Евроскептицизам и балканска корупција
Ѓаволот сигурно нема да се откаже од од своите вешти трикови, независно кој ќе поверува во неговото постоење. Но скептицизмот бил и ќе остане начин на кој луѓето ќе продолжат да се спротивставуваат на такавата – измама.
„Највештиот блеф на Ѓаволот“, напишал Бодлер, „е да нѐ убеди дека не постои“. Истото веројатно би можело да се рече и за политика во која стравот да се изгуби е поважен од храброста да се победи. Македонија се соочи со таква лажна пукнатина во ѕидот, која Бугарија навидум сака да ја подотвори кон својот западен сосед.
Софија постојано брза, пред сите други, да се прикаже во светлина на најголем поддржувач на европерспективите на Македонија, и на Западен Балкан, а од друга страна упорно настојува „добрососедски“ да ги убеди Македонците, дури и по цена на жестоки провокации и навреди на македонското национално достоинство, дека нема никаков непријателски гест во грубите бугарски обиди за негирање и „присвојување“ на македонскиот идентитет, јазик и историја.
Бугарската политика кон Македонија повторно ги потврди сознанијата дека на Балканот тешко се промовираат и заживуваат цврсти идеи за унапредување на добрососедските односи и толеранција, во регионот кој во изминатите неколку децении всушност и не се прослави со ништо посебно во јакнењето и афирмирањето на „европската идеја“, на заедничкиот европски дом кој може да функционира оптимално доколку во него има место за сите.
Но Бугарија е една од членките во која испитувањата на Евробраметар покажуваат дека меѓу населението и понатаму има релативно висока поддршка на членството во ЕУ, и покрај тенденциите на растечки популизам и ЕУ-скептицизам. Причините за масовните протести во Софија не се директно поврзани со ЕУ и Брисел, но се случија како силно изразување на незадоволството поради нарушеното владеење на правото, економските проблеми и раширената корупција, пред сè поради злоупотребите на енормни средства што се слеваат во Бугарија од европските развојни фондови.
Бугарската министерка за земјоделие Десислава Танева беше откриена во обидот да ги замолчи критиките против злоупотребите на европски пари. Повеќе медиуми во Европа пред извесно време објавија дека Танева на тајна снимка била фатена како повикува бугарски фармери да не зборуваат отворено за проневери и измами. „Зарем ќе се фалиме какви преваранти сме? Во таков случај ЕУ ќе ни го запре финансирањето веќе утре!“ Танева се бранеше дека била мета на политички напад, со класична изјава дека зборовите ù биле „извлечени од контекст“. Но појасен од ваков контекст – здравје!
Бугарија повеќепати доби жестоки критики од ЕУ поради лошите резултати во борбата против корупцијата, и тоа најмногу поради низата коруптивни скандали кои ја доведуваат владата на најсиромашната и најкорумпирана земја-членка во врска со злоупотреби на ЕУ-средства. Демонстрантите во Софија, меѓу кои сигурно има и голем број „евроскептици“, добро го знаат тоа.
Премиерот Бојко Борисов сега се фали дека ЕУ ќе ја „затрупа“ со пари Бугарија. Издвоени се 29 милијарди евра за да се ублажат последиците од пандемијата во Бугарија. Едновремено, многумина во Брисел се обидуваат да укажат дека се неопходни поефикасни механизми за контрола и следење на текот на парите од европските даночни обврзници, бидејќи не се намалуваат стравувањата дека вакви огромни трансфери, не само во Бугарија, туку и во други земји-членки од Источна и Централна Европа, во кои корупцијата во последните години постојано се зголемува, всушност повторно ќе ги раздразнат функционерските и бизнисменските апетити за „лов во матно“, со рацете пикнати длабоко во вреќи со европски пари.
Кога се зборува за евроскептицизам, според некои аналитичари, овој поим е делумно и проблематичен, со оглед дека се отвора прашањето дали е соодветно користење на изразот „скептицизам“ кога станува збор за критички гледишта на граѓани за различни политички прашања. Токму затоа, иако поимот евроскептицизам најчесто означува оспорување на европскиот интеграциски пројект, сепак се сфаќа и како делумно чудно етикетирање на народното незадоволство. Бидејќи не е воопшто сигурно дека значењето на евроскептицизмот е нешто што всушност се сфаќа доволно јасно.
Во секој случај, членството во ЕУ на најширок план се доживува, а што е и разбирливо, како можност за економски развој, подобрување на животниот стандард, отворање на нови работни места и запирање на масовното иселување. Растечкиот евроскептицизам, пак, ја оспорува егзистенцијата и кредибилноста на европскиот пројект, наспроти напорите во исто време да се зајакнат програмите насочени кон поттикнување на заедничко чувство за еден европски идентитет.
Што се однесува до Македонија, таа е несомено дел од општата атмосфера присутна околу евроинтеграциите во поширокиот регион. Факторот кој посебно влијае негативно е токму корупцијата, имајќи предвид дека Македонија продолжува да тоне на светските ранг-листи. Но најновата анкета на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ покажува дека и во Македонија е во пораст евроскептицизам, пред сè како резултат на заканите од губење на идентитетот, при што еден од заклучоците кои се презентираат и што посебно би требало да загрижува, е дека третина од младите во Македонија се против членството во Унијата.
Но многумина млади во Македонија, соочени со никакви или можеби минимални изгледи да обезбедат перспектива дома, својата иднина зачестено ја гледаат преку иселување токму во ЕУ, односно во нејзините развиени западни членки. Прашање е затоа каков вид евроскептицизам се зголемува во Македонија поради долгото чекање пред вратите на ЕУ? А и ако веќе се смета дека тоа е контра ефект поради споровозноста на евроинтеграциите, тогаш останува нејасно дали евентуалното продлабочување на евроскептицизмот се случува поради тоа што македонските граѓани за иднината на својата земја гледаат и некаква – друга алтернатива.
Ѓаволот сигурно нема да се откаже од од своите вешти трикови, независно кој ќе поверува во неговото постоење. Но скептицизмот бил и ќе остане начин на кој луѓето ќе продолжат да се спротивставуваат на такавата – измама.