Еве зошто Јужна Кореја е шампион во справување со коронавирусот

Јужна Кореја покажува дека Ковид-19 може да биде победен со паметно, агресивно јавно здравје. Што значи тоа?

4,246

Без разлика како ги гледате бројките, една земја во светот се издвојува од останатите – Јужна Кореја, пишува „Њујорк Тајмс“, во обемната статија во која се објаснува зошто оваа земја е шампион во справувањето со кризата.

Скот Готлиб, поранешен комесар на американската Управа за храна и лекови (FDA), постојано ја спомнува Јужна Кореја како модел, пишувајќи на Твитер: „Јужна Кореја покажува дека Ковид-19 може да биде победен со паметно, агресивно јавно здравје“.






Што значи тоа?

Првата лекција – дејствувајте брзо, пред да биде криза

Кон крајот на февруари и во почетокот на март, бројот на нови инфекции со коронавирус во земјата експлодираше од неколку десетици, на неколку стотици, па на неколку илјади. Пикот беше кога медицинските работници идентификуваа 909 нови случаи за еден ден, 29 февруари. Земјата со 50 милиони жители беше на работ да биде совладана. Но, помалку од една недела подоцна, бројот на нови случаи се преполови. Во рок од четири дена, повторно се преполови. И повторно следниот ден.

Во неделата на 22 март, Јужна Кореја објави само 64 нови случаи, најмалку во скоро еден месец, додека заразата во други земји продолжува да расте со илјадници случаи дневно, со уништени здравствени системи и економии. Додека Италија бележеше неколку стотици смртни случаи дневно, Јужна Кореја немаше повеќе од осум на ден.

Јужна Кореја е една од само две држави во светот што успеаја да ја „исправат“ кривата на нови инфекции. И земјата го стори тоа без драконски ограничувања на говорот и на движењето, како во Кина, или со економски штетни ограничувања како оние во Европа и САД.

Статијата на „Њујорк Тајмс“ објаснува како е сторено тоа. Првата научена лекција е – брзо интервенирајте, пред да биде криза. Само една недела откако беше констатиран првиот случај во земјата кон крајот на јануари, владините претставници се состанаа со претставници на неколку медицински компании. Тие ги повикаа компаниите веднаш да започнат со развој на короравирусни тест-комплети за масовно производство, ветувајќи итно одобрување.

За две недели, иако потврдените случаи на Јужна Кореја беа со двоцифрена бројка, илјадници комплети за тестирање се испраќаа секој ден. Земјата сега произведува 100.000 комплети на ден, а официјалните претставници велат дека се во разговори со 17 странски влади за извоз на истите.

Тестирај, тестирај, тестирај…

Јужна Кореја тестираше многу повеќе луѓе за коронавирусот од која било друга земја, овозможувајќи да се изолираат и да се лекуваат многу луѓе брзо откако ќе бидат заразени. Земјата има спроведено над 300.000 тестови, по глава на жител 40 пати повеќе од САД.

За да не се преоптоваруваат болниците и клиниките, отворени се 600 центри за тестирање, дизајнирани да направат што е можно побрзо скенирање на што е можно повеќе луѓе – и да ги чуваат здравствените работници безбедни со минимизирање на контакт. На 50 т.н. возни станици, на пример, пациентите се тестираат без да ги напуштат своите автомобили. Ним им се дава прашалник, се врши далечинско скенирање на температурата и им се зема брис на грлото. Процесот трае околу 10 минути. Резултатите од тестот обично се враќаат по неколку часа.

Неуморни јавни пораки ги повикуваат Јужнокорејците да побараат тестирање ако тие или некој што го познаваат развиваат симптоми. Од посетителите од странство се бара да преземат апликација за смартфон, за самопроверки на симптомите. Канцелариите, хотелите и другите големи згради често користат термички фотоапарати за да ги идентификуваат луѓето со треска. Многу ресторани ги проверуваат температурите на клиентите пред да ги прифатат.

Заразените се следат електронски и немилосрдно

Кога некој тест ќе се покаже позитивен, здравствените работници ги истражуваат неодамнешните движења на пациентот, за да пронајдат, да тестираат и, доколку е потребно, да се изолира било кое лице што било во контакт со заразениот. Здравствените службеници ги следат движењата на пациентите користејќи дури и снимки од безбедносни камери, записи од кредитни картички, дури и податоци за GPS од нивните автомобили и мобилни телефони.

Телефоните на Јужна Кореја постојано вибрираат со предупредувања секогаш кога се откриваат нови случаи во нивните областа во која се наоѓа корисникот. Веб-страниците и апликациите за паметни телефони детално, час по час, понекогаш минута по минута, ги покажуваат рутите на заразените лица, со кои автобуси патувале, кога се качиле а кога излегле надвор, дури и дали тие носеле маски.

Накусо, Јужнокорејците широко прифатија извесно губење на приватноста како неопходна замена за здравјето. Така, луѓето кои имаат наредба да бида во самоизолација, мора да преземат друга апликација, која ги предупредува службените лица доколку пациентот излезе од изолација. Казните за прекршоци може да достигнат до 2.500 долари.

Конечно, преку идентификување и лекување на заразените и со рано одделување на лесните случаи во специјални центри, Јужна Кореја ги одржува болниците слободни за најсериозните пациенти. Стапката на смртност е нешто повеќе од 1 процент, меѓу најниските во светот.

Поврзани содржини