ЕУ меѓу геополитичката независност и понижувањето

Како што е познато, претседателката на Европската комисија не само што потпиша договор кој значи дека трансатлантската трговија с отежнува, и дека Европа е принудена да прифати американски царини од 15 проценти, туку во исто време вети дека ќе ги отстрани европските царини и дека ќе го субвенционира купувањето нафта и гас од САД за милијарди евра.

85

Мора да се појави нова Европа, да се обликува независна ЕУ‒ истакна деновиве претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во годишното обраќање пред членовите на Европскиот парламент во Стразбур. Моментот е таков што геополитичката независност на ЕУ, според Дер Лајен, всушност се идентификува како главна задача на Унијата.

Напоредно на таквите пораки, во бројни европски медиуми не стивнуваат коментарите дека во однос на неопходните промени кои се заговараат, не може да се пренебрегне фактот дека ЕУ прифаќа светски поредок каде што одлучуваат силните. На долг рок тоа би можело да биде фатално за ЕУ.






Фокусот во тој контекст посебно се става врз трговскиот договор со американскиот претседател Трамп, кој, како што пишува шведскиот весник „Дагенс нихетер“, беше „чисто понижување“, и дека „не може да се продолжи вака“.

Како што е познато, претседателката на Европската комисија не само што потпиша договор кој значи дека трансатлантската трговија с отежнува, и дека Европа е принудена да прифати американски царини од 15 проценти, туку во исто време вети дека ќе ги отстрани европските царини и дека ќе го субвенционира купувањето нафта и гас од САД за милијарди евра.

Со тоа Дер Лајен беше принудена да ја легитимира сликата на глобалните состојби токму онака како што ги гледа Трамп.

Позицијата на претседателката на Европската комисија сега е значајно нарушена. Состојбата на Унијата, како што таа истакна во говорот пред Европскиот парламент, е полоша од кога било досега, гледано во периодот од финансиската криза во 2008 година.

ЕУ успеа да ги засили своите редови за време на корона-пандемијата, како и по руската инвазија на Украина, при што многумина почна да шират уверувања дека Унијата дури беше на пат да стане голема сила.

Многумина значајни имиња на европската политика се согласуваат во оценката дека таквата илузија сега е распрсната. Поранешниот италијански премиер Марио Монти, на пример, неодмна изјави дека ЕУ не само што прифатила меѓународен поредок во кој владеат силните, туку во исто време самата се става и подредува меѓу слабите.

Министерот за енергетика на Трамп неодамна јасно стави до знаење дека ветените купувања на нафта и гас од страна на ЕУ не се компатибилни со климатската политика на Унијата – и дека трговскиот договор е тој што важи, така што Брисел треба да ги прилагоди законите. Со тоа, барањето не е само да се прифатат царините што Вашингтон ги сака за својот пазар, туку да и се дозволи на американската администрација да ги пишуваат правилата и за европскиот пазар.

Токму затоа, ова не се смета само за понижувачки однос, туку на долг рок е и опасно за функционирањето на Унијата. Зошто би требало ЕУ-членките да се откажат од сопствената суверена моќ во полза на европското наддржавно ниво во Брисел, доколку тоа не е местото каде што се носат одлуките?

Трговскиот договор на ЕУ со САД наиде на бура критики од широко мнозинство во Европскиот парламент за време на дебатата што се одржа неделава. Пратениците од лево кон десно го оценија договорот како неизбалансиран, неправеден и како отстапка под притисоците на САД, па дури и како „капитулација“. Европската комисија од своја страна го бранеше договорот како единствена одговорна опција за избегнување на разорна трговска војна.

Повеќемина европратеници побараа ЕУ да стане построга и да се подготви да ги користи своите одбранбени инструменти на трговската политика, доколку САД не го почитуваат договорот или упатат нови закани. Патот напред е Европскиот парламентот и Советот на ЕУ сега да разгледаат два законски предлога од Европската комисија кои имаат за цел да спроведат делови од договорот. Еврокомесарот за трговија Шефчович апелираше до Парламентот да дејствува одговорно за да не го уништи целиот договор, додека неколку европратеници предупредија дека ќе бараат измени во предлозите.

И покрај критиките, според сознанијата од повеќе извори се очекува мнозинството во Парламентот на ЕУ да ја поддржи главната содржина на договорот меѓу Дер Лајен и Доналд Трамп.

Во најдобар случај, трговскиот договор ќе ѝ овозможи на ЕУ да купи малку време. Но напоредно на тоа се засилуваат и критичките гласови дека натамошното европско понижување не би смеело да продолжи.

Освен во институциите на ЕУ, динамиката добива во интинезитет и на билатерален план меѓу земјите-членки. Шведската министерка за европски прашања, Јесика Розенкранц, деновиве во Берлин имаше средби со својот германски колега Јохан Вадефук. На агендата беа поддршката за Украина, конкурентноста на Унијата и проширувањето на ЕУ. Целта на разговорите беше да се зајакне соработката со Германија во околностите кои шведската министерка ги опишува како сериозен период. Според Розенкранц, ЕУ мора да преземе поголема одговорност за безбедноста и растот на Европа, а соработката со Германија е „исклучително важна“ во овој поглед. Што се однесува, пак, до ЕУ-проширувањето, врз кое во последните години повторно се става акцент како на едно од најважните развојно стратегиски прашања на Унијата, фокусот, пред сè, е насочен кон Украина.

Среде беснеечката војна Украина успеала да покаже извонредна способност да ги спроведе реформите што ги бара ЕУ. Ова е ставот на мнозинството членови на Европскиот парламент, кои силно ги повикуваат ЕУ-членките да започнат формални преговори за членство на Украина. Еврокомесарката Марта Кос беше децидна во текот на дебатата во Европскиот парламент и го повика Европскиот совет да одлучи „да го отвори првиот кластер без понатамошно одложување“.

Но и ова прашање не поминува без разидувања во ЕУ. Иако е присутен голем консензус меѓу доминантните партиски групи во Европскиот парламент, има и остри несогласувања. Членови од левичарската група во дебатата го доведоа во прашање демократскиот статус на Украина и ја обвинија ЕУ за двојни стандарди. А токму таквиот однос на ЕУ, и обвинувањата за двојниот морал на Брисел, мошне често доаѓаат до израз кога станува збор за долготрајната и развлечена „европска перспектива“ на Западен Балкан.

Европратеничката Кинга Гал, која припаѓа на партијата Фидес на унгарскиот премиер Орбан, ја отфрли оценката на Европската комисија, велејќи дека Украина е далеку од подготвена за членство. Таа го опиша забрзувањето на процесот како „политичка грешка со сериозни последици“, нагласувајќи дека таквиот пристап е циничен кон земјите од Западен Балкан кои чекаа многу години.

Цинизам и понижување. Тоа се две нешта кои во овој миг можеби најдобро го отсликуваат нарушениот имиџ на ЕУ.

Поврзани содржини