ЕУ СО ОСТРА РЕАКЦИЈА ПО НАПАДИТЕ НА САД Калас со апел да се спречи нуклеарна ескалација
Министрите за надворешни работи на Европската Унија ќе одржат итен состанок утре, на кој ќе се разговара за новонастанатата ситуација и можните чекори на Унијата.
Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, денеска реагираше на американските воздушни напади врз три ирански нуклеарни објекти, упатувајќи апел за воздржаност и итно враќање на преговарачката маса.
Во објава на платформата Икс (поранешен Твитер), Калас порача дека на Иран не смее да му се дозволи да развива нуклеарно оружје, но и дека сите страни мораат да избегнат понатамошна ескалација.
– Ги повикувам сите страни да се воздржат, да се вратат на преговорите и да спречат понатамошно влошување на ситуацијата – истакна Калас.
Таа најави дека министрите за надворешни работи на Европската Унија ќе одржат итен состанок утре, на кој ќе се разговара за новонастанатата ситуација и можните чекори на Унијата.