ЕВРОПСКАТА УНИЈА ЗА ПРВПАТ ПО ТРИ ГОДИНИ ВЛЕЗЕ ВО ТРГОВСКИ ДЕФИЦИТ Увозот го надминал извозот за 21,8 милијарди евра
Дефицитот во категоријата енергенси е зголемен од 71,3 милијарди евра во првиот квартал на дури 101,1 милијарда евра во второто тримесечје, што осетно влијаеше врз вкупниот резултат.
Европската Унија во второто тримесечје од 2026 година забележа трговски дефицит од 21,8 милијарди евра, што е прв минус по три години, покажаа податоците на Евростат објавени денеска.
Според извештајот, Европската Унија од април до јуни од земјите надвор од Унијата увезла стока вредна 701,8 милијарди евра, додека извезла стока во вредност од 680 милијарди евра. За разлика од првиот квартал од 2026 година, кога трговскиот биланс беше во суфицит, увозот во второто тримесечје порасна значително побрзо од извозот.
Во однос на првото тримесечје од 2026 година, извозот на ЕУ е зголемен за 5,4 проценти, односно за 34,9 милијарди евра, додека увозот порасна дури за 9,9 проценти, односно за 63,4 милијарди евра.
Дефицитот во категоријата енергенси е зголемен од 71,3 милијарди евра во првиот квартал на дури 101,1 милијарда евра во второто тримесечје, што осетно влијаеше врз вкупниот резултат, се вели во извештајот. Покрај тоа, зголемени се и дефицитите на ЕУ во трговијата со суровини и останати индустриски производи.
Истовремено, суфицитот на Европската Унија во трговијата со машини и возила е намален од 24,9 милијарди на 23,2 милијарди евра, додека суфицитот во останатата стока падна од 11,6 милијарди на 9,1 милијарда евра.
Суфицитот во трговијата со хемикалии, наспроти тоа, е зголемен од 47,1 милијарда на 54 милијарди евра, додека вишокот во трговијата со храна и пијалаци порасна од 10,7 милијарди на 11,5 милијарди евра, наведува Евростат на својата веб-страница.