„Еурактив“ открива делови од акцискиот план: Бугарија бара отворање и на филијали на нејзините универзитети
Дипломатски извори за „Еурактив“ велат дека Софија има предлози поврзани со железниците и инвестиции на бугарски компании во Северна Македонија.
Бугарија се обидува да ја смени тактиката кон Скопје, откако земјата во декември го блокираше патот на Северна Македонија кон Европската унија, а вчера бугарската министерка за надворешни работи му го презентираше на специјалниот пратеник на земјава за Бугарија Владо Бучковски Акцискиот план за соработка во имплементација на Договорот за добрососедство, пишува „Еурактив“.
Бугарскиот документ, кој се однесува на сите секторски министерства, ќе биде разгледан од властите во Северна Македонија.
Дипломатски извори за „Еурактив“ велат дека Софија има предлози поврзани со железниците и инвестиции на бугарски компании во Северна Македонија. Во планот, според истите извори, има и предлози за отворање филијали на бугарски универзитети во Северна Македонија, а опфатени се и учебниците по историја.
Од бугарска страна, додава „Еурактив“, ќе бидат разгледани предлозите во Акциски план на С Македонија, а потоа двете влади треба да дадат одобрување и тоа би се случило на претстојниот состанок на Заедничката меѓувладина комисија.
Предложениот акциски план е првиот конструктивен чин на властите во Софија, откако вицепремиерот Красимир Каракачанов во септември објави дека треба да се блокира европската перспектива на Северна Македонија, пишува „Еуроактив“.