(Етно)балансирање на тенка жица
Според логиката на која се повикуваат албанските партии, воопшто нема да претставува некакво изненадување доколку се побара државните ресурси наменети за унапредување на односите со дијаспората да се фокусираат во преден план на потребите на иселените Албанци од Македонија, за нивниот јазик, фолклор и културна дејност во странство.
Етничко балансирање и со дијаспората. Албанските партии во Македонија заговараат таква алатка за „соодветна застапеност“ при вработувањето во јавната администрација, така што со кадровската политика според етнички клуч ќе се пресметуваат задолжителни квоти дури и со пребројување на деца родени во иселенички семејства на илјадници километри оддалеченост од Македонија.
И сега некој нека се обиде да објасни дали Македонија навистина не е земја на апсурди, каде што мозаикот на државната власт се склопува според бројноста на ривалите од едната и другата страна на етничките меѓи. За зголемување на сопствената етничка процентуална застапеност во „успешната мултиетничка приказна во Европа“ одеднаш станува важно и нерезистентното население. Грижата за дијаспората, колку неверојатно толку и вистинито, станува толку очигледна.
Според тврдењата на власта, пописот во Македонија беше спроведен исклучиво како статистичка операција, што не можела да биде исполитизирана. Но дали засилените лицитирања со бројките и процентите во насока на создавање прецепција во јавноста за драстичен пораст на една етничка заедница во споредба со опаѓањето на бројноста на друга, пред сé на мнозинското население, не претставува исполитизираност и прилагодување на статистичките бројки според сопствените етнички апетити?
Нема никакво сомневање дека дијаспората, иселената Македонија, воопшто не е оставена надвор од политизацијата на пописните резултати. Веројатно не е далеку денот кога преку ваков симплифициран начин на билдање на процентуалната застапеност, ќе биде побарно државата да го пренасочи фокусот и во однос на јакнењето на врските со иселениците. Околу 66 проценти попишани нерезиденти се Албанци, а само 24 проценти се Македонци.
Според логиката на која се повикуваат албанските партии, воопшто нема да претставува некакво изненадување доколку се побара државните ресурси наменети за унапредување на односите со дијаспората да се фокусираат во преден план на потребите на иселените Албанци од Македонија, за нивниот јазик, фолклор и културна дејност во странство.
Значи, јасно е како бел ден. Според „неисполитизираните“ пописни резултати, Албанците во македонската дијаспора се застапени со речиси три пати поголема бројност од Македонците. Правичната и соодветна застапеност е важна за сите, но сепак е најважна кога треба да се заштитат и исфорсираат сопствените етнички интереси. И тоа во со фокусот на градење на „едно општество за сите“.
Македонија сака да учи од позитивни искуства и да заличи на нормално европско општество. Но во ЕУ никаде не се поаѓа од етничката припадност, или од припадноста кон одредени малцинства или мигрантски групи, за да се воспостави некаква рамнотежа, или правична застапеност, како што тоа се нарекува во Македонија, во јавниот сектор и пошироко на пазарот на трудот.
Тоа, се разбира, не значи дека етничка дискриминација во работниот живот не постои во ЕУ, но основниот критериум е пред сé образованието и компетенцијата, работните вештини. Примена на законски квоти на застапеност според етницитет би го зголемила ризикот од инверзија и преместување на тежиштето на можната дискриминација од една на друга група. Рамнотежата што во таков случај би се постигнала, би била на стаклени нозе.
Поминаа повеќе од две децении откако ЕУ ја усвои т.н. Директива за расизмот, а во врска со спроведување на принципот на еднаков третман на лица, независно од нивната раса или етничка припадност. Кога ЕУ-директивата за забрана на дискриминација стапи на сила во почетокот на 2000-те години, голем број земји-членки се определија за уште поголемо јакнење на обемот на заштитата против дискриминацијата, отколку што тоа се пропишува со директивата.
Сосема е сигурно дека нееднаквостите, вклучувајќи ги и вработувањата и пазарот на трудот, се и понатаму присутни, но во овој контекст најчесто се зборува за правата на поединецот како индивидулани права, а не како нужно колективни права на посебни (етнички) групи.
Заложбите за спречување на дискриминацијата во работниот живот често водат кон резултат со спротивен ефект, така што приоритирање на одделни групи, врз основа на нивните права што произлегуваат од кадровско фаворизирање според принципот на етничка припадност, неминовно водат кон нужно дискриминирање на други групи во општеството за да се постигне посакуваната цел. Токму затоа, компетнцијата и нивото на образвание – а не етничка, или полова припадност – се критериум број еден, за чие исполнување не можат да постојат напречни патишта со етнички пребројувања и хомогенизации.
Во Шведска, каде што често се дебатира за подобрување на претпоставките за поголема застапеност на мигрантите и малцинствата при вработувањата, еден случај пред извесно предизвика пошироко внимание. Шеф на пожарникарска станица избркал двајца вработени кои протестирале дека во нивната станица биле примени необразувани пожарникари, додека тие што се пријавиле на конкурсот со завршено двегодишно регуларно образование добиле негативен одговор.
Отпуштените протестирале, укажувајќи дека би претсавувало голем ризик да работат со колеги кои одвај завршиле некаков курс од девет недели, без оглед што тие биле вработени поради заложбите на раковдните лица да ја зголемат застапеноста на вработини со поинакво етничко потекло од шведското. Шведскиот државен правобранител не само што не го осуди нивното однесување, туку и го пофали начинот на кој протестирале. Зарем несреќникот кај кого избувнал пожар треба дополнително да се изложи на ризик, така што од пожарникарските возила ќе истрачаат некомпетентни пожарникари?
Македонските политички лидери често се обидуваат да ја убедат јавноста дека специфичните решенија врз кои се потпира мултиетничноста на македонското општествено уредување би можеле да бидат пример пошироко во Европа, иако останува недоволно јасно за какви исклучително успешни придобивки станува збор?
Сите дискусии на оваа тема завршуваат со заклучок дека не смее да се дозволи оспорување на загарантираната процентуална застапеност на етничките заедници (пред сè, на Албанците). Инаку ништо од развојот и стабилноста на државата, која и понатаму се потпира врз (етно)балансирање на долга, тенка жица.