ФИЛИПЧЕ БАРА НОВА ЛИДЕРСКА СРЕДБА СО МИЦКОСКИ Идејата му е како да се фател возот за ЕУ
Сметам дека се многу јасни пораките на претседателот на Европскот Совет Антонио Кошта и на еврокомесарката Каја Калас, дека сега е моментот ние да фатиме чекор со Црна Гора и со Албанија, вели Филипче.
Претседателот на СДСМ денеска побара лидерска средба со премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на која ќе се разговара за евроинтегративниот пат на Македонија и покрај тоа што од владејачката партијата вчера соопштија дека не прифаќаат нова средба.
– Жалам што премиерот веднаш ја одби средбата, без детално да ја образложам. Кога разговараме за некои битни точки за кои е потребен национален консензус, а живееме во мултинационално и мултикултурно општество, на тие прашања мора да им се пристапи многу сериозно. Очигледно е дека некои работи многу различно ги читаме и можеби различно ги толкуваме. Ако лебди прашањето дека Историската комисија може да е пречка во евроинтеграртивниот процес после уставните измени, а во протоколот 2 јас сметам дека тоа никаде не е услов, туку напротив, владите ја охрабруваат работата на Историската комисија и сите одлуки таму се носат со консензус и мора да се согласат двете страни со одлуките пред да се разгледуваат следните точки на дневен ред, сметам дека треба да седнеме и да разговараме – рече Филипче.
Сметам дека се многу јасни пораките на претседателот на Европскот Совет Антонио Кошта и на еврокомесарката Каја Калас, дека сега е моментот ние да фатиме чекор со Црна Гора и со Албанија, додаде тој.
– Тие со крупни чекори чекорат напред и очекувањата се дека за 2 до 3, максимум 4 години можат да се на прагот на ЕУ. Така што, прво, на средбата може да разговараме за тој момент на толкување на протоколите. Понатаму, еве во јавноста излегува предлог од претседателката Гордана Сиљановска Давкова за можноста да се разговара и за некој нов протокол. Третата работа е да најдеме начин да се модифицира работата на Историската комисија, да побараме да присуствуваат и да учествуваат странски експерти. На пример, луѓе коишто имаат искуства во своите земји, на пример Германија со Полска, Германија со Австрија, така што има простор за работа. Сметам дека е најлошо да не се обидеме ништо да направиме. Јас ќе продолжам да апелирам, да бидам конструктивен, да изнаоѓам предлози за кои би разговарале, затоа што ова е работа за којашто сепак лидерите на најголемите партии треба да седнат заедно во овој временски период. Затоа што сега во ЕУ има расположение да се поддржи овој процес, а тоа го гледаме по примерите на Црна Гора и на Албанија – рече Филипче.
Тој додаде дека според него разговорот е единстен начин да се решат нерасчистените прашања.