Филипче: 28-годишна девојка е во болница поради згрутчување на крвта откако се вакцинирала со „АстраЗенека“

Станува збор за тромботична реакција како резултат на вакцината, а се јавува само кај помладите луѓе. Се работи за исклучително мал број случаи, но ние сепак сакаме да сме претпазливи, рече министерот за здравство.

1,257

Ние одлучивме да бидеме крајно внимателни со вакцината на „АстраЗенека“ и во таа смисла ќе чекаме официјална потврда за тоа дека оваа вакцина е безбедна, па нема да ја започнеме имунизацијата врз помладите граѓани сè додека не ја добиеме потврдата, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Тој посочи дека 28-годишна девојка од Македонија, која минатата недела се вакцинирала со „АстраЗенека“ во Србија, во моментов лежи во болница поради тромботичен ефект, најверојатно предизвикан од самата вакцина.






– Има регистрирано еден случај на 28-годишна девојка која се вакцинирала со „АстраЗенека“ во Србија, а која од вчера е на болничко лекување поради тромботичен ефект. Проблемот се појавил 6 до 7 дена по вакцинацијата, а кај девојката не се констатирани претходни заболувања. Токму затоа решивме да бидеме претпазливи и нема да продолжиме со вакцинацијата на помладите луѓе сè додека не добиеме потврда дека оваа вакцина е безбедна. Станува збор за тромботична реакција како резултат на вакцината, а се јавува само кај помладите луѓе. Се работи за исклучително мал број случаи, но ние сепак сакаме да сме претпазливи. Еден дел од граѓаните се вакцинираше во Србија, но засега нема препораки дека нешто превентивно треба да се прави ако некој примил една доза од вакцината. Во однос на ревакцината, сите граѓани коишто се вакцинирале ќе бидат ревакцинирани согласно препораките – рече Филипче.

Ризикот да се зарази човек од ковид-19, додаде тој, е многу поголем од ризикот да се појават несакани ефекти од вакцината.

– Додека нема да сме сигурни, нема да ја започнеме вакцинацијата на останатите групи граѓани. Сите што сте вакцинирани, нема простор за паника. Не треба ништо превентивно да се прави. Несаканите ефекти не се јавуваат кај повозрасните граѓани, туку само кај помладите – рече Филипче.

Тој рече дека одлично тече процесот на вакцинација на повозрасното население кој започна и дека сè е добро организирано.

– Нема никакви проблеми, организацијата е одлична. Уредно се обележани сите места каде што се врши имунизацијата. До овој момент, околу 20 отсто од пријавените не се појавиле на пунктовите за вакцинација, но засега е премногу рано за да се каже колкав ќе биде тој процент – рече Филипче.

На прашањето дали Македонците ова лето ќе можат да се сончаат на грчките плажи, министерот одговори дека утрово добил информација дека Грција планира да ги отвори границите на 14 мај.

– Имаме честа комуникација со грчкиот премиер за здравство и со грчкиот министер за туризам, а денеска добив информација дека Грција планира да ги отвори границите на 14 мај. Но, ќе биде задолжително да се прикаже потврда за вакцинација или негативен ПЦР тест – истакна Филипче.

Поврзани содржини