Еве за кого во Хрватска вакцинирањето би можело да биде задолжително
Еден сектор е здравството, вакцинираноста на лекарите е многу добра, мислам дека сме на околу 80 отсто, медицинските сестри и другиот персонал има понизок одзив. Потоа имаме цел систем на социјална заштита и третиот сегмент кој е особено важен, тоа е образованието. Тоа се трите сектори каде ќе гледаме да ја забрзаме вакцинацијата, вели хрватскиот премиер Пленковиќ.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска изјави дека се води расправа за можно воведување на задолжителна вакцинација за три сектори – здравство, социјала и образование.
– Расправаме за тоа – изјавил Пленковиќ во одговор на новинарско прашање дали се планира воведување на задолжителна вакцинација во тие три сектори.
– Пред неколку недели, кога дознавме дека опаѓа интересот за вакцинација со првата доза, поведовме расправа за тоа во јавноста. Во еден период вакциниравме со околу 30.000 дози неделно, а вчера само 5.000 дози – вели Пленковиќ.
Според него, задолжително хоризонтално вакцинирање за сите ќе нема.
– Тоа ниедна земја не го прави, тоа нема ни ние да го правиме. Првата цел е сега на различни начини во јавноста да зборуваме дека е потребна вакцинација. Тоа е голем плус и тоа е добро. На ниво на ЕУ 50 отсто од населението е вакцинирано со две дози. Ние сме на нешто повеќе од 46 отсто со една доза – вели Пленковиќ.
– Шт се однесува за одделни сектори, имаме три сектори кои се посебно индицирани и за нив размислуваме на поинаков начин. Еден сектор е здравството, вакцинираноста на лекарите е многу добра, мислам дека сме на околу 80 отсто, медицинските сестри и другиот персонал има понизок одзив. Потоа имаме цел систем на социјална заштита и третиот сегмент кој е особено важен, тоа е образованието. Тоа се трите сектори каде ќе гледаме да ја забрзаме вакцинацијата – вели Пленковиќ.