дена во самоизолација – рече Филипче.

Министерот информира дека пациентот кој бил примен во болницата „8 Септември“ вчера е префрлен на Инфективната клиника и дека во таа болница сега нема ниту еден пациент со ковид-19.

Филипче се заблагодари на сите кои досега донираа на Министерството за здравство за која цел е отворена донациска сметка, која ќе биде јавно објавена во следните денови, како и листата на донатори.

Поврзани содржини