Фармерите легално ќе продаваат од дома, АХВ со правилниците директно на терен
Подзаконските акти носат и новини. Прв пат е регулирано колењето на животните директно на фарма за што производителите ќе можат да користат услуга од мобилни кланици кои ќе треба да бидат одобрени од Агенцијата за храна и ветеринарство
Фармерите и малите производители ќе можат да ги пласираат своите производи до крајните потрошувачи со додадена вредност без да зависат од откупувачите. Но, притоа, мора да ги исполнуваат соодветните хигиенски и безбедносни критериуми за производство и ставање во промет на храна.
Ова го предвидуваат двата правилника за директно снабдување што ги донесе Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и кои од денеска ќе бидат промовирани директно меѓу производителите, на терен.
Во промоцијата, покрај инспекторите за храна и официјалните ветеринари, вклучени се и советниците од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ) од Битола.
– Целта на правилниците е малите производители на храна од животинско и од неживотинско потекло легално да се вклучат во системот за безбедност на храната и да ги продаваат своите производи. Покрај безбедност, со овие подзаконски акти се воспоставува и следливост на производите, а се олеснува и ставањето во промет на мали количини производи, без да се нарушува или доведува во прашање ниту безбедноста на храната, ниту здравјето на потрошувачит – рече директорот на АХВ, Зоран Атанасов.
Според него, деталното регулирање на ставањето во промет на мали количини производи од животинско потекло како што се месото, млекото и нивните преработки, консумните јајца, рибата, дивечот и други, како и на мали количини преработени примарни производи од неживотинско потекло и храна со традиционални карактеристики, претставуваат основа за развој на малите производители на храна, и поттик за развој на семејните бизниси и во недоволно развиените производствени региони во земјава, за зачувување на традиционалниот начин на производство на производи карактеристични за одредени региони.
– Подзаконските акти носат и новини. Прв пат е регулирано колењето на животните директно на фарма за што производителите ќе можат да користат услуга од мобилни кланици кои ќе треба да бидат одобрени од Агенцијата за храна и ветеринарство, се регулира и ставањето во промет на месото од дивеч, кое ќе може да се обработи во мали објекти за таа намена, а отворена е и можноста за легална продажба на млекото од малите фарми преку млекомати. Уреден е и пласманот на пазарот на мали количини производи како што се разни слатка, мармелади, преработки од зеленчук и традиционални прехранбени производи од неживотинско потекло, потенцира директорот.
Двата правилника АХВ ги подготви во соработка со невладиниот сектор, науката и државните институции непосредно вклучени во синџирот на храна.
– Апелираме до производителите кои ги исполнуваат критериумите од овие два подзаконски акти да се регистрираат како оператори за директно снабдување и да станат дел од системот за контрола на безбедноста на храната зошто тоа е нивна законска обврска. За оваа цел, потребно е да се обратат до подрачните единици на АХВ, за што совет за условите за регистрација можат да побараат и од инспекторите за храна и официјалните ветеринари и од советниците на Агенцијата за поттикнување
на развојот на земјоделството – дополни заменик-директорот на АПРЗ, Борче Петковски.
Според раководителот на Секторот за рурален развој во Министертвото за земјоделство, Трајан Димковски, производители преку овие правилници легално ќе имаат можност за преработка и доработка на своите производи. Ваквите, практично старт-апи или почетни бизниси на земјоделците, ќе бидат дополнително субвенционирани од државата со грант од 10.000 евра во опрема.
– И денес кај нас има производители што продаваат сирење или млеко директно на фарма, но кога зборуваме за такви производи сето тоа оди на црн пазар. Тоа е онаа сива економија во која се нема контрола. Не зборуваме дека таквиот производ не е безбеден, туку операторот со храна што ќе се регистрира во системот на АХВ веќе подлежи на контроли и неговото производство се следи што, пак, дава сигурност дека потрошувачот купува безбедна храна. Но, многу е битно дека и земјоделецот тоа ќе може да го продава не само директно на купувачи кај него, туку и во локални ресторани, локални продавници. Тоа ќе му овозможи поголеми приходи што е и крајната идеја – рече Димковски.
Ваквото искуство, додаде, е веќе пракса во европските земји.
– Кога е овозможено да се продава легално „од праг“, односно од фарма, ќе има објекти кои ќе се прилагодат и туристички, ќе нудат сервис за храна преку понуда токму на оваа локална храна, од малите производители – рече Димковски.
На интернет страницата на АХВ е објавен Водич за потребните услови за почнување со работа на примарни производители и објекти од мал обем на производство кои ставаат во промет храна од животинско потекло.