„ФАЈНАНС ТИНК“ ГИ ДЕТЕКТИРА ФАЛИНКИТЕ ВО БУЏЕТОТ Нереален раст и надувани и несоодветно распределени капитални расходи

Според Finance Think, владата и овој пат не успеала да ги сведе на минимум непродуктивните трошења.

281

Институтот за економски истражувања и политики Finance Think во анализата на предлог буџетот за 2022 година забележува дека владата и овој пат не успеала да направи буџет кој ќе ги надмине слабостите утврдени при планирањето на државната каса во изминатиот период. Според експертите на Институтот, буџетот е планиран на нереална стапка на раст на економијата, а направена е и несоодветна распределбата на капитланите инвестиции, односно парите повторно завршуваат кај институциите со докажан низок капацитет на реализација наспроти другите.

Експертите од Институтот оценуваат дека е преоптимистичка планираната стапка на раст на економијата.






– Со оглед на вкупните неизвесности од продолжениот ефект од пандемијата, енергетската криза која ќе влијае врз потенцијалот за инвестиции од фирмите и за потрошувачка кај граѓаните, заедно со притисоците врз цените, ја прават оптимистичка проекцијата за реален раст на БДП од 4,6 отсто во 2022 година, вградена во креирањето на Буџетот.

Според нив, тоа ќе направи проблем, ако не се оствари проектираната реална стапка на раст.  Тогаш ќе се поткопа планираниот обем на даночни приходи, што како ризик е идентификуван  и во буџетскиот документ.

– Сепак, и во вакви околности, напорите за фискална консолидација и сведување на буџетскиот дефицит во разумни рамки се коректни – оценува Finance Think.

Според Finance Think, владата и овој пат не успеала да ги сведе на минимум непродуктивните трошења.

– Најгломазната категорија во буџетот, социјални трансфери, бележи реален пад поради ценовниот ефект, иако расте во номинален износ. Сепак, расходната страна не ги рефлектира или тоа не го прави на убедлив и видлив начин, заложбите во буџетскиот документ за намалување на непродуктивните трошења, посебно во две ставки кои се пропулзивни на непродуктивно трошење: „стоки и услуги“ и „субвенции и трансфери“. Во реални износи, овие ставки се слични на нивото од пред пандемијата, а нивната структура останува „црна кутија“ и покрај повеќегодишните укажувања на експертската јавност за поголема транспарентност во овој сегмент – посочуваат од Finance Think.

Оценка на експертите на Finance Think, е дека во проекциите на буџетот има значајно надувување на капиталните расходи (реален раст од 20,8 отсто),

– Во структурата на капиталните расходи, како што стои во анализата, сите ставки бележат раст, освен расходите за купување мебел и вложувања и нефинансиски средства. За разлика од претходните години, купувањето опрема и машини и капиталните субвенции за претрпијатија и невладини организации имаат значаен реален раст што претставува прва индикација за развојниот карактер на буџетот. Но, ефектот од капиталните инвестиции врз економијата не зависи само од тоа на кој начин ќе се испланираат, туку и на кој начин ќе се потрошат – велат од Finance Think.

Оттаму велат дека очекуваат при првиот ребаланс дел од капиталните инвестиции да се скратат, што е практика.

Институтот оценуваат дека вака дефинираната структура на капитални инвестиции укажува на развојност на буџетот, но, сепак, не очекуваат негово реализирање со оглед на спорниот капацитет на институциите да ги реализираат.

– Со оглед на неизвесноста од пандемиската и енергетската криза, очекуваме значајно надолно корегирање на „развојните“ ставки со првиот ребаланс. Притоа, капацитетот за реализација на капиталните инвестиции останува ограничен. Капиталните инвестиции во БДП достигнаа максимум и опаѓаат во последните години, што го потврдува ограничениот капацитет на апсорпција на капиталните инвестиции. Дополнително, уделот на капиталните инвестиции во БДП се движи од 2,5 отсто до 3,7 проценти кога реализацијата достигнува максимум од скоро 85 отсто. Оттука, дури и при оптимистичко планирање, процентот на реализација на капиталните инвестиции ќе биде помал како што уделот на капитални инвестиции во БДП го достигнува својот максимум – посочува Finance Think.

Оттука Институтот предлага да се најдат причините за ограничениот капацитет на институциите за реализација на капиталните инвестиции.

– И покрај бројните укажувања на експертската јавност, Владата не понуди анализа на пречките кои оневозможуваат целосна реализација на капиталните расходи, ниту евентуален акциски план за надминување на овие ограничувања. Гледано според институционални „тесни грла“ институциите со најголем „капитален товар“ имаат реализација под просечната реализација на сите институции (44 отсто), со исклучок на Министерството за земјоделство, Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и Министерството за економија. Тоа укажува на ограничени внатрешни ресурси при реализација на капиталните инвестиции – велат од Finance Think.

Оттаму забележуваат што при проектирањето на буџетот повторно се прави грешка и на институциите кои не успеваат да ги реализираат капиталните инвестициите им се одобруваат некколкукратно повеќе пари од другите.

–  На пример, Министерството за животна средина и просторно планирање има реализација од 12 отсто и зголемување на капиталните инвестиции во новиот буџет од 79 отсто. Исто така, Министерството за надворешни работи има реализација од 16 отсто, а зголемување на капиталните инвестиции од 300 отсто. Дополнително, институциите со низок „капитален товар“ имаат ниска реализација, што може да укажува на препознаена неефикасност во нивното работење. Оттука, Министерството за финансии е неопходно да понуди подлабинска анализа за ефикасноста на механизмот за поттикнување на извршувањето на капиталните расходи, наместо само да го декларира неговото постоење. Исто така, потребна е подетална анализа и идентификација на проблемите со кои се соочуваат одделните институции при реализацијата на капиталните инвестиции – велат од Finance Think.

Поврзани содржини