Епидемиолошките анкети ќе пресудат кој ќе оди во изолација поради Спасовски

И од Владата и од МВР ни одговорија дека е во тек епидемиолошка анкета за контактите коишто министерот за внатрешни работи ги имал деновиве и дека по ова ќе се знае точно кој ќе добие решение за домашна изолација.

861

Конгресот на СДСМ кој се одржа викендов бил според сите здравствени протоколи и засега ниту некој од раководството на партијата, ни од делегатите не се во изолација. Се чека здравствените работници да ги анкетираат присутните на Конгресот и во зависност од наодите да решат дали и колкумина ќе бидат во самоизолација.

Ова сублимирано е одговорот на генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски за Плусинфо откако министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски објави дека е позитивен на ковид-19. И од Владата и од МВР ни одговорија дека е во тек епидемиолошка анкета за контактите коишто министерот за внатрешни работи ги имал деновиве и дека по ова ќе се знае точно кој ќе добие решение за домашна изолација.






Министерот за земјоделство Арјанит Хоџа, пак, може да здивне. Тој преку порака ни одговори дека тестот покажал дека е негативен на ковид-19.

Николовски вели дека сите активности во седиштето на партијата, секој ден, се одржуваат согласно мерките за заштита од коронавирусот, вклучително и организацијата на дигиталниот Конгрес на партијата.

– Впрочем затоа СДСМ одржа дигитален конгрес, заради заштита на здравјето на делегатите, членовите, медиумите, заради заштита на јавното здравје. Дигиталниот конгрес на СДСМ се одржа во голема просторија со помалку од 30 отсто исполнетост на просторот. Целосно се почитуваше задолжителното носење маска од сите присутни, освен за време на обраќањата, кои беа на драстично поголема дистанца од предвидената, постојана дезинфекција и достапни средства. Сите присутни беа на соодветна и доволна физичка дистанца, со постојано проветрување на просторијата и постојана дезинфекција на микрофоните, говорницата и другите површини во салата. Дополнително пред влезот во салата на сите им беше измерена температура, согласно протоколите. Тоа е видливо и на сите фотографии од конгресот вклучително и во салите каде што присуствуваа делегатите во своите општини. Секаде се почитувани мерките и протоколите за заштита на здравјето – вели Николовски.

За  епидемиолошките анкети, тој упатува на надлежните здравствени установи кои согласно процедурите ќе извршат анкети и согласно резултатите ќе постапат зависно од наодите.

Од Владата велат дека сите контакти на Спасовски биле со почитување на мерките за физичко растојание, носење заштитна маска и избегнување на групирања.

– Седниците на Владата се одржуваат преку видео-конференциска врска. Премиерот Зоран Заев немал директни контакти со министерот, надвор од здравствените протоколи за лична заштита, но ќе направи тест на коронавирус – велат од владината служба.

Поврзани содржини